Во збирката се чуваат и седум енеолитски керамички модели на лебови
Меѓу многубројниот движен археолошки материјал со кој располага Прилепскиот завод и музеј е праисториската збирка во која се наоѓаат и предмети поврзани со духовниот живот, култот и религијата на заедниците што го населувале просторот на Прилеп и околината во времето на енеолитот. Се работи за збирка од култни садови, модели на куќи, култни масички-жртвеници и керамички модели на лебови. Предметите се откриени со археолошки истражувања пред сѐ на локалитети што се наоѓаат на просторот на Пелагонија, како што се: Могила – селото Сенокос, Крушеанска Чука – селото Врбјани, Голем Камен – селото Лопатица, Маркови Кули – Прилеп и Градиште – селото Дебреште, како и Мариово, на локалитетот Трештена Стена – селото Манастир. Некои од нив се добиени и по пат на археолошки рекогносцирања извршени на други локалитети. Интересно е дека кај култните садови се разликуваат два типа, антропоморфни и зооморфни, кои потекнуваат од четири локалитети: Трештена Стена, Голем Камен, Крушеанска Чука и Могила, Сенокос.
– Антропоморфните предмети во себе ги содржат функционалноста и формата на садот, но и визуелните елементи на култната скулптура, поради што и се нарекуваат антропоморфни садови. Врзани за обележјата на одредени религиски предлошки, на некои од садовите им се придаваат функции карактеристични за човечкото тело. На тој начин, овие садови добиваат форма што потсетува на стилизирана фигура на човек, или пак на некои од нив се претставуваат и други анатомски карактеристики што асоцираат на неговото тело. Интересно е и тоа што на значително поголем број од овие т.н. антропоморфни садови се присутни специфични женски атрибути.
Антропоморфните садови најрано се констатирани во времето на неолитот, при што нивната изработка не завршува со неговиот крајот, туку тие продолжуваат да егзистираат во наредните праисториски периоди. Потекнуваат од локалитетите Трештена Стена и Голем Камен – посочува археологот Александар Миткоски.
Набројувајќи ги садовите, тој укажува дека од Трештена Стена потекнува антропоморфен сад во облик на женска фигурина, со пластично назначени гради, раце во вид на извлечени брадавици и со висок цилиндричен врат, кој во горниот дел е со изливник. Од Голем Камен е култниот пехар на висока цилиндрична нога со полутопчест реципиент, косо засечен нанадвор.
– Зооморфните садови се од локалитетите: Трештена Стена, Голем Камен, Крушеанска Чука и Могила, Сенокос. Еден сад од Трештена Стена е со поголеми димензии, во облик на бик со реципиент на грбот, претставен во скок, при што задните нозе му се испружени наназад, како да лебдат во воздух. Во коренот на роговите и долниот дел на масивниот врат се наоѓаат помали кружни отвори, низ кои најверојатно се протнувал конец, со кој садот се влечел по свежо изораната нива. Најверојатно долго бил во употреба во култот на пролетното сеење на житото што се гледа по големата излижаност од долната страна – вели Миткоски.
Од локалитетот Голем Камен во збирката има и фрагментиран култен сад во облик на желка, а од Могила, пак, потекнува еден фрагментиран зооморфен жртвеник во облик на жаба со шупливо тело.
Во музејската збирка има и модели на куќи што се пронајдени на локалитетите од Пелагонија: Каменица, Могила и Голем Камен, а еден од Мариово, од Трештена Стена.
Во збирката се чуваат и седум керамички модели на лебови, од кои шест потекнуваат од локалитетот Трештена Стена. Моделите на лепчиња се јавуваат во две варијанти, како „култни лебови“ и како „култни колачиња“, а најчесто се со кружен или овален облик, при што еден примерок во средината кружно е продупчен.
– За потеклото, улогата и значењето на обредните лебови постојат различни мислења. Обичајот на правење обредни лебови е многу стар, иако постојат несогласувања за тоа дали тие лебови претставуваат жртвени колачи или нивната првобитна функција била врзана за аграрно-магиските обичаи, а дури подоцна ги примиле улогата и значењето на жртва. Моделите на лебови пронајдени на неколку енеолитски локалитети укажуваат на тоа дека автохтоните неолитски заедници што продолжиле да живеат на Пелагонија и Мариово и во времето на енеолитот ја продолжиле традицијата на изработка и на употреба во духовниот живот и на овие неолитски предмети, како и на моделите на куќи и на малите зооморфни жртвеничиња – додава археологот, истакнувајќи дека збирката е вредно културно богатство не само за градот туку и за Македонија.