Последниот значаен конфликт, со исклучок на настаните од 2025 година, се случи во 2019 година. Конфликтот започна по терористичкиот напад во Пулвама, кога бомбаш самоубиец нападна конвој што превезуваше припадници на индиските безбедносни сили. Во нападот беа убиени 40 припадници на индиските резервни полициски сили. Исламистичката група Џаиш-е-Мохамед ја презеде одговорноста за нападот. Индија го обвини Пакистан за нападот, тврдејќи дека напаѓачите имале поддршка од пакистанска територија. Од друга страна, властите во Исламабад го осудија нападот и негираа каква било вмешаност. Дванаесет дена по нападот, Индија изврши прекуграничен воздушен напад на пакистанска територија. Како одговор, Пакистан изврши свој воздушен напад следниот ден наутро
КАКО БРИТАНЦИТЕ ГО ПРЕТВОРИЈА ИНДИСКИОТ ПОТКОНТИНЕНТ ВО ХАОС (5)
„Геополитика“, поттикната од сѐ уште актуелниот воен инцидент на Средниот Исток меѓу двата соседа и нуклеарни сили, Индија и Пакистан, прави еден кус историски пресек на настани и потсетува на факти во кои ја става Британија (Обединетото Кралство) во фокусот на својата аналитичка опсервација, претставувајќи политики на Лондон како генератор за длабоки и перманентни безбедносна жаришта
На влегувањето во 21 век, односите меѓу Индија и Пакистан останаа оптоварени со историско наследство на конфликти, недоверба и конкурентски национални наративи. Незадоволството од Кашмир поради укинувањето на автономијата предизвика бран терористички напади во Индија од страна на екстремни муслимански групи во Индија. Многу терористички групи, како што се Џаиш-е-Мохамед и Лашкар-е-Таиба, имаат свое седиште во Пакистан и отворено се залагаат за „ослободување“ на Кашмир.
Кон крајот на 2001 година во Њу Делхи, петмина напаѓачи поврзани со милитантната група Џаиш-е-Мохамед со автомобил се удриле во конвојот на индискиот потпретседател Кришан Кант и отвориле оган. Во исто време, сличен напад беше извршен и врз зградата на собранието во Сринагар, главниот град на федералната држава Џаму и Кашмир. Индија ги обвини екстремистичките групи со седиште во Пакистан за нападите и започна со мобилизирање на својата војска по должината на границата. И покрај помалите конфликти во Кашмир, кои речиси ескалираа во отворена војна, понатамошната ескалација беше избегната благодарение на дипломатската интервенција на меѓународната заедница.
Во 2003 година, Индија и Пакистан повторно седнаа на преговарачка маса и започнаа серија дипломатски разговори насочени кон стабилизирање на меѓусебните односи. И покрај многубројните несогласувања и недоверба што останаа од претходните конфликти, обете страни успеаја да постигнат одреден напредок во нормализирањето на односите. Се чинеше дека ситуацијата конечно се движи во насока на долгорочен мир и стабилност во регионот.
За жал, надежите за трајна стабилизација на односите брзо исчезнаа. Во ноември 2008 година, серија координирани терористички напади во Мумбај ја потресоа Индија. Нападите подоцна станаа познати како „26/11“, по датумот на кој беа извршени. Терористите поврзани со групата Лашкар-е-Таиба извршија напади на неколку локации, од кои најпознат беше оној врз луксузниот хотел „Таџ махал палас“.
Стравувајќи од можна индиска воена одмазда, Пакистан распореди воени сили по должината на границата, но тие беа повлечени неколку дена подоцна за да се избегне ескалација. Како резултат на нападот, дипломатските односи меѓу двете земји нагло се заладија, а сите претходни преговори за нормализација на односите беа прекинати.
Во 2016 година, односите меѓу Индија и Пакистан повторно достигнаа точка на вриење, предизвикана од еден од најсмртоносните напади врз индиските сили во Кашмир во последните 20 години. На 18 септември, четири вооружени милитанти нападнаа индиска воена база во Ури, во близината на Локон. Во нападот загинаа 19 индиски војници, а индиската јавност реагираше остро, барајќи одговор.
Индиската влада, предводена од премиерот Нарендра Моди, одговори на 29 септември 2016 година, објавувајќи дека индиските специјални сили извршиле напади на повеќе локации низ целиот регион на контролната линија, уништувајќи ги базите на милитантите. Тоа беше преседан – првпат Индија јавно призна дека спровела таква операција на пакистанска територија, испраќајќи јасна политичка и воена порака.
Пакистан, од друга страна, негираше дека овие напади воопшто се случиле, нарекувајќи ги „илузија“ и обвинувајќи ја Индија дека се обидува да го дестабилизира регионот. Без оглед на различните толкувања на настанот, инцидентот од 2016 година означи промена во безбедносната стратегија на Индија. Ова ги постави темелите за слични одговори во годините што доаѓаат.
Последниот значаен конфликт, со исклучок на настаните од 2025 година, се случи во 2019 година. Конфликтот започна по терористичкиот напад во Пулвама, кога бомбаш самоубиец нападна конвој што превезуваше припадници на индиските безбедносни сили. Во нападот беа убиени 40 припадници на индиските резервни полициски сили. Исламистичката група Џаиш-е-Мохамед ја презеде одговорноста за нападот. Индија го обвини Пакистан за нападот, тврдејќи дека напаѓачите имале поддршка од пакистанска територија. Од друга страна, властите во Исламабад го осудија нападот и негираа каква било вмешаност. Дванаесет дена по нападот, Индија изврши прекуграничен воздушен напад на пакистанска територија. Како одговор, Пакистан изврши свој воздушен напад следниот ден наутро. Следувала воздушна битка меѓу индиските и пакистанските сили, за време на која пакистанските воздухопловни сили собориле индиски „миг-21“. Иако конфликтот траеше само неколку недели, тој предизвика силен страв во регионот од можност за нуклеарна ескалација.
Пат без крај? Можности за мир во сенка на историјата
Историјата на односите меѓу Индија и Пакистан е обележана со шема на конфликти, обиди за стабилизација и обновени нарушувања на довербата. Од поделбата на Британска Индија во 1947 година, регионот Кашмир остана фокусна точка на тензии – територијален, политички и емоционален симбол што доведе до три големи војни, многубројни помали конфликти и континуирана нестабилност во текот на децениите.
И покрај многубројните дипломатски напори, како што се Договорот од Симла, Декларацијата од Лахор и преговорите што траеја од 2003 до 2008 година, секој обид за мир се покажа како кревок и привремен. Довербата што се гради со години честопати се уништува во еден единствен момент – експлозија, истрел или обвинување.
Најновиот пример за ова се случи во мај 2025 година, кога оружениот одговор на нападот врз терористите во Кашмир повторно ескалира во престрелка. Тензиите достигнаа ново ниво, а регионот се чини дека повторно се лизга кон сериозна ескалација.
Прашањето останува – дали ќе преовладаат разумот и дипломатскиот дијалог или сме сведоци на вовед во уште една војна по ред, во свет што веќе станува сè понестабилен?
(Крај)