ДА ПРОДОЛЖАТ ИЛИ ДА СЕ ПРЕКИНАТ ПРЕГОВОРИТЕ ОКОЛУ „РАЗЛИКАТА“ ЗА ИМЕТО НА НАШАТА ДРЖАВА? (4)
Пишува д-р Гале Галев
Република Македонија, колку и да беше погодена од неправедниот исход од Лисабонската декларација, сепак, на планот на своето меѓународно признавање таа и натаму остана на нивото на соработката и проактивноста, прифатени уште од самиот почеток на ова признавање. Имено, аргументирајќи дека барањето зборот „Македонија“ да отпадне од името на нашата држава, „..е преседан во историјата на народите и надвор од меѓународните норми“, таа побара од неа на претстојниот нејзин самит во Единбург, под британско претседателство, оваа неправда да биде отстранета. Глигоров се обрати со писмо до дванаесеттемина во Единбург, на 11 декември 1992 година.
Оваа реакција не остана неслушната. Така, британското претседателство на тој самит го понуди на разгледување и одлучување извештајот, што за таа цел го подготви неговиот специјален пратеник амбасадорот Робин О’Нил (Лондон 1 декември 1992 година). Тој во овој извештај има формулирано одреден сет решенија. Според него, тие за македонската страна, би можеле да бидат и прифатливи. Европскиот совет на заедницата овој извештај го разгледал на средбата одржана на 12 декември 1992 година во Единбург.
Решенијата во него се сведуваат на тоа државата (значи Република Македонија) да прифати: „Да го промени името… во Република Македонија (Скопје) за сите меѓународни односи. Тоа име би се употребувало во сите меѓународни организации – на пример во ОН и во КЕБС – и во сите односи со други држави; да склучи спогодба со Република Грција со која ќе се потврдува неповредливоста на меѓусебната граница; да го измени член 49 од Уставот, отстранувајќи ја постојната формулација, на која реагира една држава-членка, во која се вели дека Републикава се интересира за режимот и правата на Македонците во соседните земји; и да склучи спогодба со Грција за воспоставување односи на добрососедство и да оди на размена на пораки со Грција, за други прашања, кои предизвикуваат немир“. Во контекст на овој предлог амбасадорот О’Нил го додава и ова: „За прифаќањето на тоа име во сите меѓународни односи, не би требало да се оди на промена на Уставот, туку Владата би можела да обезбеди поддршка во парламентот. За тоа (додава тој г.г.) е потребно просто мнозинство од неговиот состав. Горната промена на името, ќе додаде тој, би расчистила дека Републиката не негува територијални аспирации од каков било вид надвор од постојните нејзини граници и не претендира за исклучива употреба на името Македонија“.
Исправката од Единбург во 1992 година
Советот на Европската заедница по разгледувањето на овој извештај и напред наведените решенија во него, (предложени од амбасадорот Робин О’Нил), како и во претходниот случај на португалското претседателство, под силен притисок на Р. Грција, не смогна сили да ја признае Република Македонија, макар и според насоките изразени во цитираниот извештај. Имено, Република Грција, која, како и Македонија, активно била вклучена во разговорите со О’Нил, плашејќи се од ваков или сличен проектиран исход во цитираниот негов извештај, не останала спокојна. Така, претседателот на Република Грција, непосредно пред Единбуршкиот самит на дванаесетте земји-членки на Европската заедница директно им се обраќа со писмо, во кое читаме: „Ви пишувам околу прашањето за признавање на скопската република. А сметав за корисно затоа што со изненадување дознав дека во редовите на заедницата постојат определени необјасниви тенденции за преиспитување на одлуката од Лисабон. Преиспитување, кое според моето мислење, не би било само опасно туку би им наштетило на кредибилноста и на авторитетот на заедницата“. Па, во тој контекст, уште, ќе додаде „… тоа уште повеќе ќе покаже дека таа го игнорира нејзиниот основен принцип – принципот на солидарност меѓу членките наспроти трети лица“.
Во продолжение го читаме и ова: „Тој (се мисли на просечниот Грк) се обидува да пронајде кои се тие стратегиски, политички и економски интереси што би можеле да ги имаат некои наши партнери во Скопје за да се двоумат да изберат меѓу партнерот и сојузникот Грција, и Скопје – меѓу славофоните скопјани, кои немаат ниту национална, ниту историска врска со Македонија на Александар Велики и Аристотел, кои ѝ дадоа печат на историјата на светот со грчкиот јазик“. Ова го пишува претседателот на Грција, Константин Караманлис, до шефовите на државите и владите на државите-членки на Европската заедница спроти одржувањето на самитот во Единбург.
Изнесеново, и не можело да остане без влијание врз конечната определба на овој Совет. Тој, наместо признавање, во декларацијата на Европската заедница, (Единбург 12 декември 1992 година), во делот посветен на нашата земја, само, ќе констатира и, истовремено, повика: „Европскиот совет ја разгледа својата политика во врска со прашањето на поранешната југословенска Република Македонија во контекст на Декларацијата од Лисабон и во светло на извештајот на специјалниот претставник на Претседателството на ЕЗ. Советот ги повикува министрите за надворешни работи и понатаму да се ангажираат по ова прашање“.
Добрата страна на Единбург
Цитираната формулација од декларацијата во однос на нашата земја, колку и да е на прв поглед негативна, сепак, споредена со предлогот од Лисабонската декларација, таа прави позитивен чекор напред. Ова во таа смисла што дваесеттемина со неа експлицитно не ја повторија својата категорична одлука од Лисабонската декларација да прифатиме име за државата во кое зборот Македонија нема да биде содржан. Во секој случај, ако се проследи содржината од извештајот на амбасадорот Робин О’Нил ќе се види дека врз ваквата одлука на Советот, битно влијание, имал токму овој извештај и тоа, посебно, оној дел од него што се повикува и на цитираното арбитражно мислење бр.6. Ова кажува дека и преку самиот овој извештај ова мислење, не само што добило потврда за своето значење и важност, туку, тоа на овој начин добило и свое реафирмирање. Како и да е. И, во овој случај, макар и што изостана нашето признавање од Европската заедница, сепак, битен е фактот што и натаму уставното име на Република Македонија остана недопрено, како што остана валиден и заклучокот од цитираното арбитражно мислење.
„Битката“ за прием во Обединетите нации
Во околностите, какви што беа изложени, постојаниот притисок од Грција да се попречи нашето признавање, повикувајќи се, притоа, и, на принципот на солидарност при одлучувањето на земјите-членки на заедницата во однос на трети земји, на Македонија не ѝ остануваше друго, освен (потпомогната, дури, и од одделни членки на заедницата и на САД) да побара свој прием во Обединетите нации. И, во овој случај, како и во случајот на Европската заедница, побара нејзиниот прием во членство на ОН да се изврши под уставното име. Имено, ова експлицитно беше изразено во самото барање на Република Македонија, (1992) за нејзин прием во Обединетите нации со официјално писмо на претседателот Киро Глигоров до генералниот секретар на ОН (Барање за прием на РМ во ОН (Скопје, 30 јули 1992 г.), архивирано како документ во ОН бр. S/25147).
Избраната насока стана актуелна во почетните месеци на 1993 година. Таа беше поддржана, и од одредени членки на самата Европска заедница, (Велика Британија, Франција и Шпанија). Тие, од своја страна, дури, и го предложија во 1993 година нашиот прием во ОН, кој секако, за своја основа го имаше цитираното наше барање за прием во ОН од 30 јули 1992 година. При ова, значајно е да се подвлече дека напред декларираната определба на Македонија: нејзиниот прием во ОН да се изврши под нејзиното уставно име остана како нејзина определба за целото време на течењето на процедурите за тој прием во ОН. (в. Писмо на претседателот Глигоров до генералниот секретар на ОН (Скопје 5 февруари 1993 г.); писмо на претседателот на Владата на РМ до претседателот на Советот за безбедност (24 март 1993 г., регистрирано во ОН под бр. S 25541); меморандум на Министерството за односи со странство на РМ до ОН во врска со приемот на РМ во ОН, како одговор на меморандумот на Грција со кој се настојува тоа да не се случи (Њујорк 3 февруари 1993 г., Архив на МНР на РМ); и писмо на претседателот на Владата Бранко Црвенковски до претседателот на Советот за безбедност (5 април 1993 г.), регистрирано во ОН под бр. S/25542.)
Жестоките грчки реакции
За одбележување е фактот дека отпорите од Грција се повторија и во оваа пригода. За таа цел Грција подготви и посебен меморандум, изнесувајќи ги во него аргументите за непризнавање на Република Македонија, користени и пред институциите на Европската заедница, (в. меморандум во врска со барањето за прием на поранешната Република Македонија (Атина 25 јануари 1993 г.), архивиран во ОН под А/47/877, S/25158). Во контекст на овој меморандум ќе цитирам само еден мал пасус од писмото на Папуљас доставено на истиот датум со меморандумот. Основното барање во пасусот што следува, се сведува на тоа да не се допушти прием во ОН „…пред да ги исполни (се мисли на Република Македонија) потребните претпостапки и особено да го напушти користењето на деноминацијата ’Република Македонија’, што ги обновува и зголемува спротивностите и тензиите и не води кон мир и стабилност во овој веќе вознемирен регион“.
Покрај цитираниот меморандум и писмо преземени биле и голем број други активности. Така, само ден пред донесувањето на Резолуцијата 817 (Њујорк 7 април 1993 г.) од Советот за безбедност на Обединетите нации, посветена на утврдување на предлогот за нашиот прием во членство на ОН, Грција не можејќи да издејствува изоставување на нашето уставно име во насловувањето на државата, таа побара во конечниот текст на оваа резолуција да се утврди дека до решавањето на разликата околу името на „поранешната југословенска Република Македонија“, во Обединетите нации да бидеме примени токму под ова име.
(продолжува)