Забегани елити како болест на македонската демократија

Во една ваква сериозна анализа, за функционирањето или не на демократијата во Македонија, неопходно е да се постават следните прашања: дали во Македонија политиката има шанси да стане една угледна, управувачка дејност, професија, вокација и може ли Македонија да биде земја каде што се развиле традиционална демократска свест и граѓанска култура. Овие прашања се многу значајни. Одговорот, пак, на истите тие може да биде судбоносен за политиката и демократијата во неа. Зошто? Затоа што, во земја каде што нема таква свест (демократска) и култура (граѓанска), политиката поминува во патологија, во психопатологија, во лингво-патологија. Во фрустрации и трауматизирање, кои во крајна линија, како по некое непишано правило, завршуваат со политичко и физичко насилство

(Или кој ја издаде демократијата во Македонија?)

Македонски состојби: Глобали и детали за изборната вртоглавица (6)
(Homo politicus наспроти Homo transitionis)

Фељтонот во девет продолженија „Македонски состојби: Детали и глобали за изборна вртоглавица (Homo politicus наспроти Homo transitionis)“, од авторот Сотир Костов, на читателите им нуди сестрана анализа на појавите, процесите и односите во нашата држава и општество во целост, давајќи одговори на повеќе провокативни прашања: има ли демократија во политичките партии, зошто немаме демократска политичка култура, за аномичното општество и дали нашето општество е „едно општество за сите“, за алката/условот што недостига за владеењето на правото…

Политичките елити дефинитивно немаат допир со обичните луѓе. Тие се отуѓени од народот. Многубројните примери на изборна корупција, за правно-политички инженеринг, за „заробена држава“ и „хибридна држава“ го потврдуваат тоа. Нереалниот и вештачки карактер на политиката во нашето општество ја продуцира и одржува нивната изолираност (на елитите) од животот на обичниот човек. Од таму доаѓа и убедувањето, нивно и на народот, дека проблемите во реалниот живот се нерешливи. Во една ваква состојба, нормално е да се очекува „бунтување на масите“, ама како што гледаме нам ни се случува спротивното – имаме забегани елити (политички, партиски, економски, државни, медиумски, криминални, полициски, безбедносни), кои перманентно вршат „инвазија“ на државните институции и тие, а не народот, се вистинската опасност за развојот, создавањето и одржливоста на демократијата. Таквите елити, арогантни и безобѕирни, на масите гледаат со презир и цинизам, а реториката за нивните проблеми е понижувачка. Не знаат, не научија припадниците на овие забегани елити дека вистинската демократија подразбира високи стандарди за лично однесување и лична одговорност, особено на тие што се избрани од електоратот.
Не е вистинското прашање дали во нашето општество може да се одржи демократијата. Круцијално прашање е дали ваквата демократија, чии актери се забеганите неодговорни и неморални елити, заслужува да биде одржана. Недостигаат морална цврстина, морална принципиелност и морална храброст, чесност и почит кон противниците и избирачите (види кај Кристофер Лаш, Побуна на елитите – и издајство на демократијата, Светови, Нови Сад, 1996).
Моралните принципи и правните норми и стандарди (домашни и меѓународни) му се апсолутни неопходни на демократско општество какво што сака да биде нашето. Ама, за жал, ги немаме, или не ги усвоивме, најточно, се откажавме. Кај нас владеат двојните стандарди и принципи: едни (протекционистички) за привилегираните елити, а други (уставни, законски, морални) за обичните „смртници“. Сето ова е резултат на туристичкото сфаќање на етиката и моралот од страна на избраните и одговорните во државата.

Политичка лингво-патологија

Во една ваква сериозна анализа, за функционирањето или не на демократијата во Македонија, неопходно е да се постават следните прашања: дали во Македонија политиката има шанси да стане една угледна, управувачка дејност, професија, вокација и може ли Македонија да биде земја каде што се развиле традиционална демократска свест и граѓанска култура. Овие прашања се многу значајни. Одговорот, пак, на истите тие може да биде судбоносен за политиката и демократијата во неа. Зошто? Затоа што, во земја каде што нема таква свест (демократска) и култура (граѓанска), политиката поминува во патологија, во психопатологија, во лингво-патологија. Во фрустрации и трауматизирање, кои во крајна линија, како по некое не пишано правило, завршуваат со политичко и физичко насилство.
Ајде да се запрашаме: знаеме ли точно на кое не/демократско ниво се наоѓаме во поглед на политиката што политичките партии ја практикуваат во Македонија. Разочарувачки, ама мора да се соопшти дека нашето ниво е ниско, многу ниско, барем според политичкиот јазик, дебатата и јавната реторика, вокабуларот и сиот лингвистички и ментален инвентар на изразување во изборните кампањи на напред наведените избори.
Сведоци бевме на политички несогласувања што прераснаа во отворени конфронтации, судири и негирања, кои се вовед во ментална патологија што користи свој специфичен вокабулар, нарушена и искривоколчена јазично-референтна мапа и арсенал на навреди, метафорични мутации и зоолошки експресии. Севкупно, што би рекол духовитиот Димитар Мирчев, истоветно како еден познат новински наслов: „Во скопската зоолошка градина – пореметени меѓучовечки односи…“ (види кај Димитар Мирчев, Македонија во транзицискиот тунел – Политоскоп и сатирикон на последната петолетка, Круг, Скопје, 201)

Недостига поизразена и подинамична општествена мобилност

Кога се дава ваква констатација, како во меѓунасловот, не знам, не сум сигурен што е поштетно за демократијата: непочитувањето и погазувањето на демократски изразената волја на граѓаните избирачи (од политичките партии на власт), што дефинитивно демократијата ја прави болна и „килава“ или, пак; рамнодушноста, незаинтересираноста и непартиципацијата (од страна на маргинализираните и понижени граѓани) во демократските институции, процеси и односи. Ова последново може „да ја убие“ демократијата.
Сепак едно е сигурно: политичките партии, во најголема мера, повеќе не ги претставуваат ставовите и мислењата на граѓаните избирачи. Следствено, и не се залагаат за нивните интереси. Со партиите доминираат елити, забегани и спротивставени, кои се посветени на партиски и лични цели и интереси. Тие секојдневно водат „војна до истребување“ помеѓу себе, ама проблемите и понатаму остануваат нерешени. На македонската демократија ѝ недостига, жива, јавна и отворена дебата, а не само декларативни залагања за неа. Секако, и вистинска граѓанска партиципација, од локално ниво до државно.
Сите овие изложени состојби, образложени факти и изнесени констатации ни го даваат вистинскиот одговор на сите прашања за нефункционалноста на македонската демократија. Па така, во Македонија демократијата повеќе е формална одошто вистински функционална, главно од следните причини: правната држава не функционира, не се почитуваат правото и правниот систем. Наместо закони, владеат забегани политички елити; недемократски јавен дијалог помеѓу партиите, кој е формален, нетранспарентен, непринципиелен и недемократски; отсуство на внатрепартиска демократија (во политичките партии не се создаваат и не се развиваат демократски односи и процеси);
Не треба да се занемари и еден многу важен момент, тоа е граѓанското општество.
Граѓанското општество на Македонија комплетно затаи, од аспект на мониторинг на изборните кампањи и изборниот процес. Тоа и така е фрагилно, ама и во овој случај се покажа тотално неактивно, т.е. пасивно и воопшто невлијателно (Гордана Силјановска-Давкова, THE PARTICULARITY OF DEMOCRATIC TRANSITION OF THE NEW STATES IN THE WESTERN BALKANS: THE CASE OF FORMER YUGOSLAV REPUBLICS, part of the book Key Developments in Constitutionalism and Constitutional Law, ELEVEN International publishing, hague, 2014). Целата негова структура (невладини организации, бизнис-асоцијации, синдикални организации и професионални здруженија) изгледаше незаинтересирана, отсутна и чудно замолчена. Ваквата состојба треба радикално да биде променета. Граѓаните мора да покажат загриженост за стабилноста и традицијата на сопствениот поредок. Во спротивно, сведувањето на изборите на чин „по секоја цена да се добие власта“ (што значи по секоја цена да се победи – zero sum game), па дури и да се нерегуларни, дејствува поразително за демократијата на една држава и политичката култура на нејзините граѓани. Тоа се искуства што се стекнуваат со години, па во таа смисла изборните правила треба да го поминат тестот на времето.
Во изминатите изборни циклуси се покажа дека граѓанската парципација и нивната политичката култура во изборите, сѐ уште се на ниско ниво. Крајно време е тие (заедно со организаторите на изборните кампањи) да прифатат и да применат политички вештини за настап на избори, засновани на научни теории, стратегии, тактики и техники, кои се сообразени со позитивната пракса на европската и светската демократија и традиција. Најконкретно треба да се примени вистински политички и социјален маркетинг за привлекување на избирачите и освојување на нивниот глас.
Тоа е вистинскиот начин да се вратат дигнитетот и суверенитетот на граѓанинот избирач, не само во формална и инструментална смисла туку и во вистинска, суштинска смисла. Тоа е новата изборна парадигма што ни е неопходна. На граѓаните треба да им биде овозможено слободно и без влијание од никого да го „трошат“ својот глас. За таква слобода е потребно граѓанинот од Република Македонија да не биде уценуван, загрозен и исплашен за своето учество или не на изборите, за што е потребно со него да не се постапува како поданик. Овде треба да го поставиме круцијалното прашање: дали избирачите што гласале за коруптивни политичари/партии (од кои примиле изборен поткуп во вид на државни платежни картички или во кеш) и самите се коруптивни. Одговорот на ова прашање е комплексен, во смисла дали предност ќе се даде на тешката социјална состојба на граѓаните или, пак, на нивната недоволно развиена демократска свест. Сѐ додека суштински и радикално не се променат овие незадоволителни состојби, демократијата во Македонија во најголема мера ќе го задржи и во блиска иднина ќе има формален карактер.

Сотир Костов

(продолжува)