На 24 и 25 мај како специјален гостин на Саемот на книгата во Санкт Петербург ќе учествува нашиот писател Венко Андоновски. На 24 мај ќе учествува на меѓународна тркалезна маса со повеќемина странски писатели, на темата „Перспективите на книжевноста денес“, а на 25 мај е предвиден разговор за делото на нашиот писател, што ќе го води најпопуларниот руски писател во моментов, Евгениј Водолазкин, припадник на истата книжевна генерација како и Андоновски.
Венко Андоновски ѝ е добро познат на руската читателска публика преку преводите на неговите романи, а лани беше и на Саемот на книга во Москва и имаше книжевен портрет во Јасна Полјана. Тој беше и македонски кандидат за престижната Толстоева награда за книжевност во категоријата на странска книжевност (со уште 34 светски познати писатели). Се претстави на Саемот на книгата во Москва со книгата „Азбука за непослушните“, преведена на руски јазик од Олга Панкина. Во Јасна Полјана имаше негов книжевен портрет, на кој говореше Евгениј Водолазгин, истакнат современ руски прозаист, кој и го номинира романот „Папокот на светот“ за престижната светска награда. Со оваа номинација, Андоновски беше еден од двајцата писатели од сите словенски книжевности (покрај Драго Јанчар од Словенија), кој се најде во друштво на далеку пославни светски конкуренти: Каѕуо Исигуро и Јан Мекјуан од Велика Британија, Тони Морисон и Мајкл Канингем од САД, Џонатан Литл од Франција, Амос Оз од Израел, Маргарет Етвуд од Канада, неколку важни автори од Германија и од многу поголеми јазични средини.