Додека Вилијем Дефо се подготвувал да го игра Винцент ван Гог во филмот за познатиот сликар, направил нешто од што ќе им се крене косата на кустосите. Прелистувал „изгубен“ скицен блок на уметникот од времето додека престојувал во Арл, кога режисерот – американскиот сликар Џулијен Шнабел – го погледнал и го видел со запоседнат израз на лицето.
– Имавме бели ракавици и нежно ја прелистувавме секоја страница, гледајќи во цртежите. А тогаш во еден момент Џулијен ме зграби за раката и тресна со неа по тетратката. Иста сцена како во „Егзорцист“! Се обидуваше да предизвика некаков пренос на енергија, можеби сакаше да нѐ поврзе мене и Ван Гог и мислам дека успеа во тоа – изјави Вилијем Дефо (63) на Филмскиот фестивал во Венеција, каде што филмот „На вратите на вечноста“ се прикажува во главната натпреварувачка програма. Критичарите на Лидо се согласуваат дека Дефо е ист Ван Гог, истакнувајќи го актерот за еден од главните фаворити за наградата. Иако автентичноста на споменатиот блок е доведена во прашање – Музејот на Ван Гог и два водечки експерти и понатаму водат војна – Дефо верува дека станува збор за оригинал.
И Дефо и Шнабел, неоекспресионистички сликар, познат по огромните платна – се најдоа на позната територија кога почнаа да се занимаваат со грозотиите што ги придвижуваат, а често ги прогонуваат големите уметници. Дефо еднаш веќе се фати во костец со демоните кога го глумеше режисерот Паоло Пазолини во 2014 година додека Шнабел го пренесе на големиот екран неговиот голем пријател од њујоршката уметничка сцена – Жан-Мишел Баскијат. Тој не ја сврте главата од пеколот низ кој поминуваше Баскијат пред раната смрт од прекумерна доза хероин. Но, Дефо вели дека филмот за Ван Гог е повеќе од обична биографија.
– Не сакам да го фалам мојот коњ, но ова е едно радикално и емотивно дело и неконвенционално во секој поглед. Не е филм за награди, снимен со „оскар“ на умот. Тоа е приказна за сликањето, за уметникот, природата и духовноста… бидејќи Ван Гог сакал да биде свештеник пред да стане сликар. Мислел дека Библијата е најдобрата книга напишана некогаш – додаде Дефо. Џулијан го учел актерот како да слика во стилот на Ван Гог, а филмот е снимен на вистински локации.
– Додека ги читав писмата на Винсент целосно го променив својот однос кон природата и начинот на кој ги гледам нештата. За време на снимањата на полињата во Арл, во менталната болница во Сен-Реми, каде што Ван Гог пишувал дека слуша врисоци и ужасни завивања на животни ми минуваа морници низ ’рбетот. Го почувствував блиску до себе – изјави актерот.
За разлика од другите филмови за холандскиот уметник, како класикот „Желба за живот“ (1956) со Кирк Даглас, Дефо изјави дека новиот филм ги избегнува „најголемите хитови“ како „Сончогледите“ или приказот на чувствата по кавгите со Гоген.
– Но, не бегавме од она што си го направил себеси. Во еден дел од филмот Винцент нема уво. Фокусот на приказната на крајот од животот на Ван Гог, започнува ноќта пред да го запознае Гоген и да замине во Арл – објасни Дефо. Сцените се снимани во Париз и во Овер-сир-Оаз, каде што Винцент се убил – иако филмот ја поддржува контроверзната теорија дека починал од смртоносните рани настанати додека се борел за пушката со локалните момчиња.