Македонија во старите книги, патописи, карти, мапи, документи и весници (6)
- Македонија и Македонците низ очите на еден венецијански капетан
Во историската наука, примарните извори – документите напишани од непосредни сведоци на настаните – имаат најголема тежина, a овој патопис содржи прецизни податоци што ги потврдуваат посебноста на македонската територија и население во раниот османлиски период. Дневникот на Џио Марио Дељи Анџиолело претставува документ од прв ред за проучување на историјата на Македонија. Неговата вредност лежи во објективноста на странец што немал политичка агенда, туку едноставно го бележел она што го гледал. Неговите записи недвосмислено потврдуваат дека во 1470 година, термините „Македонија“ и „Македонци“ биле во активна употреба за означување конкретна територија и посебен народ, јасно разграничен од другите. Овој документ, пронајден во библиотеката во Виченца под број 382, не е само обичен дневник на еден патувач; тој претставува скапоцен историски артефакт што недвосмислено го потврдува постоењето на Македонија и Македонците како посебен ентитет во раниот период на османлиското владеење.
Приказната започнува во драматичните години на венецијанско-отоманските судири. Анџиолело, капетан на венециската пешадија, по падот на Евија (Негропонте) во јули 1470 година, ја доживува судбината на многумина – неговиот брат Франциско е убиен, а тој е одведен во заробеништво од страна на султанот Мехмед Втори Освојувачот. Но токму оваа трагедија го претвора Анџиолело во еден од најважните хроничари на своето време. Како дел од свитата на султанот, тој добива единствена можност да ја пропатува Македонија и да го запише она што го гледа со свои очи, без политичките филтри на подоцнежните векови. Бидејќи поминал многу години во Истанбул и го научил јазикот, неговите записи се ослободени од вообичаените предрасуди на тогашните западни набљудувачи, нудејќи фактографски преглед на теренот низ кој поминувала османлиската војска. Она што фасцинира во записите на Анџиолело е прецизноста со која тој ги дефинира границите. За него, Македонија не е апстрактен поим, туку конкретна територија со јасни меѓи. На 8 август 1470 година, тој запишал дека султанот запрел во едно поле што „ја претставува границата на Македонија“. Движејќи се од Платамон кон север, Анџиолело ни дава жив опис на македонскиот пејзаж: од соланите кај Китрос до моќната река Вардар, за која експлицитно наведува дека „поминува низ Македонија и се влева во Солунскиот Залив“. Овој опис е од суштинско значење бидејќи ја позиционира Македонија како централен географски поим, различен од околните региони, богат со ресурси и „одлични расни коњи“ донесени од Азија. Значаен аспект на овој патопис е јасната географска перцепција за Македонија.

За разлика од некои средновековни документи каде што границите се нејасни, Анџиолело прецизно ги бележи своите движења. Овој опис укажува дека за еден образован Италијанец од 15 век, Македонија претставувала конкретна географска целина, поврзана со сливот на реката Вардар, а не само апстрактен историски поим. Тој исто така забележува дека регионот е погоден за одгледување „одлични расни коњи“, кои биле донесени од Азија. Можеби најзначајниот сегмент од овој патопис за нашата историографија е делот што се однесува на Света Гора. Опишувајќи ги манастирите на 14 август, Анџиолело прави јасна, недвосмислена дистинкција меѓу народите што живеат таму. Тој пишува: „Тука се наоѓаат многу манастири на христијански калуѓери, од кои некои се Грци, други Македонци, Власи па дури и Италијанци“. Оваа реченица има тежина на историска пресуда. Во оригиналниот италијански текст, како што е наведено во фуснотите на документот, стои: „Cristiani Calogeri li quali alcuni sono Greci et alcuni Macedoni…“. Венецијанскиот патописец не ги става сите православни христијани во ист кош. За него, Грците и Македонците се два различни народи, исто како што се различни Власите и Италијанците. Ова е директен доказ дека во 1470 година, свеста за македонската посебност била јасно препознатлива за странските набљудувачи. Понатаму, патувајќи кон исток, кај крепоста Бари (покрај морскиот залив), Анџиолело повторно го потврдува овој соживот, наведувајќи дека таму „живеат Грци и Македонци“. Ова повторување ја исклучува можноста за случајна грешка; тоа е конзистентно препознавање на етничката реалност на теренот. Патописот открива дека сеќавањето за античката македонска држава било живо меѓу локалното население и во 15 век. Кога поворката пристигнала во Филибегош (Филипи) на 15 август, Анџиолело веднаш забележува дека градот бил „изграден од царот на Македонија, Филип“. Тој пренесува и интересни локални преданија поврзани со Александар Велики. Опишувајќи ги урнатините и еден висок столб со натпис на грчко писмо, тој го пренесува верувањето дека „на ова место била шталата на Александар Велики“. Особено впечатлив е деталниот опис на издлабените потковици во карпите, кои биле со „природна големина“, но значително поголеми од потковиците на тогашните коњи. Ова сведочи за постоење на локален фолклор што ги поврзувал просторот и мегалитските остатоци со фигурата на Александар. Патописот не се задржува само на минатото. Преку описот на Солун, кој изобилува со „кожи и волна“ и каде што се наоѓа гробот на Свети Димитрија, како и преку описот на пазарот во Мерканово (каде што се продавале теписи, килими и железарија), добиваме слика за една економски жива Македонија. Тоа е земја каде што трговијата ги обединувала луѓето, Турци, Евреи, Грци и Македонци доаѓале од далеку за да купуваат и продаваат.
Дневникот на Цио (Џио) Марио Дељи Анџиолело е документ од непроценлива вредност. Тој не е политички памфлет, туку објективно набљудување на еден странец. Неговите записи од август 1470 година стојат како цврст бедем против сите обиди за негирање на македонското име и идентитет низ вековите. За Анџиолело, Македонија била реална земја со свои граници, а Македонците се реален народ, рамноправен со другите народи на Медитеранот. Денес, овие стари патописи говорат погласно од која било современа дебата!
м-р Никола Ристевски
(продолжува)
































