Кумановци вчера имаа можност да ја разгледаат изложбата на дела од ликовната колонија „Ѓуриште 2018“ која беше отворена во изложбениот салон на Центарот за култура „Трајко Прокопиев“. Пред публиката беа изложени 30-тина дела, што 16-те уметници од повеќе држави ги создавале на колонијата која се одржала во август во околината на манстирот „Раѓање на Пресвета Богородица“ во Ѓуриште и во месната заеница Црнилишта.
– Станува збор за автори од различни генерации, со специфичен ликовен израз. Дел од делата се инспирирани од непосредната околина, а некои имаат свои идеи преточени во дела работени во техниките масло на платно и акрил, изјави Роберт Цветковски, од Центарот за култура.
На колонијата учествуваа автори од Македонија, Србија и Бугарија. Координатор и организатор на ликовната колонија „Ѓуриште 2018“ е Дом на култура „Крсте Мисирков“ од Свети Николе.
Досега изложбата беше презентирана во Крива Паланка и Пробиштип, а во Куманово ќе биде поставена до 20 февруари годинава.