Британски музеј ја отстрани бистата на својот основач, кој бил познат робовладетел, наведувајќи го потегот како признание за историскиот однос на музејот со ропството. Сер Ханс Слоан ја финансирал својата колекција артефакти, книги и занимливости со профитот од плантажата за шеќер на неговата сопруга. Непосредно пред неговата смрт во 1753 година, тој ѝ оставил многу од своето богатство на нацијата, кое го сочинува најголемиот дел од она што сега го поседува Британскиот музеј.
Меѓутоа, бистата повеќе нема да биде изложена, наместо тоа ќе биде чувана во безбеден кабинет. Основачот ќе биде опишан како „колекционер и робовладетел“ на знаците, а артефактите прикажани покрај него ќе ја опишат неговата работа во „експлоатирачки контекст на Британската Империја“.
– Го тргнавме од пиедесталот. Не смееме да криеме ништо. Исцелувањето значи знаење. Посветеноста кон вистината, кога станува збор за историјата, е апсолутно клучна, целејќи кон тоа да ја преработиме нашата заедничка, комплицирана и понекогаш многу болна историја. Случајот посветен на Ханс Слоан и неговата врска со ропството е многу важен чекор во ова – истакна директорот на музејот Хартвиг Фишер, за „Телеграф“.
Отстранувањето на бистата на Слоан е дел од бранот промени во Британскиот музеј, кој ќе вклучува признавање на неговите врски со трговијата со робови и империјалистичките акции од кои музејот профитираше. Годинашните протести за правата на црната раса се покажаа како катализатор за системски реформи во историскиот сектор.
Националниот фонд минатиот викенд на своите страници истакна серија објекти што имаат директни или индиректни врски со ропството и колонијализмот, додека, пак, статуата на империјалистот Сесил Родс беше отстранета од изложба на универзитетот „Оксфорд“.