ЗА ПРЕСПАНСКИОТ ДОГОВОР И ПОШИРОКО (12)
Преспанскиот договор, како составен дел и на референдумското прашање, го имаат прочитано исклучително мал процент граѓани. Од друга страна, апелите и од страна на власта и на опозицијата до граѓаните се да се прочита договорот од точка до точка. Во насока на запознавање на јавноста што всушност содржи договорот, ја пренесуваме сеопфатната стручна анализа на професорката Гордана Сиљановска-Давкова, која ја објавуваме интегрално, во форма на фељтон во повеќе продолженија
Гордана Сиљановска-Давкова
ЧЛЕН 4
Во став 1 на членот 4, којзнае по кој пат (иако е во множина, важи во еднина, односно само за Втората страна) се нотира дека важечкиот устав (изменетиот), не може да се толкува како основа за претензија кон постојните граници! Непознат правен феномен е во билатерален договор да се интерпретира Уставот на друга држава. Во грчкиот устав зад многу членови има интерпретација, ама непознат уставен феномен е вторпат (првиот во 1992), како и по експертската интерпретација на Бадентеровата комисија и Судот на правдата во Хаг, дека „со ништо Уставот, но и политичките активности на Република Македонија не биле закана за територијата на Грција“, пак да се гарантира веќе гарантираното! Но како што во 1992 година, и покрај уставните измени Грција „не се чувствуваше“ безбедно, така и сега!
СРЕЌНА НОВА 1984
Во став 2 на членот 4, страните се образуваат да не даваат ниту одобруваат иредентистички изјави од оние што тврдат дека дејствуваат во име или во интерес на страните! Смешно. Орвеловска одредба што манифестира авторитарни и тоталитарни тенденции, закана за основните слободи и права: слободата на мислата и нејзиното изразување, слободата на здружување, слободата на протест, слободата на научната критичка мисла и творештво… Зарем Првата и Втората страна треба да формираат заедничко министерство за следење и одобрување на изјавите врзани за меѓусебните односи? Зарем ова не е повик за цензура и воведување вербален деликт? Уште еден доказ за фрагилноста на демократијата во двете земји, за конзулски и цезаристички профил на лидерите, за националистички фрустрации, за беспричински политички страв….
СВЕЧЕНО ГАРАНТИРАЊЕ ДЕКА УСТАВНИТЕ ГАРАНЦИИ ВО МАКЕДОНИЈА СЕ ГАРАНТИРАНИ!
Во став 3 на членот 4, страните се обврзуваат и свечено (не ми е јасно зошто свечено!) изјавуваат дека ниту една одредба од Уставот (се разбира, само македонскиот, зошто грчкиот устав е „совршен“) нема да биде основа за мешање во внатрешните работи на друга земја, вклучувајќи и заради „заштита на статусот и правата на кои било лица што не се нејзини граѓани“. Се разбира, изразот е еуфемистички и се мисли на македонското малцинство! Иако сите балкански држави, вклучувајќи ја и Грција, се мултиетнички и мултиконфесионални, само Република Македонија се квалификува како мултикултурна, а сите други се „хомогени“. Оваа гаранција е иста како онаа од спогодбата со Бугарија за добрососедски односи. Грција, но и другите соседи се мешаат во нашите внатрешни работи, истовремено барајќи Македонија да го гарантира немешањето, иако тоа го гарантира на уставно ниво. Па, веќе напоменав дека ние го сменивме членот 49 од Уставот и гарантиравме немешање, но крајно време е Грција да ги препрочита извештаите на Helsinki Watch, на комесарот за малцинства на ОН, на сопствениот Хелсиншки комитет, како и пресудата на судот од Стразбур за „Виножито“! Редно е Грција, како членка на Советот на Европа и ЕУ, да ја ратификува рамковната конвенција за заштита на правата на малцинства, како и да ја потпише конвенцијата за регионални и малцински јазици. Последново важи и за Македонија, која ја има потпишано конвенцијата за регионални и малцински јазици, но ја нема ратификувано од многу чудни причини.
ДОСТА СО НАБРОЈУВАЊЕ, ВРЕМЕ Е ЗА ПОЧИТУВАЊЕ НА КОНВЕНЦИИТЕ
ЧЛЕНОТ 5
Став 1 на членот 5 е декларативно преземање/набројување одредби од некој друг документ/договор и бирократско, механичко, досадно, протоколарно повикување на демократија, фундаментални слободи, почитување на човекови права и достоинство, на владеење на правото, на универзалната декларација и десетина други конвенции, иако сите тие се прекршени, не само од Грција туку и од ООН, Европската Унија и НАТО во т.н. спор за името, всушност „неприроден, вештачки конструиран политички спор“.
ОН И ГРЦИЈА ЈА КРШАТ ПОВЕЛБАТА
Став 2 на членот 5 потенцира дека ниту една страна нема да презема дејства спротивни на целите и начелата на повелбата и завршниот документ од Хелсинки, вклучувајќи и спротивно на начелото на територијален интегритет на државите! Која е логиката да повикувате на повелбата, ако оние што треба да ја бранат ја прекршиле. Кога е во прашање хелсиншкиот документ, Македонија му даде дополнителна уставна гаранција, но продолжува барањето за нова, се разбира, само од неа, небаре сама не верува во тоа, или дала повод за поинакво толкување. Така, ние добивме The Changing Constitution, со наметнати промени од неовластен субјект: друга држава! Декларацијата за самостојна и суверена Република Македонија од 1990-та се повикува и темели на меѓународниот пат за граѓански и политички права на ООН од 1966 година, односно на правото на самоопределување. Со амандманот LXXIV од 1990-та се уредува постапката за остварување на правото на македонскиот народ на самоопределување!!
СТАЛИНИСТИЧКИ ДУХ ВО ЕВРОПСКО ТЕЛО
ЧЛЕНОТ 6
Во став 1 на членот 6, ПОВТОРНО, се инсистира на делотворни мерки за забрана на непријателски активности, дејства, пропаганда од државни органи или органи под директна или индиректна контрола на двете држави и спречување дејства што веројатно би поттикнале шовинизам, непријателство, иредентизам, ревизионизам против другата страна, а ако се појават истите тие, ќе се преземат сите потребни мерки! Овој став има сталинистичко- комунистички дух на недоверба, заговара полициска држава, претставува закана за слободите и правата на човекот и граѓанинот, полн е со реторика, специфична за недемократски авторитарни режими, несоодветна и навредлива за односи меѓу членка на ЕУ и кандидатка за ЕУ! Зарем не си веруваат двете земји во правниот систем и делотворноста на институциите во превенцијата и санкционирањето на гореизразените стравови! Каде е улогата на културната дипломатија? Зошто е делот за стратегиското партнерство: за декор?
ОПАСНОСТ ОД ПОЛИЦИСКА ДРЖАВА?
Став 2 на членот 6 наместо да се повика на владеење на правото, на уставност и законитост, во стилот на „Балкански шпион“ и „Сомнително лице“, бара да се обесхрабрат и спречат приватните ентитети што ВЕРОЈАТНО би поттикнале насилство, омраза или непријателство кон другата страна, инсистирајќи на итно преземање неопходни мерки. Ваквата терминологија, обоена со недоверба кон граѓаните, имплицира загрозување на човековите слободи и права, дискрециско постапување, контрола и упад во приватниот живот, претпоставка на вина, опасност по пресумцијата на невиност! Ни Питија не би можела да предвиди што е „веројатно“ опасно…
Став 3 на членот 6 бара спречување и обесхрабрување на горенаведените дејства, вклучувајќи ја и пропагандата од приватни ентитети, како и други дејства што веројатно би поттикнале шовинизам, непријателство, иредентизам и ревизионизам кон другата страна! Неверојатно е дека одредби од ваков тип постојано се повторуваат, што зборува за ужасна меѓусебна недоверба на грчките и македонските политичари, што е навреда за граѓаните во двете држави, од една страна, но и недоверба во демократијата и граѓаните како нејзин извор. Пристапот е сталинистички и вознемирувачки, неевропски.
СЕКОЈ ИМА ПРАВО ПО СВОЕ ДА ГИ РАЗБИРА „МАКЕДОНИЈА“ И „МАКЕДОНСКИ“
ЧЛЕН 7
Став 1 на членот 7 има чудна, невообичаена, па и невозможна цел да го разграничи значењето и разбирањето на поимите „Македонија“ и „македонски“ за Првата и Втората страна, низ призма на различниот историски контекст и културно наследство. Непобитен факт е дека Република Грција и Република Македонија имаат ем заеднички историски моменти, ем заедничко културно наследство. Во оваа смисла, поучен е италијанскиот пример на Francesco Mеssineo, кој пишува за спорот меѓу Грција и Македонија: „Во Рим, вели тој, на едната страна од Via dei Fori Imperiali… наидуваме на картите за ширењето на Римската Империја, откриени за време на Мусолиниевата диктатура. Круцијална е фазата на Трајан, кога Римската Империја беше најголема (во 1 и 2 век н.е.) Во 1933 година, пораката беше јасна: Италија се повикуваше на ова културно наследство, небаре не се случила 476 год. н.е. За држава, одвај стара 70 години ова беше лудо барање, но голема болка предизвика во многу територии, вклучувајќи го и Балканот со својата националистичка идеологија… Географските карти од дамнешните времиња не се добра идеја, без оглед од кого доаѓаат. Старите карти на изгубените империи се однесуваат и на деноминирачкиот конфликт меѓу хеленската република и Македонија.
Веројатно во историјата на меѓународното право се нема случено со политички договор меѓу две држави да се утврди значењето термини за историјата, културата, идентитетот и јазикот, дури и во рамките на секоја држава, а камоли за соседи. Секој народ е творец на својата историја и култура и има право на свој начин да ги перципира и интерпретира „по свое“. Впрочем, името и придавките врзани за него се инхерентен елемент на правниот субјективитет на државите како рамноправни меѓународни субјекти, зашто правото на самоопределување ги вклучува во себе како непотрошно и непресушно. Впрочем, не попусто зборуваме за Обединети нации, а не за обединети држави. Имињата на државите, регионите, градовите, реките, односно топонимите, оронимите… не се плод на договор, туку се историска креација, а како такви се инертни и отпорни на промени. Незамисливо е да се забрани нивната употреба, или политички да се договори, со оглед на природата на настанувањето и развојот.
Република Грција и Република Македонија имаат право како сакаат да си ги толкуваат термините „Македонија“ и „македонски“ во рамките на својот историски и културен контекст, ама ниту Грција на Македонија, ниту Македонија на Грција има право да ѝ каже како да ги нарекува своите региони, што да подразбира под централна, западна или источна Македонија или под „Македонија“ или „македонски“. За историја и за култура не се преговара. Различниот историски и културен концепт наметнува различна перцепција. Веќе го цитирав проф. Крафордод Кембиџ и неговата дискусија за ова прашање.
Поради технички и просторни причини, во печатеното издание се изоставени фуснотите и референците, кои, пак, се застапени на нашата веб-страница.
(продолжува)