Македонки што пишуваат и се борат за женските права во 19 и 20 век (10)

Перцепцијата за жената во Македонија во 19 век како затворена, традиционална и неписмена домаќинка на македонското семејство полека исчезнува со откривањето и презентирањето материјали што покажуваат значителни активности на жените на повеќе полиња: образование, револуционерна борба, литература. Во тој контекст, израснувањето на жената како индивидуа во традиционално патријархалната средина било исклучителен подвиг. Токму за овие теми се зборува во книгата „Жени во македонската книжевност од 19 век“ од д-р Славчо Ковилоски, која е во издание на Институтот за македонска литература и неодамна беше објавена. Книгата, за првпат во македонската книжевна наука, на едно место нуди биографии на досега непознати или малку познати македонски жени со кои започнале развојот на македонското женско творештво (женско писмо) и појавата и развојот на феминистичкото движење и на првите македонски женски револуционерни и просветни друштва. Така, свое место тука ќе најдат повеќе статии, првата полемика водена од македонска жена, првиот расказ, епистоларија, како и првата пиеса и песна пронајдени во ракопис во приватен архив. На таков начин се надминува сликата за немост на македонските жени и ним им се овозможува како авторки да го заземат своето место во македонските книжевни канони. Авторот д-р Славчо Ковилоски работи како научен истражувач во Институтот за македонска литература, автор е на повеќе монографии за македонската културна историја од 19 век, добитник е на државната награда за наука „Гоце Делчев“ и повеќе од една деценија работи на истражувања поврзани со појавата и развојот на македонското женско прашање

Политичките, општествените и културните услови во македонскиот 19 век не им оделе во прилог на интелектуалците што во себе криеле уметнички жар. Тоа особено се однесува на македонските жени, кои живееле во строг патријархален систем и во време кога најпрво се обрнувало внимание на егзистенцијата, пред сѐ, на сопствениот живот и честа. Меѓутоа, дури и во вакви услови уметничкиот порив морал да излезе на површина, па некои од овие вдахновени македонски жени, покрај интерпретацијата на народните умотворби, започнале своерачно да запишуваат стихови.
Свесни сме дека ова изгубено и неоткриено книжевно богатство во голема мера го намалува и онака малиот корпус на творби испишани од женски раце. Исто така, свесни сме дека кај народите со поразвиена женска литература од ова време постојат голем број записи на маргините или ливчиња со разни белешки на кои и не им се придава таква важност каква што им даваме ние. Ракописното наследство на македонската поетска школа од крајот на 19 и првите години на 20 век е обременето со општествените услови и политичката ситуација во Македонија. Згора на тоа, кај жените се јавува и прашањето на полот, со што уште повеќе се оневозможува нивниот пробив на литературен план. Овие случаи ни дозволуваат женското творештво да го разгледуваме и од перспектива на негово (не)обелоденување. Во таа смисла, може да се зборува за „приватно“ и за „јавно“ творештво, за „приватни“ и за „јавни“ текстови. Приватното творештво останувало во ракопис, било интимно и до него немал пристап дури ни најблискиот круг на авторката. Сметаме дека тоа се состоело од поетски творби и од дневнички записи. Поради природата на записите, овие текстови речиси секогаш се губеле, исчезнувале или се заборавале. Затоа, со право можеме да забележиме дека којзнае колку вакви ракописи се уништени или, пак, се чуваат необјавени во најразлични архиви и фондови.
Освен барањето оригинални поетски или прозни творби, особено внимание треба да се обрне на кореспонденцијата, од односно на епистоларните записи. Таа најчесто е сочинета од молби и барања, жалби, писма со желби за успешна работа, писма со информации за успехот и поведението на ученичките, училишни сметки, наследства и имотни спорови, писма со описи на секојдневните животни тешкотии и сл. Овие книжевни записи имаат мала уметничка вредност, но се од големо значење за историографијата, која преку нив може да ја согледа актуелната општествено-политичка состојба и да извлече секундарни податоци за одредена личност или настан. Вакви ракописни белешки оставиле Ефросина Робева, Митра Миладинова, Царевна Миладинова-Алексиева, Евгенија Јанчулева, Евтимија П. Божкова, Коца К. Кеменџиева, Парушка Нацова итн. Нивните писма се гласови на жени што бараат да бидат слушнати.

Индиции за вакви ракописни потврди на авторство наоѓаме кај неколку поетеси. Најпознат е случајот со Депа Каваева, познатата пејачка од Струга, од која браќата Миладиновци запишале голем број народни песни. Таа се замонашила уште како млада земајќи го името Касијана, а како причина, некои сакаат да веруваат дека била нереализираната љубов со Григор Прличев. Легендата за неа вели дека нејзиното ракописно наследство било уништено од грчкото свештенство.
Физички докази за почетоци на некакво женско авторство наоѓаме кај монахињата Параскева, чии записи на маргините на црковни книги се датирани од првата половина на 19 век. Живеејќи во кичевскиот манастир „Пречиста“, Параскева како да сакала да излезе од темниот превез на анонимноста, откривајќи му го на светот своето постоење преку препишувачката дејност на еден псалтир, на чии страници оставила и сопствени записи. Параскева, чие световно име не е познато, во монаштво стапила во 1806 година, во кичевскиот манастир „Пречиста“. Нејзината главна активност, покрај монашкиот живот, било учителствувањето. Така, како учителка ја сретнуваме во шишевскиот манастир „Св. Никола“ кај Скопје во 1816 година и во манастирот „Матејче“, Кумановско, во 1819 година. Дека главната цел на нејзината книжевна дејност била писменоста, зборува нејзиниот прв запис. Во него се наведува дека препишувањето на псалтирот требало „да го дадет на дете да оучит“. Од овој запис се откриваат имињата на игуменот, архимандрит Григорија, и на најстарата меѓу монахињите, „матер Саватиа-монахиња“. Во псалтирот за кој станува збор, на втората страница, на истиот трет лист, се наоѓал и вториот запис, каде што, меѓу другото, стоело дека: „овој псалтир го напиша Параскева-монахиња“. Од нејзината рака бил и записот на претпоследниот празен лист, каде што повторно е наведено нејзиното име. Потврда дека псалтирот ѝ припаѓал на Параскева наоѓаме и во записот од друга рака, на маргините на листот 252, каде што е предадено нејзиното име. Параскева при препишувањето верно го поддржувала примерокот што го имала кај себе.

Иако е блиско до средновековната книжевна традиција, делото на Параскева ги подотвора вратите на новата македонска световна граѓанска книжевност. Преку својот пример, Параскева сведочи за желбата на македонската жена за образование и писменост, како и за надминување на наметнатата немост, во духовниот и во световниот живот.
Краток запис што во вид на јавен говор е овековечен на страниците на весникот „Право“ ѝ припаѓа на Параскева Димкова (Битола, ок. 1855 -?), ученичка во Женското училиште во Битола. На годишните испити во 1871 година, Димкова прочитала кратко слово со кое му упатила голема благодарност на трговецот Николај М. Тошков, за поддршката што му ја давал на Женското училиште во Битола. „Словцето“ било објавено на страниците на весникот „Право“ во бројот 24, од 9 август 1871 година, и тоа е засега единствениот комплетен говор зачуван и регистриран во интегрална форма. Поради значењето, него ќе го предадеме во целост:
„Мили ми Родители!
За должност света сметам да му се заблагодарам од страна на сите мои другарки и соученици, јавно и од срце, на благородниот наш сотатковец г. Николај М. Тошков, кој побуден од родољубие го поддржува Женското училиште во Битола со најголема ревност. О! нека Бог ги поживее таквите Благодетели, кои се трудат неуморно да го избават народот наш од темнината на незнаењето; нивните имиња со златни букви ќе бидат запишани во нашата народна историја. Ах, ќе бидеме ли честити да видиме и од нашите Македонци (подвлечено во оригиналот – С.К.) такви великодушни Благодетели! Дај Боже“.
Наведениве случаи не се единствените примери на подоцнежно откривање и обелоденување ракописи што афирмираат нови дела и нови автори, такви има повеќе. Некои од нив најверојатно и никогаш нема да го здогледаат светлото на денот, но некои имаат среќа и можност да бидат спасени од заборавот. Токму затоа, нивната книжевна оставина внесува свежина во нашето разбирање за образовните насоки и материјали во училиштата во Македонија во 19 век, но пред сè во нашата интерпретација на женското творештво, на поривите да се пишува и да се остават некаков запис и трага за своето постоење.
Краткиве навраќања кон овие македонски жени, кои успеале на некаков начин да ги втиснат своите имиња во историјата, се извонреден показател за желбата да се оствари забележано присуство во просторот и времето. Тие и успеале во тоа. Макар и со една чкртка на маргините на некоја книга, макар и со една испеана песна создадена во нивните глави, макар и со еден јавен настап со формално беседење пред одбрана публика.

Славчо Ковилоски

крај