Во неколку продолженија, авторот на фељтонот, Бруно Рукавина, аналитичар од Хрватска, низ исклучително интересен дискурс за односите меѓу Западот (од една страна засебните западни држави, вклучувајќи ги и евроатлантските институции ЕУ и НАТО) и Русија (од друга страна), анализира зошто тие односи се „исклучително затруени“ и со „ниско ниво на меѓусебна доверба“. Анализата/фељтонот се состои од три дела:
1. Што значи всушност да се има доверба во меѓународните
односи
2. Поглед на меѓународните односи од западни позиции
3. Поглед на меѓународните односи од руски позиции
Денеска го објавуваме последното продолжение
Ескалирачкиот круг или спирала на недоверба во меѓународните односи најчесто е резултат на комбинација од структурна анархија, несигурност околу намерите и проблеми со веродостојна посветеност, а излегувањето од тој круг бара збир на меѓусебно поврзани механизми, кои истовремено ја намалуваат несигурноста, ја зголемуваат предвидливоста и создаваат материјални, односно репутациски трошоци за измама.
Некои од потенцијалните механизми за излегување од спиралата на недоверба се транспарентност и верификација, кои ја намалуваат информациската асиметрија: институционализирани инспекции, размена на податоци, обврска за објавување воени вежби и механизми за „деескалација“ (на пример, директни линии на комуникација, режими слични на договори за инциденти на море и верификациската практика на контрола на вооружувањето) ги ограничуваат погрешните толкувања и ја спречуваат „спиралата“ на безбедносната дилема и воспоставуваат јасна и стабилна рамнотежа на силите со цел за мирен соживот.
Понатаму, ублажувањето на безбедносната дилема бара политики за уверување: разликување помеѓу одбранбени и офанзивни воени системи, ограничувања на распоредувањето на силите во одредени територијални области, мораториуми, просторни тампон-аранжмани, декларации и доктринарни појаснувања – сè што ја менува и намалува перцепцијата за воена и политичка несигурност. Ова може да биде придружено со дополнителни договори за гаранција, верификации, набљудувачки мисии, мировни операции или одредени финансиски аранжмани – со што се намалува ризикот од предавство откако едната страна ќе направи неповратни отстапки.
Повторно социјализирање е исто така неопходно, т.е. менување на наративите и антизападните и антируските идентитети и проширување на „прозорецот на можности“: работата со заедниците на „другиот“, дипломатијата, нормативното претприемаштво и долгорочната интеракција во рамките на политичките системи/сојузи можат да ги трансформираат непријателските односи во безбедносни заедници со висока меѓусебна доверба. Иако меѓузависноста може да поттикне мир, искуството од меѓународните односи сугерира дека се потребни јасни, предвидливи режими за критичните сектори (енергија, финансии, технологија) со ослободени канали под неутрален надзор за да се намалат искушенијата за употреба на сила и уцена во кризи.
Сепак, сето погоре наведено може да започне со комуникација и дијалог, што Трамп штотуку го започна со „пукање“ на ехо-меурот во кој демонизирачките фрази за Русија и нејзиното раководство постојано се повторуваат три години, наместо да се направи обид да се влезе во чевлите на Русите и да се разбере нивниот поглед на светот. „Водењето успешна надворешна политика значи поседување дипломатски вештини и вештина да се ставиш во чевлите на другиот, што Западот го нема или не сака да го има кога станува збор за Русија. Слично на тоа, може да се каже дека Русија нема разбирање кон Западот и дека требало да ги исполни минималните критериуми на либералната демократија, според кои, во Русија постоел очигледен и разбирлив страв поради катастрофалните социјални и економски резултати од либерализацијата на постсоветска Русија (преку шок терапија) во 1990-тите“ (Рукавина, 2024: 67). Затоа, долгорочната цел на средбата Путин-Трамп треба да биде воспоставување односи и градење доверба првенствено преку искрена комуникација и дипломатија. Искуството во меѓународните односи покажува дека можноста за коегзистенција со Русија е можна ако, на пример, се појави трет заеднички непријател и на Западот и на Русија, или ако се најде одреден заеднички интерес за соработка во непредвидливоста на светот.
Колку многумина на Запад и да не сакаат да го прифатат тоа, Русија е во голема мера европска земја, секако географски, бидејќи Европа започнува (или завршува) во Русија – на Урал. Целата култура и историја на Европа се незамисливи без Русија. Не смее да се заборави дека Русија ја спаси Европа четири пати: од отоманскиот империјализам, од францускиот империјализам на Наполеон Бонапарта и двапати од германскиот империјализам (при што во таа борба Русија се самоуништи во Првата светска војна преку револуции и граѓанска војна, а без СССР и неговите жртви во Втората светска војна, денес повеќето од читателите на оваа анализа не би постоеле бидејќи би се реализирале лудите евгеничко-расистичко-шовинистички планови на националсоцијализмот и фашизмот, кој беше уништен од здружените сили и на СССР и на западните сојузници).
Она што го започна Трамп е еден вид реконструкција на Русија од непријател во потенцијален сојузник/партнер бидејќи на крајот на краиштата, Русија е она што мислиме дека е според конструктивистичката теорија за меѓународни односи. Оној што ќе ја конструира како непријател, таква ќе му биде, а оној што ќе ја конструира како можност, таква ќе му биде. Историјата досега покажа колку блиску до точноста и вистината бил гореспоменатиот Ото фон Бизмарк со својата позната изрека: „Тајната на успехот во политиката? Добар договор со Русија“.
Автор: Бруно Рукавина
крај