Тајните друштва и јавното мислење (втор дел)

МАРКЕТИНГ И ПРОПАГАНДА: ПРИЛОЗИ КОН ПРОУЧУВАЊЕТО НА ИСТОРИЈАТА НА МАРКЕТИНГОТ, МАРКЕТИНШКАТА МИСЛА, РЕКЛАМАТА И ПРОПАГАНДАТА (10)

Фељтон на „Нова Македонија“ според текстови од книгата „Marketing and Propaganda – A brief history of: Marketing, Marketing thought, Advertising and Propaganda“, објавена на Амазон во 2023 година од Никола Ристевски, магистер по маркетинг-менаџмент, публицист и продуцент

  • Тајните друштва се господари на развојот на цивилизацијата. Нивната улога во формирање на општествата е повеќе од очигледна. Дури и најмоќните држави во светот се управувани од елити во сенка. Од јавноста се прикриени зад платформи што ветуваат благодати за луѓето, единство на нацијата, проповедаат верност, преданост и политичка независност. Или накратко – национализам смешан со мајата на популизмот

Дали и колку е опасно слободно да се говори за слободното ѕидарство? Каква тајна организација е тоа, кога во САД храмовите се отворени за посетители? На нашите простори да се претставуваш како масон е повеќе параван за полесно комуницирање во високите кругови, тврдат слободни ѕидари што се наши современици. На Балканот постојат најмногу масони на 33. степен по човек, што е доволен податок за сериозноста и причината за членството на голем број од посветените во ложите. Борбата за материјална превласт е присутна и во овие организации, и личните суети оневозможуваат истите тие да дојдат до позиција од која би поттикнале промени на подобро за сите граѓани. Во старите демократии е сосема нормално јавното дејствување на овие друштва, но во нашата млада држава сѐ уште постојат неверување и игнорирање, дури и на постоењето на истите тие.
Дали современата масонерија претставува средство за влијание врз политиката? Критичарите на оваа конспиративна теорија тврдат дека во масонското учење нема ништо таинствено. Масоните кријат древни знаења, кои не се достапни за преостанатиот дел од човештвото. Уште во 19 век во некои весници и книги пишува дека масоните се поклонуваат пред мрачни и злобни ентитети. На многу места може да се прочитаат различни толкувања за прстенот на Алберт Пајк. Голем број критичари често знаат да посочат дека овие организации преку нивните највисоки редови се повлијаени од злобни цели и намери. Но, колку е точно тоа, знаат само посветените во највисоките нивоа, затоа што почетниците најчесто и не умеат да ја видат големата слика на дејствувањето на друштвата во кои членуваат. Ритуалите на тајните друштва се опишани во книги, кои денес се достапни и за широката јавност.

Но знаците за препознавање, тајните зборови и сигнали остануваат тајна за непосветените во овие древни учења. Носењето беџови и прстени насекаде, за да се истакне членството во определена структура, е одлика на оние што парадираат со своето членство, а искрените и чесните припадници на тајните друштва секогаш внимаваат каде и на каков начин го споменуваат учењето на кое му се посветени, а параферналиите ги користат само и само онаму каде што има потреба од тоа. Дури и поимот „илуминати“ во средствата за масовно информирање е изместен од вистинското значење, па наместо да ги читаат извештаите на Римскиот клуб, голем број од заинтересираните за овие теми претпочита да гледа видеа на интернет и да чита мали статии со сомнителна содржина, достапни на огромниот број блогови, портали и сајтови.
Вниманието од опасните настани, случувања и содржини најлесно се одвлекува доколку истите тие ни се пред очи, па иако се очигледни, се зголемува неумешноста да се спознаат и видат во вистинското светло. Симболите се насекаде околу нас, ни бодат очи, а ретко кој умее да сфати дека тие истовремено се езотерични и егзотерични. Накратко – обелоденуваат повеќе значења, само за да го прикријат вистинското, кое, сепак, работи во полза на малиот број живи луѓе што со своето постоење придонесуваат за подобра иднина на целото човештво. Игнорирањето не е благослов, средствата за масовно информирање ни прскаат црн металик спреј врз третото око, при три очи, сепак, повеќето се ќори, а продолжува недовербата кон четвртото – окото на душата. Борбата за нашите умови, тела и души се случува секојдневно, и покрај нашето игнорирање на истата таа. Поганоста на умот и телото и гнасењето на истите тие се секојдневна одлика на човечкиот род. Она што донекаде останува чисто е душата на човекот. А таа не смее да се меша онаму каде што не ѝ е место. Многумина од луѓето на новиот век немаат поим за темната страна на месечината и за ерупциите на сонцето, а самата светлина за „модерните“ претставува она што доаѓа од светилките, светлечките реклами, халогенки, билборди и слично. Уште пред векови, Леонардо да Винчи пишувал за различните видови сенки и за тоа дека сѐ што гледаме, всушност, е игра на светлина и сенки, а предметите ги гледаме поради начинот на кој светлината се одбива од нив, што зависи од нивната густина. Густата материјалност на овој свет многу добро е опишана и во учењето на богомилите. Исак Њутн успеал да покаже и докаже дека светлината всушност е спектар од бои, што може да се види преку неговата призма. Начинот на кој го гледаме светот е повлијаен од колективната свест, но, сепак, потсвеста упорно се труди да ни покаже дека виножитото всушност е во окото, а не на небото. Старите легенди говорат за богатството што се наоѓа на краевите од виножитото, што укажува дека, всушност, богатството е во секого од нас, а тоа е светлината што нѐ одржува во мракот на секојдневното битисување.

М-р Никола Ристевски