Во 14 фестивалски програми ќе бидат прикажани речиси 95 филмови на претстојниот 39. Интернационален фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ во Битола, кој под слоганот „Симнуваме капа“ ќе се одржува од 22-ри до 29 септември.
Во главната програма за трите награди „Камера 300“ (Златна, Сребрена и Бронзена) за најдобар кинематографер ќе се натпреваруваат 12 филмови по избор на селекторот Благоја Куновски-Доре: „Транзит“ (Германија); „Студена војна“ (Полска); „Зимски муви“ (Чешка); „Лето“ (Русија); „Ага“ (Бугарија); „Горење“ (Јужна Кореја); „Фокстрот“ (Израел); „Нико“ (Италија); „Пепелта е најчисто бело“ (Кина); „Недвижен имот“ (Шведска), „Девојка“ (Белгија) и хитот во САД „Црниот кју-клукс-клановец“ на Спајк Ли.
На прес-конференција на која беше соопштена фестивалската програма, Куновски рече дека сите селектирани филмови биле во компетитивните програми на трите најголеми фестивали Кан, Берлин и Венеција и еден од Карлови Вари.
Одлуката за трите награди ќе ја донесе петчлено меѓународно жири кое, рече Куновски, ќе има тешка задача поради силната конкуренција.
Фестивалот во Битола на 22 септември ќе биде отворен со новиот краток игран филм „Љубовникот“ на Игор Иванов-Изи. Првата фестивалска вечер ќе продолжи со проекција на „Истребувач 2049“ во чест на оскаровецот Роџер Дикинс, годинашен добитник на „Златна камера 300“ за животно дело, кој токму за овој филм го доби Оскарот по 13 номинации.
Во чест на вториот годинашен лауреат, италијанската филмска дива со светска кариера Клаудија Кардинале, која во Битола ќе ја прими Специјалната награда „Златна камера 300“, на втората фестивалска вечер ќе биде прикажан филмот „Благородни лаги“. По неодамнешаната премиера во Венеција, во Битола ќе биде прикажан и документарниот филм „Живеење со светлината“ за кинематограферот Роби Милер, кој беше лауреат на ИФФК пред две години, а почина во јуни годинава.
Фестивалот на 29 септември ќе заврши со доделување на наградите од главната програма, а за затворањето ќе биде прикажан краткиот филм „Скаут“ на македонскиот режисер Алекс Цветков кој живее во САД.
Директорката на ИФФК „Браќа Манаки“ Евгенија Теодосиевска рече дека од април интензивно работат на подготовката на фестивалот кој покрај познатите филмски програми годинава ќе има и нова – „Полноќен јавач“ во селекција на Микеле ди Анџелис. Ќе има полноќни проекции на филмски класици – мајстори на хоророт.
Во програмата документарни филмови, селектирани од Теодосиевска и Марија Џиџева, ќе има осум филмови, меѓу кои новиот филм на Вим Вендерс – интригантен филмски портрет на папата Франциско, ЦЕРН – филм за врската меѓу убавината и науката, „Крв и песок“ со дискусија за мигрантската криза…
Кратките филмови се по избор на Даријан Пејоски и Марија Апчевска и во оваа програма ќе има девет остварувања од осум земји. Седум филмови ќе има во програмата „Перспективи на европскиот филм“ во селекција на Слаѓан Пенев, а во ревијалната програма „МК поинт“ во селекција на Ана Василевска ќе има 20 филмови – кратки, документарни и анимирани од македонската продукција.
На прес-конференцијата посветена на програмата на 39. ИФФК беше соопштено и дека годинашен, петти добитник на наградата „Голема ѕвезда“ на Друштвото на филмски професионални на Македонија е актерката Милица Стојанова која ќе ја прими на отворањето на фестивалот на 22 септември.