По 70 години активно учество во создавањето на современата историја на музиката, на 17 јануари годинава, врвниот пијанист и диригент со светска слава, Владимир Ашкенази, го објави своето повлекување од концертните подиуми.
Русинот со исландско државјанство од 1972 година, а жител на Швајцарија од 1978, е роден во Нижни Новгород во Русија, на 6 јули 1937 година. Пијаното е неговата прва љубов, неговата отскочна штица во светот на славните – на вториот Шопенов конкурс во 1955 година го освоил второто место, идната година бил победник на музичкиот натпревар „Кралица Елизабета“, а во 1962 година го освоил најпосакуваниот медал на секој музичар – победил на натпреварот „Чајковски“ во неговата родна Русија. Оттогаш па до денес тој е еден од најсаканите музичари во целиот свет. Заедно со виолинистот Исак Перлман и виолончелистот Лин Харел ги снимил Бетовеновите пијано-трија и во 1988 година освоил греми за најдобра изведба на камерна музика. Неговите солистички изведби на Шопен, Чајковски и на Шостакович (неговите омилени композитори), благодарение на издавачката куќа „Дека“ се траен спомен, подарок за идните генерации. Стотиците снимени албуми засекогаш ќе сведочат за неговата величина. Илјадниците настапи на сцените низ светот се најголемиот благослов што некој може да им го даде на своите обожаватели. Со срцето полно со музика, со неприкосновената харизма, со својот редок музички сензибилитет, им ги збогати животите на оние што го слушале како свири, го гледале како диригира или имале можност и исклучително задоволство да настапуваат со него.
Во мај 2017 година ја имав честа да свирам под диригентската палка на големиот Ашкенази. Тоа беше искуство што не се заборава. Трепетот на душата додека маестрото води низ морето од музика ја отсликува суштината на она што значи да се биде музичар – музиката станува неопходност, исто како дишењето. Без таа возбуда сиот вложен труд е залуден.
Лада Шоптрајанова Петровска