ОД НОВИНАРСКИОТ БЕЛЕЖНИК: ЗАБЕЛЕЖАНО, НЕНАПИШАНО (1)
Пред повеќе од половина век, во ЦОУ „Чеде Филиповски“ во гостиварското село Врапчиште, наставникот по историја, во пресрет на 11 Октомври, на ученик му го поставил прашањето: „Каде пукнала првата пушка во Македонија, со која бил означен почетокот на сенародното востание?“ Ученикот мислел, мислел, го собирал рамениците, ја наведнал главата, му поцрвенеле образите од срам што не го знае одговорот. Наставникот се обидел да му помогне и му рекол: „Таму каде што најмногу се одгледува тутун.“ Ученикот како од пушка одговорил: „Во Врапчиште, наставнику!“
Анегдотата е вистинска, во тие години врапчишкиот регион се вбројувал меѓу поголемите производители на тутун во Македонија. Се произведувале квалитетните сорти вирџинија и отља и биле барани од страсните пушачи. И покрај тоа што имаше забрана тутунот да се продава како другите земјоделски производи (забраната важи и денес), снаодливите и вешти врапчиштани успевале на „црно“ да го продаваат не само во Полошкиот Регион туку низ цела СФРЈ, во местата каде што имале слаткарници, ресторани, бурекчилници, дури и во Чехословачка. На врапчишкиот тутун не можеле да му одолеат и страсните пушачи од редот на сојузните и републичките функционери, пратеници, директори… Во годините по Втората светска војна, по ослободувањето од фашистичките окупатори, во втората половина на 20 век, до средината на деведесеттите години на минатиот век, на прсти можеа да се избројат куќите од Врапчиште и во соседното село Галате што не се занимавале со садење тутун, а денес е обратно, само петнаесеттина куќи садат тутун.
Пред повеќе од четврт век, во првите години по осамостојувањето на Македонија, власта го затвори монополот во Тетово, во кој го предававме жолтото злато, а со тоа ни беше скратена можноста да склучуваме договори со регистрираните фирми за откуп на тутун. Таа беше причината присилно и масовно да се откажуваме од одгледување на оваа доходовна индустриска култура – ми говореше Беќир, претседател на Здружението на тутунарите на селото.
На крајот на минатиот месец во гостиварското село Зубовце, кај Гојко Делчев Рафкин и кај синот Виктор Македон Јаковлески, на посета дојде Љубомир Кекеновски, универзитетски професор на Економскиот факултет на УКИМ во Скопје, македонски патриот, истражувач на македонската историја и култура, кој убаво пее и има напишано повеќе родољубиви патриотски песни изведени на „Гоце-фест“ и наградени.
Само што седна, нашиот драг заеднички пријател, со воодушевување, почна да ни раскажува за доживувањата на патувањето низ Полошката Котлина. „Најтрепетлива претстава што визуелно и емоционaлно крајпатно те мами е ликата и сликата на грандиозната Шар Планина. Плени со својата убавина, та не можеш да не украдеш поглед кон пиримидалните врвови и стрмни долини. Величествените тераси како небесни чардаци со хималајска експозиција ја прават нашава планинска убавица, ишарана од снежните врвови, ем лична, ем најаристократска на Балканов и пошироко на дуњава“. Подзастана Кекен со изнесувањето на впечатоците и погледот го впери кон Виктор Македон, роден берлинец, и го зачуди тоа како со внимателна прецизност, смиреност и ќеф на стар балкански мајстор си го витка тутунот, и го прашува од каде го купува. „Од Врапчишта ми го носат. Зубовчани со децении го консумираат овој тутун, кој е со висок квалитет“.
Професорот малку се замисли и ми вели: „Кипро, дали се сеќаваш на вистинската прикаска што сум ја чул, а ја споделив со тебе во ресторанот ‘Солун’ во Гостивар, пред две-три децении, дека големиот руски политичар Владимир Илич Ленин пушел тутун од Врапчиште“.
„Да“, му потврдив и го потсетив дека се договоривме да напишам текст, да го објавам во „Нова Македонија“, македонската јавност да се запознае со квалитетниот врапчишки тутун. „Ако тргнеме по патот на растајнување на оваа интересна случка, приказната оди вака: нашиот стружанец Владимир Каваев, пратен на студии по медицина во Санкт Петербург, таму ја сретнал докторката Елена Етингер, Еврејка од Полска, активна учесничка во Октомвриската револуција и семејна пријателка на Владимир Илич Ленин“, со големо внимание го слушаме професорот како да сме на час по историја.
„Ленин бил роден на 22 април 1870 година, во Москва, умрел во родниот град на 21 јануари 1924 година, бил руски револуционер, водач на болшевиците и прв премиер на Советска Русија. Така и нашиот Владимир Каваев се запознава и се зближува со Ленин и тутунот од Врапчиште што го ‘пиел’ Каваев стигнал до големиот водач на руските болшевици. Откако го пробал овој надалеку познат полошки опијат, Ленин барал да биде редовно снабдуван, за што бил задолжен д-р Владимир Каваев. Веќе од 1923 г., Каваеви се враќаат назад во Македонија, и започнуваат борба со маларијата, за спас на Елбасан, Струга и Охрид, кои имале илјадници заболени од оваа болест секоја зима. Дури се запишани и како основачи на педијатријата во регионот. Со нивната искреност, чесност и пожртвуваност стануваат легенди за целиот крај“.
Д-р Елена Каваева велела: „Јас не учев и не дојдов тука да печалам, ами да лекувам болни, да бидам од полза за народот.“ Сопругот д-р Владимир Каваев, починал во 1931 година, а д-р Каваева со мало дете ја минува голгота на Втората светска војна. Според истражувањата на професорот Кекеновски, дошол до следните сознанија: „Во таа судбинска игра, еден мал реванш за нејзината благородна мисија и поведение, за да ги спасат д-р Елена Каваева и нејзината ќерка, да го спречат нивното депортирање во Треблинка, охриѓани и стружани собрале потписи за време на бугарската окупација, што било уважено од цар Борис.
Таа поживеа до 90 години и почина во 1983 година. Релациите и почитувањето што го имала од водачите на Октомвриската револуција во Русија останале засекогаш. Имено, се помни дека стигнувале честитки од Јосиф Висарионович до Елена дури и во годините по Информбирото. Ете така, преку тутунот од Врапчиште, стигнавме до Ленин и Каваеви.“
Потоа, професорот изрази желба, по овој повод, за првпат да тргне некој дим, а Гојко да ги почувствува стариот вкус и мирис на вистинска цигара, откако пред децении ги остави. Чорбаџиски пушачите завиткаа од врапчишкиот тутун (вирџинија), ги запалија цигарите и наздравивме со домашна ракија и со мезе галичко сирење и салата од домати, со младо кромитче и печени пиперки.
(продолжува)