Браќата близнаци Тони и Емил Шулајковски ќе се претстават со изложба на слики насловена „LEVEL 50“ која вечер од 20 часот ќе биде отворена во галеријата „Акантус“. По 19 години тие повторно прават заедничка изложба за која повод е нивниот 50-ти роденден. Изложбата ќе има педесет дела – по 25 од двајцата уметници.
Ликовната уметница и куратор во „Акантус“ Дијана Томиќ-Радевска во предговорот на каталогот за изложбата наведува дека во сликарството на Емил и Тони Шулајковски може да се открие стилска дефиниција на лирска апстракција и експресија.
-Овојпат се претставуваат заедно, а нивните афинитети ќе ги проследиме заедно и посебно… Нивната генетска блискост ја бараме и во нивното сликарство кое на прв поглед е толку блиско во пристапот, но и исто толку различно. Тоа се разликува во барањето на инспирација, во градењето на композицијата, а во овие зрели години на нивното творештво се разликува и во нивната пигментна и тонска гама – посочува кураторката за изложбата на Шулајковски која ќе може да се посети до 20 март.