Автопортретите на Лусиан Фројд за љубителите на уметноста се поживи и поинтригантни од брегзит и од Борис Џонсон, ако се суди според возбудата со која се очекува големата изложба во Кралската академија во Лондон кон крајот на месецов. Заедно со изложбата излегува и првиот дел од биографијата на сликарот, дело на неговиот пријател Вилијам Фивер
Сите слики на Лусијан Фројд, како портрети, така и автопортрети, кои ќе бидат изложени во Кралската академија, настанале полека, и по повеќе години. На недовршената, последна слика, работел четири години и којзнае кога би ја завршил ако смртта не била побрза. На 27. месецов лондонската Кралска академија на уметноста поставува голема изложба на делата на Лусијан Фројд и првпат на едно место ги собира исклучиво автопортретите на овој извонреден сликар, кој историчарите на уметноста го сметаат за еден од најголемите уметници на минатиот век.
Истовремено, се очекува и првиот дел од биографијата на сликарот, дело на неговиот пријател Вилијам Фивер, која наскоро излегува и во продажба под наслов „Животите на Лусијан Фројд: Младост“ и која го опфаќа животот на уметникот од раѓањето во 1922 па до 1968 г. кога, според Фивер, завршуваат Фројдовите „немирни млади години“.
Фивер се дружел со Фројд многу години, а во текот на 1990-тите ги снимал своите интервјуа со уметникот и почнал да ги бележи и секојдневните телефонски разговори со Фројд, кој умре во 2011 г. на возраст од 88 години. Фројд имал само еден услов, не сакал книгата да излезе за време на неговиот живот. Својата биографија ја сметал за роман, иако Фивер, според критичарите, се држел подалеку од измислување детали за првите 46 години од животот на Фројд.
Книгата ја прават интересна и приказните за уметникот што настанале во кругот во кој се движел, трачеви и шпекулации, како и бизарни податоци за неговиот сексуален живот. Фројд, всушност колку што е познато, имал 14 деца, иако се зборува за многу поголем број потомци. Се шпекулира дека со голем број жени и љубовници на свет донел дури 40 синови и ќерки. Сите еднакво ги игнорирал за време на животот, исто како и во тестаментот.
Богатството од 96 милиони фунти, што се смета за најголема оставина на еден британски сликар, им го распоредил на својот долгогодишен асистент Дејвид Довсон, кој го сликал и во своето последно недовршено дело, адвокатката Дајана Ровстрон и една од своите ќерки, Роуз Пиарс. Еден од неговите синови, исто така уметник, Пол Мек Адам Фројд, најмладиот од четирите деца што Фројд ги имал со модната креаторка Кетрин Маргарет Мек Адам, го оспори тестаментот, но на суд го изгуби спорот.
– Татко ми навистина не беше татковски материјал. Беше таен и чуден лик. Всушност застрашувачки е да знаеш дека некој може да биде во толкава мера отворено себичен. За повеќето членови на нашето семејство неговите ставови останаа несфатливи и недопустливи – изјави Пол Фројд, кој славниот татко првпат го видел кога имал 24 години.
И тој самиот, меѓутоа има четири деца од кои некои не ги гледа, па на некои „проклетството на Фројдови“ се провлекува повеќе од сто години. На почетокот имено беше Сигмунд Фројд, славниот втемелувач на психоанализата, дедо на славниот сликар, а годинава се одбележуваат 80 години од смртта на контроверзниот, обожуван и оспоруван психијатар, па на некој начин ова е година на Фројдови на европската општествена сцена. Стариот Фројд своевремено рекол: „Големото прашање на кое не бев способен да дадам одговор и покрај повеќедецениското истражување на женската психа е што всушност сакаат жените“. Судејќи според искуството на неговиот внук, жените го сакале Лусијан Фројд. Денес, осум години по неговата смрт, го сакаат сите, особено богатите колекционери. Лани едно негово платно во аукциската куќа „Сотби“ во Лондон се продаде за 22,5 милиони фунти, а веројатно најголемата колекција на негови слики ја има Роман Абрамович.