Една жена во Јапонија е уапсена бидејќи наводно згмечила лепиња во продавница и заминала без да плати. Интересна реакција, особено ако се знае дека кај нас ваквото однесување е секојдневие. Доволно е да погледнеме како секој од нас ги „тестира“ векните леб пред да се реши која да ја купи.
Властите во јужниот град Фукуока потврдија за Би-би-си дека 40-годишна жена е уапсена поради „оштетување“ и се соочува со кривична пријава.
Жената, која изјавила дека е невработена, тврди дека „само ја проверила цврстината со лесно притискање на нејзината рака“, според полицијата. Жената наводно допрела пакет во која имало четири лепчиња од црн сусам и крем сирење.
Иако обвивката била неоштетена, полицијата соопштила дека едната лепиња била оштетена откако ја притиснала со десниот палец и поради тоа целото пакување не можело да се продава.
Сопственикот на продавница во Лосон тврди дека видел жена како „ја гмечи лепињата“, соопшти полицијата. Како што излегувала од продавницата во понеделникот, сопственикот забележал дека лепињата е оштетена и ја повикал да плати, според полицијата. Таа наводно одбила. Продавачот тргнал по неа и ја запрел, пои што била повикана полиција која ја привела.
Инаку, пакетот лепчиња чини нешто повеќе од 1,2 евра.
Последниве години јапонската полиција презела остри мерки и против оние кои извршиле „суши тероризам“ во рестораните каде овој деликатес се служи на подвижни ленти. „Престапниците“ биле фатени како лижат шишиња со соја сос и нагнечуваат суши наменети за гости.