Преродбенските пројави на македонството (5)
Во почетокот на 1892 година е објавен првиот број на весникот „Лоза“, по кое и целото движење го доби името. Јазикот на првите четири броја на „Лоза“ содржи многу македонизми во лексиката, фонетиката, па и во морфологијата. Фонетскиот правопис со редуцираната азбука уште повеќе и формално го изделуваше македонскиот говор од бугарскиот литературен стандард. Беа употребени и посебни графеми за карактеристичните македонски меки консонанти. Тоа подејствува шокантно во бугарската јавност и Владата ги употреби сите средства за да се задуши тој „национален сепаратизам“
Пишува д-р Блаже Ристовски
Периодот од формирањето на Младата македонска книжовна дружина во Софија до основањето на Македонското научно-литературно другарство во Санкт Петербург претставува најзначајна епоха за изградбата на националната програма што отвори правци на нов развој на македонската културно-национална мисла. Основните контури на националната програма ги обележи Ѓорѓија М. Пулевски, во својот втор белградски тријазичен речник (1875), каде што објави дека Македонците се посебен словенски народ, кој живее во својата татковина што се вика Македонија, дека македонскиот е посебен јужнословенски јазик што ги води корените од светите Кирил и Методија, а литературна форма на своите идеи им даде во поемата „Самовила Македонска“ (1878) и во дводелната „Македонска песнарка“ (1879), објавени во Софија, додека првиот дел од граматичкиот прирачник за основното училиште го отпечати како „Слогница речовска“ (1880). И завршувајќи ја работата врз обемната „Јазичница“, Пулевски го заокружи и монументалниот истражувачки ракопис „Славјанскомаќедонска општа историја“ (1892).
Полемики меѓу славистите
Во тој период се појавија и мноштво слависти во странство што авторитетно ја заложија својата научна мисла за продор во суштинското прашање за етнитетот, националната свест, историјата, јазикот, фолклорот и културата на Македонците, кои, пак, и самите сè повеќе се пројавуваа со манифестации на својот индивидуалитет. Тогаш се појави и новата Етнографска карта на словенските народности (1890), со Македонците како субјект во словенскиот свет. Некои слависти и публицисти (П. Драганов, К. Хрон, В. Качановски, А. Ритих, Ј. Бодуен де Куртене, А. Пипин, В. Ламански, В. Јагиќ, Л. Мазинг, Р. А. Рајс, А. Меје, А. Мазон и др.) во своите истражувања пласираа и нови аргументи и согледби пред европската јавност. Особен ефект имаше теренското двегодишно истражување во Македонија на бесарапскиот Бугарин и виден руски славист Петар Драганов и неговата појава во печатот, особено по објавувањето на првиот том (од најавените три) „Македонско-славјански зборник со проложен словар“ (1894). Тоа доведе до уште побурни полемики околу националноста, јазикот, фолклорот, историјата и културата на Македонците.
Во таква општа атмосфера македонските студенти-бегалци од Солун и Белград во Софија во 1890/1891 година ја основаа Младата македонска книжовна дружина. Главни протагонисти беа бегалците од Белград Д. Груев, П. Попарсов, Г Баласчев, Д. Мирчев, Н. Наумов, Х. Поп-Коцев, заедно со К. Шахов, К. Караѓулев, Х. Матов, Е. Спространов, Н. Дејков, И. Хаџиниколов и др. Нивни сомисленици и блиски беа и софиските ученици К. Мисирков и Д. Чуповски.
Во почетокот на 1892 година Дружината го објави првиот број на својот орган „Лоза“, по што и целото движење го доби името. Јазикот на првите четири броја на „Лоза“ содржи многу македонизми во лексиката, фонетиката, па и во морфологијата. Фонетскиот правопис со редуцираната азбука уште повеќе и формално го изделуваше македонскиот говор од бугарскиот литературен стандард. Беа употребени и посебни графеми за карактеристичните македонски меки консонанти. Тоа подејствува шокантно во бугарската јавност и Владата ги употреби сите средства за да се задуши тој „национален сепаратизам“.
Создавање македонски литературен јазик
Според Уставот на дружината, објавен во првиот број на „Лоза“, таа ги имала следниве цели: а) да издава едно списание, чие име, програма и правец ќе се определат со одлука на дружината; б) да постави основа на едно читалиште во престолнината и кога средствата ќе ѝ дозволат да го уреди; в) кога дружината ќе располага со достатно средства, да прави и други благодејанија во согласност со нејзината цел, како на пр. да поддржува ученици и сл.“.
Но уште по првиот број на „Лоза“, на 18 февруари 1892 година официозот „Свобода“ предупреди: „Луѓето овде имаат други цели – да создадат нов литературен македонски јазик… Следствено, прашањето се сведува кон стремежот да се воведе литературен сепаратизам, кој природно го влече по себе и политичкиот.
… Впрочем, не првпат меѓу Македонците се појавуваат ваков род политички и литературни флугери. Ако помнењето не нѐ изневерило, г. К. Шапкаров едно време, уште на самиот почеток на преродбата на националната идеја кај Македонците, беше почнал да пишува книшки на македонското наречје…. Неодамна, пред 6-7 години, друг еден познат по политичките серсемлаци Македонец, прочуениот Гулапчев, и тој беше започнал да го проповеда сепаратизмот меѓу Македонците, и тој излезе со едно книжуле напишано на македонското наречје… Ами за овие пријатели од Младата македонска книжовна дружина, за нив што да мислиме?… Во бугарската престолнина, во срцето на Бугарија, излегуваат луѓе што се силат да ги расипат плодовите на толкугодишните усилби, да докажат дека македонските Бугари се одделна нација, со посебен јазик, со посебни историски задачи!“
„Опасниот македонски сепаратизам“
Д.Т. Левов уште појасно го потенцира македонскиот „национален сепаратизам“ на дружината: „Русите пишуваат на московското наречје, исто така недостапно за другите неписмени Руси и уште повеќе за Белорусите и Малорусите… Од статијата ’Неколко бележки’, стр. 5, се гледа дека таа се вбројува, кон денешниот преовладувачки словенски елемент, дека името на тој словенски елемент е Македонци, дека Македонија е нивната татковина, дека таа е одделно словенско господарство, чие минато е покриено со блесок и особено во времето на Филипа и Александра Велики, но при нивните наследници опаднало… ’Младата дружина’ под превезот на книжевноста не ја има целта за реализација и пропаганда на некаков фантастичен фонетски правопис, туку тенденции и цели, колку куриозни и жални, толку вознемирувачки, срамни и опасни. Целта… се гледа од предговорот на ’Лоза‘…“
Како што гледате, пишува „Свобода“, „’Македонската дружина‘ смета дека нивната татковина е Македонија; дека последнава е населена со посебно словенско племе наречено Македонци; дека таму се собрале севозможни надворешни елементи, т.е. Бугари, Грци, Срби и др. одушевени од своите планови и интереси; дека целта им е да ни дадат еден силен отпор и да се зачуваат од нашите грабежнички посегнувања и дека на крајот ,Лоза‘ ќе ѝ служи на истата цел!!… За таа цел… лека-полека ќе ја подготвуваат бугарската јавност за одделување на Македонија од Бугарија и лека-полека ќе воведуваат зборови од охридското поднаречје што ќе биде литературен јазик на идната Велика Македонија, на чело на која ќе дојде некој од редакторите на ,Лоза‘ во својство на Филипа или Александра!?!“. „Мислата – додава авторот – дека во Македонија постои посебно словенско племе наречено ’македонско‘ првпат се породи во Русија во 1887 г. во сферата на реакционерниот печат. Уште во 1886 г. Ив. С. Аксаков лично ни се обрна кон нас со зборовите: ,Зошто вие не си го земете за литературен јазик своето македонско наречје што е побогато од бугарското и поблиско (?) до нашето. Тоа ќе нѐ приближи и ќе нѐ сврзе посилно‘?!“
Појавата на Мисирков
Крсте Мисирков, кој помина една учебна година како ученик во Софија и беше сведок и ги следеше настаните, во својата книга („За македонцките работи“, 1903) оценува: „Мислата за национално обединеине на Македонците, и ако под маска бугарцка, се зафати во 1890 г… Во крајот на 1889 год. се префрла во Бугарија 30-40 души ученици и студенти Македонци од Белград во Софија. Тие ученици сет душата на сите собитија во Македонија от тогај до сега. Они беа запознаени со Србија и Бугарија, со нивните култури и цели во Македонија. Они и ја сознаа опасноста за дележ на Македонија меѓу тие две држаи, ако да бидит македонците сами да не се вооражат, за да си извоиуваат сами, со свои собствени сили и средства слободата и со тоа да предупредат дележот на Македонија…. По нивна иницијатива првен се образува во зафатоко на деветдесетите години едно национално сепаратистично движеин,е со цел’а да се оддел’ат интересите на македонците од бугарцките со возведуење на једно од македонцките наречија на степен на литературен јазик за сите македонци.“
Со своите националнополитички погледи и ставови списанието „Лоза“ предизвика жестока јавна реакција. Дружината беше обвинета за македонски национален сепаратизам и драстично беше растурена. Тогаш оние што се вратија во Македонија го почнаа тајното организирање на Македонската револуционерна организација во Солун (1893) што го подготви и го изведе Илинденското востание (1903).
(продолжува)