КНИГА ПРЕПОРАКА

По препорака од Надежда Чачинович и нејзиниот „Водич низ светската книжевност за интелигентна жена. Корисен и за интелигентни мажи“, напишан со намера да го разбуди читателското љубопитство и да овозможи нов и свеж пристап кон класичните и современите врвни дела од светската книжевност. Опфатени се триесетина автори (од Џејн Остин, Шарлота Бронте, Олдос Хасли, Гистав Флобер, Толстој, Стендал до Вирџинија Вулф, Силвија Плат и Џејмс Џојс), кои на различен начин ги обработувале проблемите на родот и женската еманципација, машко-женските односи и стереотипи

Надежда Чачинович (Будимпешта, 1947) е современа професорка по филозофија на Филозофскиот факултет при Универзитетот во Загреб, социолог, компаративистка, феминистка, авторка и преведувачка на дела и учебници по филозофија, со словенечки етнички корени. Се школувала во Цирих, Берн, Белград, Мурска Собота, Љубљана, Бон и во Франкфурт. Студирала филозофија, компаративна книжевност, историја на уметноста и лингвистика, а докторат по филозофија одбранила во Загреб. Била на студиски престои во Берлин, Париз, Мастрихт и во Копенхаген. Предава естетика, филозофија на културата и филозофија на родот. Беше претседателка на хрватскиот ПЕН-центар, а сега е една од неговите потпретседатели. Членка е на Хрватското друштво на писателите.

Низа значајни женски ликови во големите романи ги создале мажи. Тоа не ги прави помалку значајни, ниту општо ниту за ова наше читање на класиците. Би можеле, меѓутоа, да кажеме дека некои најпознати ликови, како Ема Бовари на Гистав Флобер и хероината во овој роман, се опишани со сосема модерен увид во тешкотиите па и во трагичноста на женската ситуација, но така за да не ги надминуваат тогаш зададените рамки на женскиот живот. Тешкотиите, искушенијата, самозалажувањето и на тоа слично сепак се доволно препознатливи, особено во оваа книга, која е врв на начинот на пишување што, на многу помалку впечатлив начин, го користат романите за разонода. „Сите среќни семејства си прилегаат едно на друго, секое несреќно семејство е несреќно на свој начин“, така гласи првата реченица на овој роман. Станува збор за семејството Облонски, семејство на љубезниот, неодговорен и неверен брат на Ана. Доли (која, како и нејзината помлада сестра Кити, има западњачки прекар) овој пат е доведена до работ на издржливоста зашто станува збор за афера со гувернантата на нивните деца, Французинка. Ана пристигнува од Санкт Петербург каде што живее во брак со угледен висок чиновник со кого има и син, да му помогне на братот да ги премости брачните недоразбирања. Патува со постара госпоѓа, мајка на офицерот Вронски од кој многу се очекува поради вниманието што ѝ го посветува на Кити, сосема засенувајќи го Константин Левин… Со тоа ги наведовме главните ликови, а приказната се разгранува понатаму. Убавата Ана, омажена пред какви било љубовни искуства, покрај Вронски открива поинаков вид чувства. Криењето на односот не е возможно (главата со коњските трки на кои Вронски пред отменото друштво доживува незгода, а Ана ги открива своите чувства е прекрасен пример на вештината на Толстој).

Драматичните заплети во книгата се поврзани со односите во триаголникот, но и со врската помеѓу Левин и Кити. Разводот не е невозможен, но зависи од сопругот, кој со такво попуштање би постапил сосема спротивно од верата, да не зборуваме за другите причини инаку на блескаво опишаниот Каренин, кој ретко си дозволува себеси човечки побуди. Ана и Вронски се одлучуваат на крајот отворено на заеднички живот надвор од бракот. Вронски така е лишен од позивот па неуспешно настојува да се забавува со развивање на своите таленти, а Ана сè повеќе и повеќе пати. Во вообичаеното читање на причините што доведуваат до трагичен крај се наведуваат: како прво нечистата совест заради оставениот син, па постојаната љубомора во врската заснована на тоа дека љубовта е над сè. Самиот Толстој, судејќи по еден дневнички запис, нагласува нешто друго: „Седев во мојата работна соба и ја гледав прекрасната свилена мостра на ракавот од мојата кошула. Си мислев како им паднало на ум на луѓето да ги измислат сите тие мостри и украси и дека има еден цел свет на женски труд, мода, идеи за кои живеат жените. Тоа многу ме разведри и сфатив дека жените го сакаат тоа и да бидат преокупирани со тоа. И наеднаш мислите ми тргнаа кон Ана и така смислив една цела глава. Ана е лишена од сите тие радости во преокупирањето со женската страна на животот, затоа што е сама. Сите жени се свртеле од неа и нема никој со кого може да разговара за она што го прави секојдневно, чиста женска дејност.“

„Ана Каренина“ е повеќеслоен роман, но од овие реченици можеме добро да разбереме што ќе мораат денешните читатели да промислат, дали и нашиот свет е поделен на машки и женски. Во денешниот свет прељубниците нема да останат без пријателки: сепак, како е всушност со женската солидарност. Дали мајчинството е над сè? И низа други прашања, кои секому ќе му се наметнат покрај задоволството во читањето.

Превод од хрватски јазик: Весна Ацевска