Меѓународниот ден на архивите го истакнува значењето на архивската професија во современото општество, вели директорот на Државниот архив на Македонија, Емил Крстески
Меѓународен ден на архивите
Вчера архивите и архивистите низ светот го прославуваа 9 Јуни, Меѓународниот ден на архивите, чие одбележување има цел да ги популаризира архивската дејност и улогата на архивот во општеството. По тој повод, директорот на Државниот архив, Емил Крстески, порача дека архивите и архивистите имаат исклучителна вредност во промовирањето на документираното наследство на човештвото.
И оваа година, поради ограничувањата наметнати од пандемијата на ковид-19, Меѓународниот архивски совет организира вебинари и работилници на повеќе теми од интерес на раководствата на архивите и професионалците, а на кои е предвидено да присуствуваат директорот Емил Крстески и други вработени од Државниот архив. Темата на годинешната Меѓународна архивска недела е „Зајакнување на архивите“, а трае од 7 до 11 јуни и вклучува одржување вебинари на кои стручни лица ќе ги споделат своите гледишта во однос на овозможувањето отчетност и транспарентност на архивите, потоа за улогата на соработката и вмрежувањето при јакнењето на работата на архивистите и архивските организации, како и за полесната примена на вештачката интелигенција во архивската практика.
Посебно внимание привлекува специјалниот вебинар „Градењето дигитални мостови: Дигитализација за соработка и поврзување“, чиј коорганизатор е УНЕСКО.
Државниот архив на Македонија, во контекст на одбележувањето на Меѓународниот ден на архивите и 70 години од своето постоење, дава придонес во издигањето на свеста за архивите и промоцијата на заштитата на архивскиот материјал. Документите не треба да бидат тешко достапни ниту, пак, се само за интерна употреба на историчарите.
– Во таа смисла, Државниот архив го поддржува ставот на Меѓународниот архивски совет дека треба да се подобрува мислењето на јавноста за архивите. Нашата институција се вклучува во одбележувањето на Меѓународниот ден на архивите со поставена постојана поставка-хронолошка изложба „Документарното богатство на Архивот во Штип“ во Одделението на Државниот архив во Штип, која го опфаќа периодот од османлиското владеење до ослободувањето на градот. Автори на изложбата се Јасмина Дамјановска и Бранислав Светозаревиќ. Сите заинтересирани граѓани може да ја посетат оваа интересна изложба, која го претставува градот Штип низ помалку познати факти и документи што се значајни за нашата историја – велат од Архивот.
Овој ден има симболично значење, кое е добиено со формирањето на Меѓународниот архивски совет, меѓународна невладина организација чија основна задача е да го унапреди и промовира работењето во архивите и заштитата на светското архивско наследство. Меѓународниот архивски совет поврзува околу 200 држави, со над 1.400 члена, притоа остварувајќи континуирана соработка со УНЕСКО, Советот на Европа и со многу други организации во светот. Овој ден како празник на архивите и архивистите е прифатен на Годишното генерално собрание на Меѓународниот архивски совет, одржано во Квебек, Канада, во 2008 година. Во поново време, Меѓународниот архивски ден прерасна во Меѓународна архивска недела.