ОД НОВИНАРСКИОТ БЕЛЕЖНИК: ЗАБЕЛЕЖАНО, НЕНАПИШАНО (9)
Средина на јуни, лето господово 2021, седам на истата клупа од пред шеесетина година, во Долно Маало, во Галичник, наспроти стара црков „Св. Петка“, ја гледам куќата на баба ми Стојана и дедо ми Нестор Шулевски, родители на мајка ми Милица, ми се враќаат спомените од детството, на оваа рајска убавина каде што го минував летниот одмор. По завршувањето на учебната година, со нестрпливост го чекав да дојде дедо ми и заедно да одиме во Галичник. Голема радост исполнета со непреспиени ноќи. Дојде денот, во рани зори, пред изгрејсонце, со коњите тргнавме за Галичник, ги минавме горнополошките села Здуње и Равен, по стариот макадамски пат низ Влаиница и почнавме да се искачуваме по серпентините. По пет часа јавање стигнавме над месноста Бунец, застанавме да се одморат коњите, а и ние. Пред нас е Мавровско Поле (1956 год.), реките Мавровска, Ниќифорска и Леунска, дедо ми вели дека есенва полето ќе почне да се полни со вода, од идната ќе биде езеро. Продолжуваме низ Мавровско Поле, уживав во планинските цвеќиња, на реките и потоците, минавме низ куќите на селото Маврово, го напуштивме полето и се искачувавме низ мавровската шума (орман), минуваме низ природен тунел на гранки со зелени лисја. Глетката беше неповторлива. Стигнавме до Царева Чешма, уште една пауза за одмор и за ужина. По десетчасовно јавање, со две полчасовни паузи, во попладневните часови стигнавме во Галичник.
Јавањето коњ ми беше исполнето со многу доживувања низ планината Бистра. Дедо ми ги претставуваше сите места низ кои поминувавме: Тони Вода, Смрдливи Извори, Врчец, Барич, Русин, Аџиевска Ливада, највисокиот врв Меденица, Говедарник, Ѓурѓево Брдо, Укален итн. Дваесет дена со дедо ми бев на бачило, Салтаница, и станав дел на овчарското семејство. Со секојдневните прошетки низ планината Бистра со овчарите и јавањето коњ ја засакав планината, се восхитував на недопрените природни убавини, а вечерите ни ги разубавуваа овчарите – кавалџии и песнопојците. Посетите на бачилото беа постојани од ЗЗ „Бистра“, а поретко доаѓаа и други гости. Пред Петровден, 12 јули, на пат за Галичник, за да присуствува на Галичката свадба, нѐ посети екипа на весникот „Политика“ од Белград. Нив ги интересираа животот во бачилото, производството на овчо сирење, пласманот, а одговор им даде бригадирот (раководител) на бачилото, ги бележеа искажувањата на овчарите, мене ме прашаа за тоа како го минувам времето, на крајот нѐ фотографираа. По неколку дена го добивме весникот „Политика“, во кој се наоѓаа репортажата за бачилото Салтаница и фотографии за сите што нѐ фотографираа. Посетата ми се врежа во меморијата, можеби средбата со новинарската екипа влијаеше да станам новинар репортер, да патувам, да ги откривам убавините на планините, долините, убавините што ги создавала природата, да запознавам нови средини во планетата Земја итн.
Кога го пишувам овој текст ми се будат спомените од детството, кога со другарчињата трчавме низ галичките ридови, ги посетувавме излетничките места, потоците и кладенците, собиравме планински чај итн. Како дете ја извршував и улогата на дрварче. Дедо ми Нестор, кај Старо Село, во близината на црквата „Св. Петка“, со секира ги сечеше буките за огревно дрво, а претходно беа маркирани. Дрвата ќе ги товараше на трите коња и јас ги водев до куќата во Галичник. Пред да тргнам, дедо ми велеше доколку едната страна на товарот се навали, треба на спротивната да ставам камења, за да се израмнат страните на самарот. Очите ми беа вперени на товарот на коњите и без проблеми минував шест-седум километри до куќата, ретко ми се случуваше да ги употребам камењата што ги носев во рацете. За назад ми беше лесно, качен на коњ, со бодинање, за половина час ќе се вратев. Дедо имаше подготвено нова тура дрва за товарење и така по четири-пет пати дневно ја минував релацијата.
Мојата генерација не знаеше што е летување на море или на езеро. Летото го минуваше на село, каде што во она време имаше живот, а наедно и им помагаше на роднините. Престојот ми беше исполнет со многу убавини, а на Илинден визитите во куќите, каде што им беше куќна слава или прослава на именден, беа посебни. Со повозрасните од мене, младичите од Долно Маало, редовно одев на визита. На големиот чардак на куќата на прочуената галичка фамилија Ѓиновци, го чествувавме именденот на Илија Ѓозински. На чело на софрата седеше Ефре Сариески, татко на Александар, легендата на македонската народна песна, и беше главен забавувач. Прекрасен мелодичен глас, кога ќе запееше ни ги разгалуваше душите, настануваше општа веселба, а гостите тивко го следеа. Ефре ја почнуваше веселбата со „Кичевчани море московлјани“, а потоа следуваа многу мијачки свадбарски и патриотски песни, љубовни, хумористични, репертоарот му беше богат.
Полковник Ристо Бужаровски од Галичник, истражувач, поранешен претседател на Дебарската околија, ми предложи да се искачам на врвот Голем Кораб, да го измерам, бидејќи официјалната височина што е напишана во географските карти, атласи, книги не е веродостојна. Голем Кораб е повисок од официјалната вредност 2.764 м, која беше воено-политичка одлука, само Триглав, во Словенија, да го зачува приматот највисок врв во СФРЈ. Тоа беше предизвик. На 3 август 1973 година, со гостиварските планинари се искачивме на Голем Кораб, стрелката на висиномерот покажа 2.863 м, 108 метри повеќе од напишаната во книгите, а девет м повисок од Триглав.
Словенците не можеа да се помират со вистината и планинарите организираа носење камења на врвот, направија кула за да го зачува приматот. За оваа активност, илустрираната ревија „Студио“ од Загреб објави фоторепортажа. Оваа вредност 20 години потоа беше потврдена од тричлена стручна комисија составена од Европската заедница (Германец, Словенец и Македонец), која го реализира проектот „ЕУРЕФ-МАК-96“. По објавувањето на текстот „Кораб е повисок од Триглав“ во „Нова Македонија“, ме повика Александар Ристовски, претседател на Општина Гостивар. Уште невлезен, претседателот ми рече: „Зошто ми правиш неприлики“. Какви? „Утрово ми се јави д-р Ксенте Богоев, претседател на Извршен совет на СР Македонија, беше лут за текстот. За Словенците Триглав е бренд, живеат од туризмот и заработуваат милиони марки, а ние не знаеме каде се наоѓа Кораб? Затоа, повеќе не пишувај текстови“.
Во 1982 година, иако целосно не ја остваривме програмата, сепак патешествието низ Египет ни остана незаборавно. Со два автомобили, седуммина другари, од кои четворица братучеди Ќипроски, тргнавме по трагите на галичките печалбари, во Каиро и во Александрија да ги најдеме рестораните на нашите татковци, кои работеле во триесеттите години на минатиот век. Рестораните не ги најдовме. Посетивме многу значајни културни-историски и други зданија: Големата сфинга во Гиза, пирамидите, Националниот музеј на Египет во Каиро, најголемото складиште од античката уметност со над 160.000 експонати, Градот на мртвите, зоолошката градина – најголема во светот, паркот „Замалек“ во кој каирци го наоѓаат спасот од горештините, Александриската библиотека и друго. Целта на патешествието ни беше преку преминот на државата Чад да влеземе во Либија, а преку Гибралтар во Шпанија. Визи имавме за Либија. Меѓутоа, амбасадорот на југословенската амбасада во Каиро, нѐ советуваше да се откажеме од патувањето бидејќи на границата меѓу Чад и Либија се водат жестоки оружени борби. Во дворот на амбасадата додека се освежувавме со безалкохолни пијалоци се запознавме со македонскиот поет Трајан Петровски, кој беше аташе за култура.
Никогаш не можам да си простам што не го реализирав интервјуто со академик проф. д-р Илија Васков, кој повеќе од 25 години беше директор на Клиниката за максилофацијална хирургија во Скопје. Со почитуваниот академик имавме ретки средби, секогаш содржајни. Последната ни беше на почетокот на јануари 2012 година, во неговата куќа на Водно го посетив со заедничкиот пријател Гојко Јаковлески, се спријателија во Берлин, кога професорот беше на специјализација.
Политиката ни беше неизбежна тема на разговор, на разменување мисли и за дополнувања на знаењата. Во разговорот дознавме дека куќата на фамилијата Васков во Велес била во соседство со куќата на фамилијата на Панко Брашнаров, учител, македонски патриот и борец за ослободување на Македонија, кој на Второто заседание на АСНОМ, во манастирот „Св. Прохор Пчински“ беше избран за потпретседател на Президиумот на АСНОМ. Потсетувајќи се за детството во Велес, академикот Васков со задоволство и со голем пиетет ни говореше за Панко Брашнаров.
„Често одев во нивната куќа, чичко Панко да ме преслуша како сум ја научил песничката, на крајот ќе ми речеше: ’Добро си ја научил, можеше и подобро‘. Тоа ми даваше сила новата песничка да ја научам што подобро. Во една пригода ми рече: ’Ние сме Македонци, а не Бугари. Зборуваме на македонски јазик, потекнуваме од македонски фамилии, кои со векови зборувале на македонски, брзо ќе дојде денот кога во училиштата ќе се учи на македонски јазик, а во службите во Македонија ќе се зборува и пишува на македонски јазик. Сега сме под окупација на Бугарија и затоа во училиштата и во администрацијата се зборува на бугарски јазик‘“.
Со големо внимание го слушавме искажувањето на академикот Васков за трновитиот пат низ кој минувал, за да стане научник и педагог, да ги оствари сите академски титули. Скромен, трудољубив, стручен и секогаш подготвен за да им понуди помош на луѓето, стручна и човечка.
Во Берлин специјализирал во приватната клиника на познатиот професор Штелмах, покажал одлични резултати и пред да ја заврши специјализација му било понудено да ја преземе клиниката, бидејќи професорот бил во години, како и сопругата, а немале наследници. „Остани во Клиниката целото наше богатство ќе ти го препишеме“, му велеле домаќините. Скромниот Васков, неверојатната понуда „тешка“ со милиони марки ја одбил.
„Се враќам во Македонија, да му се оддолжам на мојот народ, кој ми овозможи да го надградам своето образование. Берлин да го постелат со златници, се враќам дома“, одговорил Илија Васков. Професорот Штелмах го прегрнал, заплакал и на разделбата му рекол: „Ретки се луѓето како тебе што си го сакаат својот народ и татковината“.