Откако во октомври 2023 година ја издаде својата прва книга наречена „Кичево на пет континенти“, деновиве од печат излезе и второто книжевно дело на Миле-Мајкл Новески со наслов „Патеписи“. Во оваа книга авторот Новески на 180 страници, на сликовит начин ги обележал своите патувања и престој во над 50 земји од светот. Книгата наскоро ќе ја доживее и својата промоција.
Новески е писател аматер кој на постари години почна да пишува со љубов кон раскажувачките случки од неговиот и животот на неговите најблиски, пријатели и познаници. Тој раскажува искрени приказни и автентични случки.
-Книгата со наслов „Патеписи“ ја напишав за период од шест месеци и сметам дека љубителите на убавата книга ќе пројават интерес за моето второ книжевно дело. Инспирацијата за оваа книга ја добив откако пред две години ја напишав својата прва книга „Кичево на пет континенти“ ,што ми беше патоказ да напишам и втора книга во која ќе ги доловам многубројните патувања и престој во дури 50 земји од светот. Оваа книга е лесно профатлива за читателите, брзо се чита и добар дел од нејзините излагања можат да бидат и лични искуства на многу луѓе. Книгата содржи 180 страници и може да се подели во неколку целини, кои обработуваат дел од мојот живот во земјите и градовите каде што сум престојувал или живеел. Секој што ќе ја има оваа книга, ќе биде презадоволен што ја поседува во сопствената библиотека, а секое нејзино наредно чиатње е порив, за уште едно потсетување за она што сум го напишал во моето второ книжевно дело- вели авторот Новески.
Како и при промоцијата на првата книга на 7 октомври 2023 година, и при промоцијата на втората книга на Новески, се очекува бројно присуство на голем број роднини , пријатели и колеги од работа од времињата минати. З.А