Филмот „Врба“ во режија на Милчо Манчевски продолжува да го освојува и азискиот дел од светот. Азиската премиера ќе биде на 13 ноември во Тајпеј, Тајван, на еден од најголемите филмски фестивали во Азија.
Филмскиот фестивал „Златен коњ“ во Тајпеј се одржува од 11 до 24 ноември, а Манчевски годинава е еден од тројцата автори во фокусот, и освен премиерата на „Врба“ ќе има и ретроспектива на неговиот опус, а тој ќе одржи и мастерклас.
По премиерната проекција на „Врба“ предвидена е и сесија прашања и одговори со режисерот Манчевски. Филмот ќе биде прикажан уште два пати во рамки на фестивалот, на 14 и 19 ноември.
Во чест на Манчевски како автор во фокусот, ќе бидат прикажани и неговите филмови „Пред дождот“, „Прашина“ и „Мајки“.
Филмскиот фестивал во Тајпеј, кој постои од 1962 и е еден од најстарите во Азија е конгломерат во кој се споени престижните награди Златен коњ за најдобар филм од азиски автор, промоцијата на светските филмови и филмската академија.
„Врба“ својата светска премиера ја имаше на Римскиот филмски фестивал на 19 октомври. Од 1 ноември филмот е на репертоар во скопските кина Синеплекс и Милениум. Филмот се прикажува и во Битола, Штип, Охрид, Кичево, Струга, Прилеп, Крива Паланка, Свети Николе, Од денеска и во Гевгелија. Од 11 ноември ќе се прикажува во Куманово, Радовиш и Неготино, во Виница на 13, во Кочани, Богданци и Македонска Каменица од 14, Крушево 16 и Струмица 25 ноември. За само една недела досега го виделе над 11.000 гледачи.
Филмот е во продукција на „Банана филм“ и е македонско-унгарско-белгиска копродукција, со учество и на Албанија.
Во главните улоги се: Никола Ристески, Сара Климоска, Наталија Теодосиева, Ненад Нацев и на веќе искусната Камка Тоциновски. Покрај нив во филмот играат и Петар Мирчевски, Благој Чоревски, Ратка Радмановиќ, Ана Костовска, Лазе Манасковски, Катина Иванова, Кире Ѓоревски, Адем Карага, Јелена Јованова Периќ и други.