Цар Александар Македонски: приказна од Пеонија – петти дел
„Нова Македонија“ по повод датумот на раѓање на Александар Македонски, за кој се претпоставува дека бил меѓу 20 и 23 јули, објавува ексклузивен фељтон на Никола Ристевски, кој како долгогодишен истражувач на македонските природни ресурси и културно наследство дава приказ за ликот и делото на големиот македонски војсководец, неговата поврзаност со Македонија, како и за неговото светско наследство
Дали бил среќен и задоволен од својот живот? Следејќи ги историчарите, дознаваме дека, освен што бил дарежлив и сочувствителен, бил и многу тажен. Тоа се потврдува и од записите што пренеле дека, како и татко му, се обиделе и него да го убијат. Дали тоа им успеало на заговорниците, дали и како умрел царот и што навистина се случувало во тие времиња, можеме само да претпоставуваме. Она што се чита меѓу редови е дека бил тажен поради несфаќањето на дел од Македонците на смислата на походот и нивното задоволување со воениот плен, наместо со духовно задоволство. Записите од исток раскажуваат за високото ниво на свест со кое пристигнал во далечните земји, а истото тоа може да се прочита и во македонските приказни и преданија за „Царо кој бил многу добар и голем философ“. Историчарите ја забележале и неговата тага кога гинеле војниците, кога доцнеле куририте и извидниците, кога се враќал пеш, а другарите му ја воделе флотата, кога му гинеле другарите и најблискиот сојузник коњот Букефал, но и кога се обидувале да му се спротивставуваат, го озборувале и дури и се обидувале да го отрујат. Па, зарем ќе им веруваме на преводите, преписите и преправките на записите од Калистен, писарот на Александар, внук на славниот Аристотел. Тој, Калистен, и неговите братучеди биле осудени на смрт лично од царот, поради тоа што ковеле измамнички заговор и направиле најголемо предавство – се обиделе да го убијат Александар Македонски. Многумина сакале да го прикажат како суров освојувач, неморална личност и возгордеан човек, но дали тие што ги нагласуваат негативните епизоди од неговиот живот, за кои и не сме сигурни со колкава веродостојност се преведени, направиле нешто во животот што може да се спореди барем со миг од деновите на синот на Филип и Олимпија? Исто така, многу автори се обиделе и да го прикажат како некаков си обединувач по урнек и налик на денешните држави, заедници и унии. Не може да се прикаже животот, ниту да се опишат делата што ги направил Александар, а тоа да не се граничи со научна фантастика. Затоа што светот и векот од тогаш, па наваму не виделе таков јунак. Не попусто во азиските преданија се раскажува дека за Македонците било срамно да ги гледаат како насилници, бидејќи не вршеле терор онаму каде што не наидувале на отпор. Знаеле дека владеењето со меч е различно од владеењето со добрина, па затоа по патот кон Индија многу градови, дворци и тврдини им ги отвориле портите без никаков отпор. Верни на татковината и царот, со штитот или врз него, го оствариле идеалот на нивните предци – обновување на големото царство на земјата и сонцето. На светот оставил наследство преку ширење култура, големи градежни зафати и спомен за ненадминат подвиг. Неговите Александрии и други градови, упоришта, библиотеки, пристаништа и музеи претставуваат основа на денешната урбанистичка наука. Воената стратегија на македонската фаланга уште се проучува и изучува, неговиот начин на војување се применувал до доцниот среден век, а делови од големата македонска стратегија се копираат и во она што се подразбира како 21 век.
Тајните на Пеонија и бесмртниот дух
На неколку континенти уште се прераскажуваат неговите потраги по свети камења и води што носеле бесмртност, средби со суфи, брамани, мудреци од сите вери и учења каде што стапнал. Градел и создавал, обединувал и развивал, а во Македонија праќал карвани и бродови полни со скапоцености, книги, семиња, зачини и што ли уште не. Знаејќи за многуте градови од Тракија до Индија, кои биле изградени за време на неговото владеење со македонската земја, можеме ли да замислиме – а што наредил да биде изградено на и во земјата македонска?
Едни од најверните сојузници на Александар биле Пеоните. Поради какви причини дел од нив се спротивставувале кога пристигнал во нивните земји за да ги организира за поход, а дел безрезервно го прифатиле повикот, тешко е и да претпоставиме. Она што го знаеме е дека припадниците на пешадијата и коњаницата на фалангата што потекнувале од Пеонија, никогаш не му откажале послушност, ниту пак му се спротивставиле на царот за време на походот. Нивниот водач од кралската куќа на Пеонија, Аристон, се вратил во Пеонија, односно во Македонската држава која била обединета од Филип Македонски. Пеонија за нив во тоа време била горната земја. Истата територија што од средновековието од владетелите била нарекувана долна земја. Поврзаноста и меѓусебната доверба се кријат во вековите што официјалната историја ги крстила митолошки, кога се живеело со ниво на свест што денешната генерација луѓе на планетата Земја тешко може да го созерца.
Уште се раскажува за неговиот поход, за седумте светски чуда на стариот свет што биле на територијата на Македонската Империја, за неговите средби со народи и племиња во Азија, секакви приказни, дури и такви според кои ги направил првата подморница и костим за нуркање, го направил огледалото такво какво што е денес, дека од тогаш до сега не поминале над две илјади години туку помалку, дури и дека ја лажирал својата смрт. А илјада години биле како денот од вчера…
Дали сфатил дека откако организирал светска империја што ја поставил врз основи од древноста, дека луѓето не се подготвени за да бидат еднакви, бидејќи ги предизвикувал народите да го покажат нивото на развој до кое стигнале и заедно со Македонците да стават крај на старата ера на предавства, завист, алчност и лошотија, но тоа тешко му успевало, што се потврдува со распаѓањето на империјата. Можеби и го дознал тоа што му требало, па навистина ги измамил сите, а за неговата тајна знаеле само најверните. И денес може да се слушне дека и не поминале 2.300 години од тогаш до сега. Уште се раскажува надолго и нашироко кога и како умрел и каде бил закопан, а никој не му го знае ни гробот, ниту пак каде точно бил роден и кои биле старите престолнини на неговите предци. Сигурно од чиста мира не тргнал до Индија… и назад. Однел и вратил култура, наследство и цивилизациски вредности. Литературата оставила огромен спомен за Александар низ целиот свет, а најмногу печатени изданија биле објавени низ Европа, каде што речиси секоја земја во својата најстара литература ги вклучува преводите на книгите за Александар Македонски. Многу си го присвојуваат и се дрзнаа да се обидат да им забранат на Македонија и Македонците да го обзнанат пред светот својот спомен за цар Александар. Македонија не си го присвојува, затоа што таа им го дала на светот и човештвото за на сите да им биде подобро, а не полошо. Што научи до 40-те дена пред неговиот 33. роденден? Дали препишувачите намерно се обиделе да модифицираат приказни и да го претстават како неморален човек што злоупотребувал алкохол со цел да се заборави духовната големина на Александар Македонски? Можеби и затоа е целиот притисок врз една од ретките држави во светот што во 21 век носи име на некоја од државите од пред нашата ера – старата Македонија? Дали е возможно гробот да се наоѓа на територијата на денешната Македонија, која денес не е кралство како во антиката, туку република? Пеонската земја што е дел од македонската држава уште од памтивек, можно е да ја крие најголемата тајна на антиката и тоа да е наследството што невидливо и непобедливо им помага на Македонците да опстанат и да преживеат. Впрочем, 2.300 години поминале и светилиштето треба да биде исчистено.
Споменот за Александар, кој и ден-денес инспирира голем број од Македонците што се распрскани и раскарани на различни делови од Земјината топка, е жив со векови и милениуми. Она што сигурно не треба да го повториме се расколот и однесувањето на неговите генерали по наводната смрт во Вавилон, туку да бидеме лојални кон идеалот како што биле војсководците и војниците што се вратиле со жена му и синот во Македонија и кои им останале верни до смрт ним и на мајка му, а со тоа и нему и на татко му.
Како и во неговото време, кога за него се пропагирало дека е умрен уште во годините додека бил жив татко му, така и од тогаш наваму, споменувајќи го, поголемиот дел од современиот свет е преокупиран со неговата смрт и локацијата на неговиот гроб. Со ова дело го одбележуваме денот на неговото раѓање – роденденот на цар Александар Македонски. Најголемиот цар на сите времиња всушност никогаш и не умрел – неговиот дух живее вечно за човештвото и Македонија. Оти илјада години се како денот од вчера, а каменот си тежи на своето. Жив, жив е цар Александар Македонски! Вечна памет.
Крај
Никола Ристевски
Адаптирано сценарио од документарниот филм и истоимената книга на англиски јазик „Alexander of Macedon – the greatest king of all time, a story from Paeonia“ од м-р Никола Ристевски, долгогодишен истражувач на македонските природни ресурси и културно наследство