Преспанскиот договор, како составен дел и на референдумското прашање, го имаат прочитано исклучително мал процент граѓани. Од друга страна, апелите и од страна на власта и на опозицијата до граѓаните се да се прочита договорот од точка до точка. Во насока на запознавање на јавноста што всушност содржи договорот, ја пренесуваме сеопфатната стручна анализа на професорката Гордана Сиљановска-Давкова, која ја објавуваме интегрално, во форма на фељтон во повеќе продолженија

Гордана Сиљановска-Давкова

Свесни ли сме за терминолошката, но и суштинска конфузија на новото име и името Република Македонија употребено во Уставниот закон за спроведување на Уставот на Република Македонија, каде што нотираме дека Република Македонија е рамноправен правен наследник на СФРЈ со другите републики и дека го презема членството на СФРЈ во меѓународните организации и заедници (член 3)! Да не треба и него да го супституираме со Северна Грција, бришејќи ја, во сталинистички стил, уставната историја!?
Во став 12 на членот 1, се предвидува промена на Преамбулата, членот 3 и членот 49 од Уставот! Како ќе гласаме на референдумот ако не знаеме какви измени договориле, зошто ги нема?

Очекувавме, во согласност со добрите референдумски практики да ги дознаеме сите детали за Преспанскиот договор, вклучувајќи ги и оние за амандманите, ама бомбардирани сме само со пораки за ЕУ и за НАТО, кои ги знаеме и нема потреба да ни ги повторуваат однапред, туку кога ќе дојде времето за тоа: за НАТО, по поканата, а за ЕУ, по завршувањето на преговорите! Па има ли поважни од уставните промени, а ние не знаеме што ќе се менува? Зарем не треба да ги дознаеме пред да излеземе на референдум? На слепо ли ќе гласаме? Да, што би рекол професорот Френсис Бојл: прашањето Ви е како мачка во вреќа, и ако јас, иако експерт по меѓународно право, не би знаел како да одговорам, како ли ќе знаат граѓаните? Јас, пак, како конституционалист повторно се прашувам: нели знаат дека е непознат уставен феномен да менувате Преамбула кога не носите нов устав! Ќе правиме ли правило од преседанот од 2001-та, кога ја сменивме Преамбулата, иако не стануваше збор за нов устав, пак ли ќе пристапиме кон „коригирање“ и уставен инженеринг, постмодернистички бришејќи ја или „дотерувајќи ја“ националната историја?

Ќе менуваме ли двапати исти одредби (членот 3 и членот 49) на нелегално и нелегитимно барање од друга држава, спротивно на меѓународното и национално право? Зарем не беше уставната промената од 1992 година, по предлог од Бадинтеровата комисија, по инсистирање од Грција, услов за признавање на Република Македонија од ЕЗ и ставање крај на спорот за името? Во 1994 година, заменик-министерот за надворешни работи, Пангалос, за Ројтерс изјави: „Грција може да преживее и без директно решавање на спорот околу името на соседната Република… Ние ги замоливме да го сменат симболот на нивното знаме и да ги прогласат границите за дефинитивни…. Нема потреба Грција да продолжи да инсистира името Македонија да биде исклучено од името на соседната Република“.
Да потсетам: го цитирав членот 108 од грчкиот устав, ама сите устави на нашите соседи содржат одредби за грижа на малцинствата во другите држави.

Најзаштитнички е албанскиот устав. Откако во Преамбулата, во алинејата 5, ќе се повика на: со векови старата аспирација на албанскиот народ за национален идентитет и единство, во членот 8 пропишува: (1) Република Албанија ги штити националните права на албанскиот народ што живее надвор од границите; (2) Албанија ги штити правата на нејзините граѓани со привремено и постојано живеалиште надвор од границите; (3) Р Албанија обезбедува помош за Албанците што живеат и работат надвор заради зачувување и развој на врските со националното културно наследство. Деновиве албанскиот премиер и министерот за надворешни работи, ги повикаа Албанците во Македонија да излезат на референдум и да гласаат „за“? Не е ли ова мешање во внатрешните работи на Република Македонија и вклучување во кампањата на соседна држава, којзнае по кој пат? Ама, политичари од албанската заедница во Република Македонија истакнуваат: „Па тој е должен да постапува по албанскиот устав. Демек, албанскиот устав важи и во Македонија, кога се во прашање Албанците?

МЕНТОР И ЦЕНЗОР

Во членот 1, став 13, Спогодбата ѝ дава право на Грција да бара корекција на грешките и пропустите во употребата на името и термините врзани за него во меѓународни, мултилатерални и регионални организации, институции, состаноци, форуми, во нашите билатерални односи, но и односи со трети држави и ентитети… ние правниците знаеме за начелото „pacta sunt servanda“ (договорите треба да се почитуваат). Но не може соседот да ни биде цензор и ментор, а она што досега го правеше Република Грција со привремената референца, но и со нашето уставно име, иако немаше никаква правна основа за тоа, сега да го прави со Република Северна Македонија, додека не се навикнеме, врз основа на Договорот, небаре сме нејзин протекторат! Цинично звучи формулацијата дека „која било страна може веднаш да побара корекција“ на грешките и пропустите. Ниту една современа држава нема ваква надлежност во однос на друга. Ниту една федерација нема вакво овластување во однос на членките. Ни ЕУ, како sui generis политички систем нема вакво овластување кон членките и покрај дел од суверенитетот пренесен на неа.

Што стана со начелото на еднаквост на државите како меѓународни субјекти? Ќе се плашат ли нашите официјални претставници, ама и сите ние, со оглед на државното финансирање, да не „згрешиме“ и да го употребиме, усно или писмено 74 години старото име на државата Република Македонија? Ќе вежбаме ли да го избегнуваме? Ќе организираат ли ЕУ и НАТО курсеви за „бриши-пиши“ филозофија, за бришење на македонската меморија, за етногенезата на државата во која сме се родиле, пораснале, па и остареле, креирана и развивана низ историските наративи, образованието, политиката и културата, како и во случајот на сите други нации, па и грчката? Ќе се одлучиме ли од наученото и стекнатото со кое се идентификуваме? Ќе ја трошиме ли енергијата на извинување и корекции? Ќе формира ли Грција, во рамките на Министерството за Македонија (претходно, Министерство за Северна Грција), орган за надзор над примената на името Република Македонија и имињата и придавките врзани за него. Да не побараат од нас да формираме секретаријат за Преспанскиот договор, чие ЦЕЛОСНО спроведување ќе биде еден од специјалните критериуми за влез во НАТО и во ЕУ. Да не добиеме потпретседател за Преспански договор?

СТАРА ОБВРСКА – ИСТО ВЕТУВАЊЕ

Член 2
Во став 1 на членот 2, Грција ВЕТУВА дека нема да приговара на апликацијата или членството на Втората страна, под името и термините од членот 1(3) на Спогодбата, во меѓународните и во регионалните организации и институции во кои членува. Да потсетам дека иста ваква одредба има во членот 11 на Привремената спогодба од 1995, како и дека Меѓународниот суд на правдата во Хаг, во 2011 година, донесе пресуда дека Грција ја прекршила истата таа. И? Ништо. За Грција „не важи“ пресудата иако е донесена во контестациона постапка, поведена од Република Македонија поради попречувањето на давањето покана за НАТО. Генералниот секретар на НАТО, Столтенберг, на прашањето за ефектот на пресудата, потсети дека за НАТО, прашањето е политичко, а не правно и војнички додаде: прво промена на името, па потоа влез во НАТО!? Која е (не) научената лекција? Дека Грција, без последици може да го крши меѓународното право, зашто „Тукидит“ бил Елин!

REPETIТIO EST MATER STUDIORUM

Во став 2, на членот 2, Втората страна презема обврска да бара прием во меѓународните, мултилатерални и регионални организации под името и термините врзани за него од членот 1 (3). Да потсетиме дека Република Македонија, непречено влезе под референцата во огромен број организации, од различен карактер, во согласност со Привремената спогодба, додека не дојде пред отворената порта на НАТО и нѐ доближи до онаа, на ЕУ. Се разбира, Привремената спогодба не вели дека ветеното непопречување и поддршката од страна на Грција не важи само за НАТО и за ЕУ. Ова го потврди и Меѓународниот суд на правдата во 2011 година! Глуви беа ем Грција, ем НАТО, ем ЕУ. Што ако пак Грција не се придржува до преземените обврски и пресуди? Не сега ќе биде тужител, па ќе го смени односот.
Дикцијата на формулација од членот 2 како да наметнува обврска за повторно барање на Втората (безимена) страна, (ре)прием, под новото име, во меѓународните, мултилатерални и регионални организации во кои е веќе примена под референцата, небаре изменетото име ја прави нова држава, а не членка на ОН од 1993 година?

ШИРОКА МАРГИНА НА УСЛОВУВАЊЕ

Во став 3 на членот 2, Првата страна, по влегувањето во сила на Договорот, се обврзува на ратификација на која било спогодба на Втората страна во меѓународните организации во кои е член. Се разбира, со оглед на многубројните услови од членот 1, но и членовите 3-8, Првата страна има широк маневарски простор за условување на исполнувањето на оваа обврска.

УСЛОВЕНА ПОДДРШКА НА ЕВРОИНТЕГРАЦИСКИОТ ПАТ

Во став 4 на членот 2, се конкретизира процесот на интеграција на Втората страна во ЕУ и во НАТО:
Под а) се констатира дека Втората страна ќе бара прием и членство во ЕУ и во НАТО под името од членот 1 на оваа Спогодба.
Под б) се нотира дека по добиеното известување за ратификација на Спогодбата од страна на Собранието на Втората страна, Првата ќе го информира претседателот на Советот на ЕУ дека го поддржува почетокот за преговори за членство на Втората страна, под името од членот 1 на Спогодбата. Исто така, Првата страна ќе го извести генералниот секретар на НАТО дека се согласува со давање условена поддршка, што ќе се активира при позитивен исходот од референдумот (ако Втората страна го организира), како и со усвојување на амандмани на Уставот, со ратификација на Протоколот за пристапување на Втората страна во НАТО. Оваа ратификација ќе се изврши заедно со ратификацијата на Договорот. Очигледно е дека Втората страна е во Прокрустова постела, зашто на ниту еден референдум не се знае резултатот однапред, ама овој референдум мора да биде успешен за да дојде до ратификација!

Ај, што се бара диригирана репрезентативна демократија, со партиски дисциплинирани пратеници – војници, туку и народот сакаат да го дисциплинираат, а ако не успеат во тоа, ќе го заобиколат и сами ќе решаваат, заборавајќи дека суверенитетот им извира од него, а тој се борел за држава и име на Првиот (1903), се изборил на Вториот (1944), ги потврдил на Третиот Илинден (1991), кога на референдумското прашање: „Дали сте за суверена и самостојна држава Република Македонија, со право да стапи во иден сојуз на суверени држави на Југославија?“, од 1.495.807 граѓани, запишани во избирачкиот список, на гласање излегле 1.132.981 или 75,74 отсто од електоратот. „За“ гласале 1.079.308 гласачи, или 72,16 отсто од електоратот, или 95,26 отсто од излезените. Додека 13.648 ливчиња, односно 0,91 отсто биле неважечки.

Се поставува логично правно прашање: „Што ако не биде ратификувана Спогодбата во грчкиот парламент?“ Очигледно е дека во оваа спогодба нема одредба за нулификација на стореното од Република Македонија, во таков случај. Или, што ако се организира референдум и во Грција и тој не успее? Дури и ставот (3) на членот 20, го врзува влегувањето во сила на Договорот за датумот на прием на последното известување од односната страна!

(продолжува)

Поради техничко-просторни причини во печатеното издание се изоставени фусноти и референци, кои, пак, се застапени на нашата веб-страница.