Фото: принтскрин

Мистична Македонија: Музеј под отворено небо

Фељтон на „Нова Македонија“ според документарните серии и филмови на продукцијата „Аристон“ и книгата „Mystical Macedonia: An Open Air Museum“, објавена на „ Амазон“ од Никола Ристевски, магистер по маркетинг-менаџмент, публицист и продуцент

  • Добре дојдовте во Македонија, земја на волшебни предели, богата историја и уникатни знаменитости. Во овој фељтон ќе ви ги претставиме природните ресурси, културното наследство и туристичкиот потенцијал на Република Македонија

Во средината на 90-тите години од минатиот век, имав можност да видам фотографија направена од приватен авион, на која се забележуваше симбол вцртан во земјата. Откако по студиите и работата во странство се вратив во Македонија, во 2010 започнав да го истражувам овој мистичен знак, затоа што интуицијата ми велеше дека тука е можно да има нешто што би било многу значајно. Користејќи ги предностите на новата технологија започнав да го прегледувам теренот преку Гугл ерт, па кога тргнав на север од локацијата во Овче Поле, стигнав до Кокино. Спуштајќи ја мапата директно на југ, забележав дека ме води до Алшар. Кокино на север, Алшар на југ, а измеѓу – огромен знак во Овче Поле. Тогаш започнав да ги проучувам старите писма и разбрав дека е можно симболот да означува некое писмо. Го пронајдов симболот во целина или како комбинација од симболи речиси во сите стари писма во светот – линеарно, етрурско, арамејско, нордиски руни итн. Имав чест и можност да се запознаам со големиот македонски истражувач, професорот Тентов, и да се запознаам со толкувањата на овој симбол од него и од неговиот тим, кои го читаа според демотското писмо како „На А Воо Ѕе“ или „на првата мајка од првородениот син“.
Бев првиот што напиша текст за ова место, јасно определувајќи го како геоглиф и го споделив со јавноста, а заедно со Горан Динев говоревме за оваа локација на Македонската радио-телевизија во 2011 година. На крајот од 2011 година имавме можност да го прошетаме професорот Домагој Николиќ до Редени Камења во Овче Поле, но и да му го покажеме знакот видлив на Гугл мапс и на Гугл ерт. Кога го виде симболот на мапата и му кажав колкава е неговата големина, Домагој ми рече да излеземе во дворот за да ми покажел нешто на небото. Посочувајќи ми го растојанието од ѕвездата Северница до соѕвездието Голема Мечка, ми рече да ја забележам нивната меѓусебна оддалеченост и да погледнам на другата страна, па тогаш го видов соѕвездието Касиопеја. Буквално „ми ги отвори очите“, благодарение на неговото големо искуство и уште поголемо знаење. Поминаа неколку месеци во кои постојано мислев дека штом пирамидите на платото во Гиза во Египет се огледална слика на „појасот на Орион“ – Трите Крала, сигурно мора да има некаква аналогија и со знакот што личи на Касиопеја и нејзиното вртење околу Северница и се наоѓа овде, во нашето Овче Поле.
Користејќи софтвери со кои можам да се поставувам на определена локација на Земјината топка во минатото и иднината и да ја гледам поставеноста на небесниот свод, почнав да проверувам значајни датуми од македонската историја. Таа година во Овче Поле повторно дојдоа американските археолози што истражуваа на локалитетот во Кнежје, каде што е убициран древниот град Била Зора, односно Бела Зора. Проучувајќи ја нивната работа во мојот роден крај, сфатив дека речиси секоја година започнуваат со истражувања околу 10 јуни, а завршуваат околу 20 јули. Тоа се датумите за кои историчарите потврдиле дека ги определуваат денот на раѓање и денот на смртта на Александар Трети Македонски, синот на Филип и Олимпија. Пресметав дека всушност царот Александар „умрел“ околу 40 дена пред да наполни 33 години и пак ги вклучив софтверите. Впишувајќи го датумот на раѓање на Александар и поставувајќи ја локацијата точно на мистичниот знак во Овче Поле, сликата се отвори – целосно огледало, како на небото – така и на земјата. Соѕвездието Касиопеја се огледува во знакот во Овчеполието точно на денот на роденденот на Александар. Бев вчудовиден и не можев да поверувам, па веднаш го замолив Домагој да го провери истото тоа со неговиот компјутер, по што и тој беше одушевен, изненаден и буквално вџашен од она што го открив.
На крајот од 2012 година, Николиќ за првпат нè спомна во емисијата „На рубу знаности“ со водителот Крешимир Мишак, а нашата соработка започна сè повеќе да се продлабочува. Откако се обидов да ја информирам домашната јавност за откриената аналогија и започнаа да ми се појавуваат пречки во работата, го замолив да го претстави истото тоа во уште едно гостување кај Крешимир Мишак. Точно една година по емитувањето на епизодата насловена „По трагите на древното рударство на Балканот“, во ноември 2013 беше емитувана епизодата „Александар Македонски“, во која професорот Николиќ го обзнани истраженото пред пошироката јавност. Не поминаа ни неколку седмици по одличната епизода што се емитуваше на Хрватската телевизија и македонските власти го поканија за да го прогласат за почесен граѓанин на Свети Николе, кога беше и договорено да се направи обид за детално истражување на овој локалитет. Зимата 2014 станав член на меѓународната научна организација СБРГ („Super Brain Research Group“ – SB Research Group) под водство на проф. д-р Паоло Дебертолис, со која во март и јули истата година ги направивме првите неинвазивни археоакустични истражувања на геоглифот во Овче Поле. Од овие истражувања произлегоа три научни труда, кои СБРГ ги објави во меѓународната научна литература во 2014, 2015 и 2016 година. Иако со дозволата од Управата за заштита на културното наследство ни беше потпишано дека можеме да ги измериме геоглифот, локалитетот кај Кнежје и Ѓаволскиот Ѕид, ни беше забрането да носиме машини на последната локација. Непосредно пред вторите мерења во јули 2014 г., Управата за заштита на културното наследство и Народниот музеј од Свети Николе го „истражија“ геоглифот, заклучувајќи и обзнанувајќи пред јавноста дека тоа било само воен ров и ништо повеќе. И покрај официјалните барања да ги продолжиме истражувањата со софистициран георадар, во два наврата не ни беше одговорено, а по нашите истражувања на локацијата беа направени „мерења за вода“, кои за разлика од нашите неинвазивни – недеструктивни истражувања беа целосно деструктивни, затоа што на врвот на геоглифот била донесена машина што дупчела во неговата внатрешност.
Од тие години, па досега многу луѓе од целиот свет го посетија местото во Овче Поле што имав можност да го наречам геоглиф, гео=земја, глиф=знак, по урнек на многуте геоглифи низ светот. За нашите истражувања слушна и светската јавност преку емитување инсерти од геоглифот во емисијата „Ејншнт елијнс“ на „Хистори ченл“ и книгата на Греам Ханкок – „Magicians of the Gods“, во која се споменува истражувањето во Овче Поле, Република Македонија. Во февруари 2018 г. заедно со Домагој Николиќ ги претставив и ги прикажав добиените резултати од нашите истражувања во големата сала на Општина Свети Николе. Од тогаш наваму, во многу написи и гостувања на медиуми се обратив на оваа тема, а во 2025 г. имав можност и да гостувам во култната „На рубу знаности“ каде што го претставив не само геоглифот, туку и цела Македонија.
Дали денешната генерација на живи луѓе е доволно зрела за нови откритија, ќе покаже времето. А до тогаш – љубете си ја Македонија и добре дојдовте во древното Овче Поле во новото време.

продолжува

М-р Никола Ристевски

(Авторот е долгогодишен истражувач на македонските природни ресурси и културно наследство)