Фото: Архива

Да се живее во Скопје, да се има статусот на „скопјанец“, согледано од повеќе аспекти на македонската реалност, ги наметнува прашањата дали е тоа привилегија, предизвик или само патемна станица до некоја поперспективна дестинација. „Нова Македонија“ го објавува фељтонот „Скопје – утопија, визија, реалност“ на универзитетскиот професор, социологот Илија Ацески, кој преку свои студиски истражувања и анализи ги согледува корените на актуелните предизвици на македонската метропола, но и насочува на целите кон кои треба да се дејствува во плановите за негов развој

Фељтон: Скопје – утопија, визија, реалност (16)

Како да започне процес на облагородување и унапредување на јавните простори? И денес, како и изминатите неколку децении, не се поставува прашањето дали е постигната функционална мрежа помеѓу потребата да се заштити нешто од историското наследство, туку до кога ќе трае уништувањето на и она малку преостанато во некои делови од центарот на градот

Скопје нема простор за понатамошно ширење, густината на населеност е над 400 жители на квадратен километар, регионот и градот имаат четири пати поголема оптовареност од вистинската биолошка моќ на регионот. Процените говорат дека ГУП на Скопје не е ни 50 отсто реализиран, ДУП-овите на општините ги надминуваат проекциите на ГУП, присутно е големо загадување, многу лесно се пренаменуваат земјоделското земјиште и слободните простори и се јавува голем диспаритет меѓу селските населби и градот, селските насeлби немаат планска документација и се оставени на хаотичност и безредие, изгубен е континуитетот на градот и околината.
Градежните зафати директно влијаат на намалување на зелените површини во т.н. Мал Ринг. За само неколку години, плоштадот стана градежен полигон на кој се мешаат стилови, епохи неповрзани со овој простор, уште помалку со времето во кои се создаваат. Плоштадот со години е постојано во процес на градење и доградување, што како еколошка последица ги има зголеменото присуство на прав во воздухот, зголемувањето на температурата, затворањето на протокот на воздух, загадувањето од бучава. Покрај тоа, зафатите во самото корито на реката Вардар дополнително ја влошуваат оваа слика, бидејќи со градбите што се директно во самото корито значително е намалена пропусната моќ на истото тоа.
И денес, како и изминатите неколку децении, не се поставува прашањето дали е постигната функционална мрежа помеѓу потребата да се заштити нешто од историското наследство, туку до кога ќе трае уништувањето на и она малку преостанато во некои делови од центарот на градот.
Потоа, во духот на идеите за здрав и одржлив град, да започне процес на облагородување и унапредување на јавните простори, како развојот да се приспособи на барањата за културен развој и пазарна економија. Како да се постигне пожелна функционалност помеѓу јавното здравје и јавниот простор? Потоа, како просторно да се усогласат мултикултурната реалност на заедницата на индивидуална еднаквост и колективната одговорност.
Зошто е важна зелената архитектура во осмислувањето на визијата на урбанистичките планови? Пред сѐ, станува збор за концепт на архитектура што се базира врз одржливи енергетски извори, соодветни градежни материјали и заштеда на енергија и, што е посебно значајно, поставување зграда во однос на нејзиното влијание на животната средина. Целта на зелената архитектура е да го минимизира влијанието на зградите/објектите врз урбаниот екосистем. Колку е тоа важно говори податокот во врска со градежниот сектор во ЕУ на кој отпаѓаат околу 40 отсто од потрошувачката на електрична енергија и 36 на емисијата на јаглерод диоксид, потоа околу 500 милијарди евра што се трошат за разладување и греење на неефикасни енергетски згради. Во Македонија состојбата не е ни малку подобра.

Во оваа пригода да го истакнеме примерот на градот Ванкувер, кој е предводник во многу иницијативи на зелената економија. Градот носи акциски план /2011/, според кој, до 2020 година треба да стане најзелениот град на планетата. Планот за зелена архитектура поставува високи цели пред градот: да се стане светски лидер во зелената архитектура со тоа што сите згради што ќе се градат од 2020 г. понатаму да бидат неутрални во создавањето карбонско влијание и да се намалат употребата на енергија и емисијата на гасови што го предизвикуваат ефектот стаклена градина во постојната градба за 20 отсто над нивоата измерени во 2007 година.
Визијата за зелена економија претпоставува рамномерна распределба на светското богатство и да се намали нееднаквоста меѓу богатите и сиромашните, потоа искористување на природните богатства што нема да го доведе во прашање опстанокот на дивиот свет, односно внимателен пристап кон животната средина.
Некои од можните решенија и насоки за развој на економијата, кои може да бидат дел од ГУП на градот, начелно се содржани во следното: модернизација на инфраструктурата, што подразбира современ и паметен урбан дизајн и проектирање во согласност со принципите на одржливиот развој. Колективен транспорт, велосипедски и пешачки патеки, зони со дрвореди и паркови што се во функција на здравјето на луѓето, незагаден воздух, енергија од обновливи извори и сл. Зелената економија треба да го намали негативното влијание на климатските промени до почетокот на наредниот период кога се очекува зголемување на температурите на глобално ниво, но најчувствителни и најмногу погодени ќе бидат големите градови каде што температурите се очекува да им го нарушат нормалниот живот на луѓето. За Скопје да тргне во насока на одржлив и паметен град треба: радикална промена на мислењето и пристапот кон планирањето. Има доволно сознанија што упатуваат дека повеќе не станува збор за град што е извор на потрошувачка, прибежиште на квалитетен живот на оние што масовно се населија од селските средини и помалите градови… Потребно е ново промислување за вредностите за тоа што е пожелен, одржлив град, кој нема цел само да ја вреднува потрошувачката психологија. Потребни се сериозни истражувања на секојдневието на луѓето, сѐ со цел да се дојде до посакуваната цел, како животот во градот да биде исполнет со творечка енергија и иницијативи за исполнет и здрав живот.

Одржливото планирање е мултидисциплинарно, потребна е соработка на сите учесници во планирањето и раководењето со градските институции. Донесувањето на одлуките да излезе од кругот на телата и органите што се понесени од чувството на самозадоволност и од индивидуалните интереси на профит. Потребна е соработка по вертикала меѓу локалните, националните и меѓународните јавни институции за одржливо урбано планирање. Потребно е планирање во кое економските субјекти ќе се помират со принципите на одржливост и здрав град, и тие треба да учествуваат во планирањето. Настапува ера на климатски промени, што претпоставува нужна соработка во развој на технологијата поврзана со животната средина. Одржливоста на градот е во способноста да се приспособува кон неочекуваните промени. Климатските промени за кратко време ќе ја покажат лошата страна, особено кон оние градови што се градени надвор од принципите на одржливост, а тоа ќе се одрази врз здравјето на поединците. Од лидерите, оние што управуваат со градот, се очекува способност за бизнис-менаџмент, креативност и водени од идејата за јавно добро и здравје на граѓаните.

Илија Ацески

(Продолжува)