Силно изразена национална свест кај Македонците далеку од матицата (1)
Соработникот и дописник на „Нова Македонија“ од Австралија, Душко Апостолоски, анализира навидум невообичаена состојба – колку подалеку припадниците на македонскиот народ мигрирале од Македонија толку се поизразени внатрешните емоции поврзани со патриотските и националните чувства, вклучувајќи го и нивното јавно изразување (во согласност со овозможената можност од средината за неоспорено негување на сопствениот идентитет и култура).
Во својата обемна анализа, тој јасно ja посочува причината за ваквата појава во историското инсистирање на етничка и јазична хомогеност на Балканот низ годините, првично од Грција, а во одредена мера и од Србија, додека македонскиот народ се соочува со негирање, игнорирање на правото на самоидентификација, јавна дискриминација и административни пречки. Спротивно на тоа, македонската дијаспора во Австралија или Канада национално битисува во општества во кои правото на етничко самоопределување и негувањето на сопствената култура не се оспорува туку, напротив, се поттикнува. Се разбира, факт е дека и во овие општества доаѓа до тивка асимилација, но истражувачот смета дека таа не е толку изразена како на Балканот – преку училиштата или црквата, со што постојат слобода и можности за негување на македонските национални особености. Оттука, припадниците на македонскиот народ во Австралија или во Канада многу послободно и без притисоци и опструкции ја искажуваат својата македонска национална свест во споредба со Македонците од соседните балкански држави
- И денес ги чувствуваме негативните последици од асимилаторските политики на соседите, бидејќи создадоа навидум невообичаена ситуација – колку подалеку припадниците на македонскиот народ живеат од својата татковина толку поголем внатрешен емотивен порив и израз на национални и патриотски чувства имаат. Македонската дијаспора, особено онаа од Австралија, Канада и во САД, се оформи како заштитник на македонските национални вредности, кои континуирано се маргинализирани во Грција и во Бугарија
Македонскиот народ никогаш немаше слобода за одделно национално битисување во соседните балкански држави како што се Грција или Бугарија. Тоа се должи на доминантниот балкански модел за нација од 19 век, односно грчкиот, бугарскиот и српскиот национализам, кои ги присвојуваа и негираа македонските национални особености, при што Македонците беа подложни на асимилација преку образованието, државните институции и црквата. Таквата пракса продолжи и во 20 век, особено по Граѓанската војна во Грција и новите бугарски негаторски политики на Тодор Живков. Нештата не се променија ниту во 21 век бидејќи соседите и понатаму ги третираат Македонците како славофони Грци или Бугари по потекло, кои зборуваат бугарски дијалект.
Овие политики го ограничуваа и сѐ уште го ограничуваат просторот за промовирање на македонските особености. И денес ги чувствуваме негативните последици од овие асимилаторски политики, бидејќи создадоа навидум невообичаена ситуација – колку подалеку припадниците на македонскиот народ живеат од својата татковина толку поголема македонска национална свест имаат. Македонската дијаспора, особено онаа од Австралија, Канада и во САД, се оформи како заштитник на македонските национални вредности, кои континуирано се маргинализирани во Грција и во Бугарија.
– Затоа денес сите сме сведоци на една парадоксална ситуација, македонското чувство и свест се зајакнуваат кај оние што живеат најдалеку од Македонија, бидејќи не се соочуваат со асимилаторските политики на Грција и Бугарија – велат нашинците од Австралија.
Зошто дел од македонскиот народ во Бугарија или во Грција не ја искажува својата национална свест?
Балканскиот модел на градење на нацијата беше заснован врз етничкиот национализам, односно врз принципот на асимилација преку образованието, државните институции или црквата. Слични шовинистички беа и сѐ уште се политиките на Грција кон македонското малцинство уште од втората половина на 19 век. Оттука, грчката политика кон Македонија се карактеризира со асимилација, што е особено видливо преку грчката националистичка пропаганда од крајот на 19 век, Втората балканска војна и грчката граѓанска војна. Грчките државни институции беа насочени кон елиминирање на македонската јазична и културна особеност. Грција како држава институционално ги промени имињата на топонимите, присилно грцизираше лични имиња и презимиња, забрани употреба на македонскиот јазик во грчкото општество итн. Денес Грција како општество и држава продолжува да ги третира припадниците на македонскиот народ како славофони Грци и не го признава одделниот македонски национален идентитет.
– Сите обиди за промовирање на македонскиот јазик се блокирани од грчките институции, а слична е состојбата и со македонските здруженија, кои не можат да се регистрираат. Тоа доведува до апсурдна состојба бидејќи одредени здруженија за промовирање на македонските особености се принудени да се регистрираат како приватни фирми или компании бидејќи не постои друг начин – велат добро информирани извори за оваа проблематика.
Положбата на припадниците на македонскиот народ во Бугарија е речиси идентична, бидејќи и таму се соочуваат со асимилација и негација. Бугарија како држава и општество и понатаму не го признава одделното постоење на македонскиот јазичен и етнички идентитет. Досега неколкупати беше посочено од страна на македонските друштва кај нашиот западен сосед, како што е ОМО „Илинден“–Пирин, дека Софија упорно одбива да ги регистрира, нешто што беше потврдено и од Европскиот суд за човекови права.
– Пошироката македонска јавност е свесна за овие политики, бидејќи бугарската официјална реторика повеќепати досега нагласи дека македонската нација не постои, а македонскиот јазик се третира како бугарски. Бугарија како држава, нација и општество официјално не го признава македонскиот јазик, а институционално се обесхрабрува и македонската национална самоидентификација – ни посочуваат нашите соговорници.
Во споредба со другите етнички, јазични и културни заедници во бугарското општество, бугарските институции ги прекратуваат сите обиди за јавна видливост на припадниците на македонскиот народ преку забраните за регистрација, медиумските дезинформации и напади, како и официјалното оспорување за постоење на македонско национално малцинство на бугарска територија, нешто што повеќепати беше потврдено од неколку релевантни меѓународни извори.
Ситуацијата во Република Србија е малку поинаква, но таму припадниците на македонскиот народ се соочуваат со пасивна асимилација, што во неколку наврати беше посочено од претставниците на македонските друштва кај нашиот северен сосед. Гледано низ историска призма, Србија како држава во минатото, особено по Првата светска војна, спроведуваше процес на србизација преку образованието и државните институции, во што беше вклучена и Српската црква. По создавањето на југословенската федерација, одделниот македонски национален идентитет беше признаен, но денес Македонците и понатаму се предмет на асимилација преку доминантната српска култура.
– Доколку се земе предвид сето ова, совршено е јасно дека Грција, Бугарија и Србија со својата асимилаторска политика во изминатиов век успеаја да наметнат туѓа национална свест кај припадниците на македонскиот народ. Оттука, кај новите македонски поколенија на сите можни начини треба да се поттикнува патриотската македонска национална свест, за да не недостасува. Треба да се работи на елиминирање на постоењето на одреден страв за искажување македонска самоидентификација, кој постои поради притисоците што може да се почувствуваат од државните институции. Таков е примерот со нашиот источен сосед, каде што македонската идентификација се прогласува за опасност по бугарската држава – велат добро упатени соговорници.
Автор: Душко Апостолoски, наш дописник од Австралија
продолжува