Спектакуларна изведба на балетската премиера „Болеро“ од Морис Равел и гала-концерт донесоа вчеравечер солистите, женскиот балетски ансамбл и Оркестарот на Националната опера и балет под диригентската палка на Бисера Чадловска, на сцената Долни Сарај во рамките на фестивалот „Охридско лето“.
Според генералниот директор на Националната опера и балет, м-р Васо Ристов, програмата со која НОБ настапува на фестивалот е специјално конципирана и прилагодена на условите во пандемијата од ковид-19.
– И покрај пандемијата предизвикана од ковид-19, НОБ е дел од програмата на најреномираниот фестивал во нашата земја, „Охридско лето“. Програмата е специјално конципирана за да може да се изведе во овие специфични услови. „Болеро“ е една нова авантура во балетската уметност и еден нов балетски израз во кореографија на Саша Ефтимова. Подготвивме нова премиера на „Болеро“ која е во согласност со препораките на Комисијата за заразни болести. Тоа е балет под маски, без допир и на дистанца. Сите учесници ги почитуваа здравствените мерки и протоколи уште на самиот почеток кога почнавме да се подготвуваме за учество на фестивалот – изјави м-р Ристов.
Кореографката на балетската претстава, Саша Ефтимова, додаде дека проектот е прилагоден за условите во коишто се наоѓаме, и ќе може да се изведува додека не се смири ситуацијата предизвикана од ковид-19.
– Херојски е што сите уметници прифатија да учествуваат во еден ваков проект зашто мерките се тие и знаеме дека не смееме да избегаме од реалноста во која моментално се наоѓаме. Сметам дека ако успееме со една ваква претстава, нашата иднина како национална куќа, може да опстои со тоа што ќе имаме нови уметнички креации и дела со кои може понатака да работиме додека не се смири ситуацијата – рече Ефтимова.
Пред балетскиот спектакл „Болеро“, НОБ одржа Гала-концерт на сцената „Долни Сарај“. Публиката имаше можност да ужива во прекрасните оперски арии што ги изведуваа сопранистките Сандра Митровска и Катерина Стојановска, на тенорот Ѓорѓи Цуцковски, како и на Владимир Саздовски-бас кои беа придружувани од Оркестарот на Операта и Балетот под диригентство на Бисера Чадловска.
– Морам да истакнам дека годинешното „Охридско лето“ и поканата за нас како уметници е навистина еден фасцинантен мотив за повторно да се вратиме во уметничка форма. Минатата година имавме спектакуларен концерт на фестивалот со оперската пејачка Инва Мула и тоа е момент за паметење, меѓутоа во овие услови на коронавирус, сигурен сум дека на нашата публика ѝ ги стопливме срцата и им ја вративме волјата за живеење и љубовта кон уметноста – рече првенецот на Националната Опера и Балет, тенорот Ѓорѓи Цуцковски, кој ги изведе најпознатите арии од оперите „Кармен“ и „Турандот“ а настапи и во дует од Адријано Лекуврер со неговата колешка, сопранистката Сандра Митровска.
Здравствените протоколи пропишани за вакви настани максимално ги испочитуваа и членовите на Оркестарот на Националната опера и балет кои седеа на соодветна далечина и со заштитни маски, освен уметниците на дувачки инструменти кои е невозможно да музицираат со маски.