Ален Делон беше филмска икона на 20 век и еден од најголемите заводници на филмското платно, чиј заштитен знак беа убавиот изглед и неодоливата харизма. Познат по улоги во голем број филмови како „Роко и неговите браќа“ и „Господарка на играта“, по долгата кариера што му донесе многу обожаватели, францускиот актер зад себе остави богато филмско наследство. Но репутацијата на Делон понекогаш беше нарушувана поради неговиот често турбулентен приватен живот. По повод неговата смрт, „Нова Македонија“ потсетува на аферата „Марковиќ“, во која актерот беше осомничен за убиството на неговиот телохранител, југословенскиот државјанин Стеван Марковиќ, а во која на виделина излегоа неговите врски со француското подземје. Во неколку продолженија ќе споделиме детали за скандалот што се закануваше да ја урне Петтата република поради поврзаноста со францускиот политички врв. Денеска го објавуваме второто продолжение
УЛОГАТА НА АЛЕН ДЕЛОН ВО АФЕРАТА „МАРКОВИЌ“ (2)
Доаѓањето на Стевица Марковиќ во Париз во 1965 година се совпаѓа со периодот кога Милош Милошевиќ веќе неколку месеци како заминал во Холивуд, за таму да ја започне својата филмска кариера. Ален Делон бил разочаран од тоа и се обидел да го разубеди, но безуспешно. На крајот се согласил, но со молба Милош да му најде друг Србин, кој ќе му биде и пријател и секретар и телохранител, а, ако треба, и двојник во филмовите. Предлогот паднал на Стевица, што Ален со задоволство го прифатил, верувајќи дека ја купил наклоноста на Стевица со тоа што го извлекол од затворот во Белгија пред една година.
Милош се иселил, а Стевица се вселил во куќата на Ален. Освен Ален, и Натали не можела да ја скрие радоста за новиот гостин со кого ќе ја делела куќата. Од писмата што подоцна ги пишувал Стевица, тој ја делел со Натали не само куќата туку и креветот. Можеби кобно за неговата судбина ќе биде и тоа што тој и не го криел тоа од својот шеф Ален (веројатно се водел според старото балканско швалерско правило „не се брои ако не си се пофалил“), иако и Натали, во напади на бес, во бракот, кој бил пред пропаѓање, честопати тоа му го истурала во лице на својот сопруг. Кумот Маркантони сето тоа го набљудувал од страна, чекајќи во низок старт на повикот кога да дејствува за да го заштити своето кумче.
Убиството во Холивуд
Според писмата што Милош Милошевиќ од Холивуд му ги праќал на својот пријател во Белград од 1964 до 1966 година, а кои можат да се видат во документарецот достапен на Јутјуб, тој таму живеел како развратен 24-годишник. Во нив пишувал дека ќе го освои Холивуд, дека ќе биде новиот Џејмс Дин, дека секој нов ден бил со нова девојка и како сите жени во Холивуд да чекале да се појавел овој Југословен за конечно да им го даде она што не можеле да го добијат од килавите Американци. Ја забележил и својата прва филмска улога во филмот „Русите доаѓаат“, иако тоа повеќе била улога на статист отколку актер, бидејќи немал свој кадар, туку секогаш бил во групна сцена со други актери, а во филмот дури и не проговорил ниеден збор. Сепак, на крајот од филмот, тој е потпишан како актер со псевдонимот Милош Милош.
Но, како и неговиот белградски пријател во Париз, Стевица, и тој почнал да ја преминува црвената линија: влегол во емотивна врска со сопругата на актерот Мики Руни, Барбара Ен Томсон. Иако тие веќе биле во напредна бракоразводна парница, сепак, како триумфна сопруга на познат маж, кој исто така бил поврзан со италијанската мафија, таквото јавно понижување не можело да биде простено. Пресудата што Милош сам си ја напишал, со своето чаламење низ Холивуд и со „бентлито“ што го возел на булеварот Сансет исто како и што живеел – 200 на час, можело да има само еден епилог – негова смрт. Сè друго било само техника на изведба.
На 30 јануари 1966 година, додека Мики Руни бил во болница во Санта Моника (одлично алиби), да се лекува од инфекцијата што ја добил на Филипини додека го снимал филмот „Ambush Bay“, неговата поранешна сопруга Барбара и Милош биле пронајдени убиени во бањата во куќата на Руни. Извештајот од полицијата во Лос Анџелес бил дека Милош прво ја убил својата љубовница, а потоа и себеси. Убиството го извршил со револвер што бил во сопственост на Мики Руни. Иако истрагата имала многу пропусти и нејаснотии – не биле најдени отпечатоци од Милош на револверот, ниту барутни честички на неговите раце, случајот брзо бил затворен.
Меѓутоа, во таквиот епилог од истрагата не верувал најдобриот пријател на Милош во Лос Анџелес, Македонецот Крсте Попчевски, кој низ Холивуд почнал гласно да зборува дека Милош не се самоубил, туку дека бил убиен од луѓе испратени од Мики Руни. Набрзо по убиството на Милош, и Крсте бил пронајден мртов во неговата куќа. Полицискиот извештај бил „смрт од несреќен случај поради струен удар од соголен кабел“. Недостигало само уште да додадат дека немал заземјување. Да носел гумени влечки, сигурно ќе преживеел.
Ален Делон многу емотивно ја примил веста за смртта на Милош. Но тој не бил изненаден. Како да знаел што ќе се случи со неговиот Милош. Хронологијата забележала дека неговиот кум Франсоа Маркантони прв и единствен пат во животот бил во Соединетите Американски Држави, и тоа токму во Лос Анџелес, во деновите кога бил убиен Милош.
Ален Делон ѝ се јавил на сестрата на Милош, Зорица, за да ѝ изрази сочувство, нудејќи се да го плати транспортот на телото на Милош до Белград. Кога ковчегот пристигнал во Белград, сведоците што го виделе телото биле шокирани од тоа колку било посинето со модринки и повреди од тап предмет. Оние што го подготвувале телото во Лос Анџелес за транспорт во Белград заборавиле да му ги соблечат чорапите што ги носел на денот на неговата смрт. Како што тврдела мајката на Милош, на нив Милош рачно имал напишано со кирилски букви: „Седиме заклучени во бањата и чекаме да влезат и да нѐ убијат“.
Уцена на премиерот Жорж Помпиду
За убиството на неговиот пријател Милош, Стевица го обвинувал Ален Делон и никогаш не му простил за тоа. Нивниот однос веќе целосно бил уништен, иако тој продолжил да живее во истата куќа со газдата, а Ален и понатаму му исплаќал месечна плата во висина од денешни 4.000 евра.
Откако се преселил во Париз, Стевица расчистил едно нешто во својата глава. За разлика од Милош, тој не сакал да гради филмска кариера, бидејќи верувал дека немал талент за глума. Она што го окупирало биле фотографијата и коњичките трки. Сите пари што ќе ги заработел во текот на неделата од фотографирањето на наивните туристи што ги ловел по плоштадот „Трокадеро“ и пред Ајфеловата кула, ги трошел за викендите обложувајќи се на коњички трки. Кога заработувачката не му била доволна, ги додавал и парите што му ги исплаќал Ален Делон, а кога и тие биле малку, барал од Ален да му даде уште пари. Што тој и го правел.
Потребата од пари, до кои на лесен начин ќе дојде, Стевица ја остварувал преку својот фотоапарат и односот со Ален. Меѓутоа, дали за првпат почнал да размислува како да дојде до лесни пари со злоупотреба на овие два ресурса?
Пријателството со Ален Делон му овозможило да запознае многу важни личности од париската елита. „Крем де ла крем“ од тие контакти биле тогашниот премиер на Франција Жорж Помпиду и неговата сопруга Клод. Наводната вечера со двојката Помпиду, на која присуствувале Ален и Натали Делон и Стевица Марковиќ, е клучна за сè што се случило потоа. Како што пишува Савковиќ, запознавањето на Стевица со мадам Помпиду му овозможило да влезе во највисоките париски кругови и да биде сведок на перверзни и развратни сексуални сеанси, за кои тој, во едно од писмата до неговиот брат Александар во Риека, тврдел дека се случувале и на париските гробишта по полноќ со цртање пентаграми. Главна ѕвезда на сето тоа била Клод Помпиду, сопругата на тогашниот премиер, кој се подготвувал да се кандидира за претседател на Франција и да го замени „незаменливиот“ Де Гол.
Според една од трите верзии, кои никогаш не биле докажани, Стевица не само што бил активен учесник во таквите бизарни тајни средби туку и тајно ги фотографирал грозоморните сцени на содом и гомора. Никој до денес не видел ниту една таква фотографија, така што прашање е дали воопшто и постоеле. Според другата верзија, Стевица немал фотографии, но водел дневник во кој имало список со имиња и презимиња на сите познати Французи што учествувале во оргиите и детален опис кој што правел. За Клод пишувал дека имала лезбејски склоности, а и злоупотребата на животни не била непознаница на овие средби. Според третата верзија, Стевица немал ниту дневник ниту список со имиња, но бил подготвен јавно да проговори пред медиумите за сето она што го видел на тајните состаноци на мадам Помпиду.
Според неговите калкулации, единствен начин да замолчи било неговиот шеф Ален Делон да му даде пари. И тоа многу пари (се говори за тогашни пет милиони долари). Но, како се вели, сметката дома и на пазар не е иста. Калкулацијата на газдата била поинаква. Кој му гарантира дека ако еднаш му плати, дека нема повторно да биде уценет. Ако му дозволи еднаш да го стисне, така ќе го стега до крајот на животот. Само устата што не зборува не може ни да уценува. Во романот „Горила 1“, Душан Савковиќ ја опишува оваа лична драма низ која поминувал познатиот актер додека седел во својот кабинет и размислувал што да прави, како да не е ништо помалку драматична од онаа на Хамлет. Конечно, длабоко во ноќта, Ален Делон (кој во романот се нарекува Ален Дипре) решава да ја подигне слушалката на телефонот и да му заѕвони на својот кум Франсоа Маркантони и да го замоли за помош.
Неколку дена по тој повик, на 1 октомври 1968 година, Стевица Марковиќ е пронајден мртов, завиткан во пластична ќеса за душек и фрлен во депонијата Еланкур во близината на Париз. Фабричката етикета залепена на најлонот од душекот покажувала број на артикл што бил идентичен со бројот на душекот што француската полиција го пронашла во спалната соба на, ни помалку ни повеќе, Франсоа Маркантони.
Ненад Живановски-Столиќ
продолжува