Фото: Маја Јаневска-Илиева

Извадоци од книгата „Разнесено наследство“, 2006 г., која всушност е адаптирана верзија на истражувачка серија написи во весникот „Нова Македонија“ во ноември 1998 година

Нове Цветаноски: Разнесено наследство (7)

Во оваа публикација се изнесени само најзначајните релевантни податоци и сознанија за уништувањето, разграбувањето и разнесувањето на сите видови културно наследство (ракописно, археолошко, етнолошко, сакрално) и оваа книга беше првиот обид во кој интегрално беше третиран проблемот со уништувањето и разнесувањето на сите видови културно наследство на Македонија. Ваквиот преглед на фактографски податоци и сознанија можеби никогаш не ќе може да биде сеопфатен, затоа што за многу разграбувања и уништувања не се зачувани податоци или, пак, податоците за тоа се прикриваат во земјите од каде што потекнуваат извршителите или во чие име се извршени тие нецивилизациски постапки. Но овој преглед е обид да се даде одговор на прашањата: како и од кого е уништувано, како е разграбувано, каде е носено и каде се наоѓа денес македонското движно културно наследство, односно кои значајни артефакти од македонската територија во кои музеи, библиотеки и колекции се чуваат денес во светот.

Освен повеќето збирки со македонски средновековни ракописи, што се наоѓаат по библиотеките и музеите во Србија, во музеите на северниот сосед има многу вредни предмети од Македонија што потекнуваат од праисторијата до денес. Тие предмети од Македонија најчесто биле носени до Втората светска војна, односно сè што било вредно пронајдено во предвоениот период на македонската територија било пренесено во српските музејски институции, а најмногу во Народниот музеј во Белград.
Во овој музеј има ретки и исклучително вредни споменици на културата што потекнуваат од Хераклеја, Стоби, Требеништа и од други археолошки локалитети, потоа стотици икони однесени од македонските цркви и манастири, но и стотици парчиња златен накит.
Толку многу стари предмети од Македонија има во овој музеј што само со нив може да се формира посебен музеј на културното наследство на Македонија.
Едно од најбогатите одделенија на овој музеј со предмети од Македонија е античкото одделение. Локалитетот Требеништа кај Охрид, кој бил случајно откриен, во 1918 година, од бугарски војници при градењето на железничката пруга Кичево – Охрид, влезе во светската археолошка ризница по откривањето на златните предмети во оваа античка некропола, но речиси највредните наоди се наоѓаат надвор од Македонија. Првин биле најдени две златни маски и богато украсени сагови, кои биле однесени во Археолошкиот музеј во Софија, но потоа истражувањата ги презеле српските археолози, кои пронашле уште две златни маски и многу други скапоцени антиквитети и сите тие наоди се наоѓаат во српските музеи.
Во 1927 година бугарскиот археолог Богдан Филов ги објавил првите научни анализи за наодите од првите седум богати гробници во Требеништа. Потоа, српскиот класичен филолог и епиграфичар д-р Никола Вулиќ вршел истражувања на овој локалитет од 1930 до 1933 година и тогаш биле пронајдени многу значајни предмети, кои завршиле во депоата на Народниот музеј во Белград.
…Најзначајните археолошки предмети се откриени пред Втората светска војна, но вредни наоди сè уште се откриваат – дури и на почетокот на 21 век (откриена е уште една златна маска). Досега од оваа некропола се извадени и се евидентирани околу 850 предмети, од кои повредните, односно 258 се наоѓаат во Археолошкиот музеј во Софија, а 187 во Народниот музеј во Белград. Најпознатите археолошки предмети од овој локалитет се неколкуте посмртни златни маски, од кои по две има во Софија и во Белград.
Народниот музеј во Белград љубоморно ги чува археолошките наоди од Требеништа, а првпат по војната, во 1956 година, оваа музејска институција каталошки ги објави за јавноста наодите од овој локалитет. Тогаш младиот археолог д-р Љубиша Поповиќ подготви каталог на предмети од Требеништа што се наоѓаат во музејот, според кој, во него има збирка од 23 златни, 54 сребрени и 55 предмети од бронза и килибар. Подоцна се утврди дека нивниот број е многу поголем (187).
Но во овој белградски музеј се наоѓаат предмети и од некрополата што била откриена во Радолишта кај Струга, која во 1937 година ја испитувал српскиот археолог д-р Миодраг Грбиќ.

Плашило со голема вредност

Во 1931 година еден селанец во Битолско имал необично, варосано, плашило во својата нива. Не било необично затоа што било бело варосано, туку затоа што плашилото, всушност, била една античка скулптура. Ја пронашол случајно во своето лозје кај Битола, а откако скулптурата стигнала во Белград и била исчистена, било утврдено дека е ретко античко дело – копија на Атена Партенос од Фидија, чиј оригинал не е зачуван. Таа и денес е во Народниот музеј во Белград, а се карактеризира со повеќето зачувани детали што се наоѓале и на оригиналната статуа.
Оваа статуа не е единствената што се чува во белградскиот музеј. Во него се наоѓаат и многу антички скулптури и релјефи и капители од ранохристијански храмови, кои пред Втората светска војна биле однесени од Стоби. Најголемиот дел од тие скулптури се најдени во раскошната Партениева палата во Стоби. Покрај веќе споменатите антички ремек-дела, во музејот се наоѓаат и две исклучително вредни скулптури од вториот век пред нашата ера. Тоа се: Сатирот што свири и Сатирот што игра, познати како голем и мал сатир. Потоа, таму се сместени уште неколку предмети, кои поради својата вредност имаат значајно место во светската археологија: архајски релјеф на Пан, глава на девојка, глава на нимфа, глава на Орфеј, торзо на божицата Афродита и други, кои се изработени во мермер. Има и фрагменти од фрески, кои се ретки, и декорирани капители од Епископската базилика во Стоби од 5 век, која е една од најголемите црковни градби откриени во Македонија.
Во античката збирка на Народниот музеј во Белград се наоѓаат и две теракоти пронајдени во Грешница кај Битола: Биста на девојка и Жена завиткана во пелос. Неколку портрети изведени во мермер, кои се пронајдени кај Ресен и Штип, исто така, се сместени во овој белградски музеј, кој е пребогат со археолошки предмети од Македонија.

Пофалба со туѓото

Но тоа не е сè што има во Народниот музеј во Белград. Всушност, толку многу има што не може сè да се наброи. Во средновековното одделение има и една охридска икона, сликана од двете страни, а потекнува од почетокот на 14 век. Во Белград е пронајдена во 1930 година и му е подарена на кралот Александар. Има и други икони од Охрид, меѓу кои и такви што се изработени на стари и дотраени штици, но се исчадени и искапени од свеќи. Меѓу нив се и левата половина на композицијата Раѓањето на Христос и десната половина од иконата Слегување на светиот дух (другите две половини случајно се пронајдени во 1955 година и се чуваат во Охрид). Во Народниот музеј во Белград има икони што се однесени од повеќе градови, односно манастирски центри во Македонија, но и дела работени во резба, како што се царските двери од Охрид (датираат од 16 век) и Андреашките двери од црквата „Свети Никола“ во скопското село Шишево, кои се датирани со 1389 година.
Народниот музеј во Белград има постојана поставка во која значајно место заземаат предметите пренесени од Македонија, но тие не се изложени според музејските стандарди и вообичаената практика на изложување. Имено, се разликуваат од српските експонати по тоа што покрај нив, односно покрај името на локалитетот, не се споменува земјата од која потекнуваат. Другите предмети што не се постојано изложени, уште повешто се кријат.
Но има случаи кога оваа музејска институција, за да го прикаже своето богатство, неизбежно во изложбите ги вклучува и ремек-делата од Македонија. Така, во 1980 година (значи, уште кога Србија и Македонија беа во составот на заедничка држава), по повод 21. Заседание на Генералната конференција на УНЕСКО во Белград, Народниот музеј во Белград подготви изложба на темата „Уметноста на средновековна Србија од 12 до 17 век“. Истата изложба, придружена со обемен каталог, беше поставена и во Мадрид, Шпанија. На таа изложба средновековна Србија беше претставена и со повеќе од 30 македонски(?!) средновековни споменици и средновековен златен накит, што ги чува Народниот музеј во Белград. Истиот музеј, во 1984 година, по повод 140-годишнината од основањето, постави изложба со наслов Уметничкото богатство на Србија, на која беа прикажани повеќе од 150 предмети од Македонија!?

(Нове Цветаноски: „Разнесено наследство“, 2006)

(Продолжува)