Ален Делон беше филмска икона на 20 век и еден од најголемите заводници на филмското платно, чиј заштитен знак беа убавиот изглед и неодоливата харизма. Познат по улоги во голем број филмови како „Роко и неговите браќа“ и „Господарка на играта“, по долгата кариера што му донесе многу обожаватели, францускиот актер зад себе остави богато филмско наследство. Но репутацијата на Делон понекогаш беше нарушувана поради неговиот често турбулентен приватен живот. По повод неговата смрт, „Нова Македонија“ потсетува на аферата „Марковиќ“, во која актерот беше осомничен за убиството на неговиот телохранител, југословенскиот државјанин Стеван Марковиќ, а во која на виделина излегоа неговите врски со француското подземје

УЛОГАТА НА АЛЕН ДЕЛОН ВО АФЕРАТА „МАРКОВИЌ“ (3)

На општите избори на 15 јуни 1969 година победил Жорж Помпиду и станал, по Шарл де Гол, првиот претседател на француската Петта република. До самите избори, во политичкото подземје кружеле кулоарски приказни лансирани од Елисејската палата дека Де Гол по никоја цена не сакал Помпиду да биде неговиот наследник и затоа му ја наместил аферата „Марковиќ“.

Одмаздата на Де Гол

Причината за тоа била што за време на студентските немири во 1968 година, претседателот Де Гол се исплашил од државен удар и побегнал во француската воена база во Германија. За разлика од него, премиерот Помпиду решително се справил со протестантите со употреба на сила. Се шпекулирало дека на фаталната вечера, организирана од Ален Делон, Жорж Помпиду побарал од Стевица Марковиќ и неговите југословенски жестоки момци да ги тепаат студентите, за власта да не го прави тоа со полицијата и да не се дискредитира. За такво нешто Стевица веќе имал добри референци, бидејќи низ Париз еуфорично се зборувало како јавно ги удирал филозофот Жан Пол Сартр (кој бил духовниот водич на студентскиот бунт) и пејачот Џони Холидеј (му го прекинал концертот и пред публиката го терал да извикува да живее цар Лазар и Милош Обилиќ), а неделникот „Пари мач“ му објавил фотографија на насловна страница со коментар дека е најсилниот и најубав маж во Париз. Во конфликтот меѓу претседателскиот и премиерскиот кабинет, Де Гол сакал да го компромитира премиерот дека се дружел со југословенскиот криминалец, кој бил мистериозно убиен откако тврдел дека имал скандалозни фотографии од неговата сопруга.

Срамнети гробиштата каде што почива Марковиќ

Стевица Марковиќ е убиен на 31 година и неговото убиство до ден-денес не е разјаснето. Париските гробишта, каде што бил погребан, пред неколку години биле срамнети со земја и на нивно место се изградени згради. Освен Стевица, страдале и сите други што на кој било начин гравитирале околу него или биле вмешани во аферата „Марковиќ“.
– Урош Миличевиќ изјавил пред парискиот суд дека на 22 септември 1968 година последен пат го видел Стевица, кога тој му кажал дека ќе оди да ги предаде фотографиите. Тврдел дека го видел Стевица како влегува во црно такси „пежо 404“, во кое седел Франсоа Маркантони и дека потоа никогаш не се вратил, сè до 1 октомври 1968 кога бил пронајден мртов. Во обновеното судско сведочење ја негирал својата првобитна изјава. Имал 26 години кога бил убиен во Брисел во 1976 година. Официјално, во пресметка меѓу српската политичка емиграција, но неофицијално, неговото убиство се доведува во врска со аферата „Марковиќ“.
– Крсте Попчевски на неполни триесет години починал под сомнителни околности во Холивуд во 1966 година, откако изјавил дека неговиот пријател Милош Милошевиќ бил ликвидиран од Мики Руни.


– Милош Милошевиќ, службено – се самоубил на 30 јануари 1966 година; постои сомневање за насилна смрт. На денот на смртта имал 25 години.
– Борис Ацков пред судот во Париз тврдел дека бил учесник во оргиите со Стевица, а потоа го сменил исказот дека сето тоа го измислил во договор со француската тајна полиција контролирана од Де Гол, за да го компромитира Помпиду, а за возврат да биде ослободен од затвор. Во 1992 година бил убиен на Копаоник, наводно, поради минорен финансиски долг. Имал 49 години на денот на смртта.
– Саманта Лу Бурон му била девојка на Милош Милошевиќ, која ја запознал во Париз и заедно се преселиле во Холивуд. Милош со неа имал син. Четири години по убиството на Милош, таа го обвинила актерот Кери Грант дека стоел зад ликвидацијата. На 30 октомври 1973 година била пронајдена мртва во автомобилски багажник. Била врзана и претепана до смрт. Во моментот на убиството имала 39 години. Убиецот никогаш не е пронајден.
Единствениот преживеан од аферата „Марковиќ“ е Милош Словенац, кој бил осомничен дека посредувал во преговорите меѓу Ален Делон и Стевица Марковиќ. Денес повлечено живее во Њујорк, а правото да дочека длабока старост (има над осумдесет години) го платил на единствениот можен начин – знаел да молчи. Останува надежта дека по неговата природна смрт и неговата уста конечно ќе проговори – со оставени мемоари, сведоштва и лични записи за времето кога со Стевица, Милош и Урош верувале дека се добрите момци на Ален Делон.

Ненад Живановски-Столиќ

крај