УЛОГАТА НА АЛЕН ДЕЛОН ВО АФЕРАТА „МАРКОВИЌ“ (1)
Ален Делон беше филмска икона на 20 век и еден од најголемите заводници на филмското платно, чиј заштитен знак беа убавиот изглед и неодоливата харизма. Познат по улоги во голем број филмови, како „Роко и неговите браќа“ и „Господарка на играта“, по долгата кариера, која му донесе многу обожаватели, францускиот актер зад себе остави богато филмско наследство. Но репутацијата на Делон понекогаш беше нарушувана поради неговиот често турбулентен приватен живот. По повод неговата смрт, „Нова Македонија“ потсетува на аферата „Марковиќ“, во која актерот беше осомничен за убиството на неговиот телохранител, југословенскиот државјанин Стеван Марковиќ, а во која на виделина излегоа неговите врски со француското подземје. Во неколку продолженија ќе споделиме детали за скандалот што се закануваше да ја урне Петтата република поради поврзаноста со францускиот политички врв. Денеска го објавуваме првото продолжение
Смртта на познатиот француски актер Ален Делон повторно ја актуализира аферата „Марковиќ,“ во која тој беше директно осомничен за убиството на неговиот телохранител Стеван Марковиќ. Со неговото заминување од овој свет, замолкна и последната уста на сите директни учесници што биле инволвирани во најголемата афера во модерната француска историја, која се заканувала да ја урне француската Петта република од темел.
Иако никогаш не бил осуден, Ален Делон ја имал главната улога во овој политички трилер, во кој сценариото го зборувал од сопствената глава, а не како научен текст, кој однапред му го напишал некој друг. Можеби затоа и ја направил фаталната грешка кога изјавил „кучето што ќе го касне својот господар мора да биде убиено“.
Врски со мафијата
За да се разбере вистинското лице, односно психологијата на Ален Делон, потребно е да се тргне со проучување на неговиот карактер уште во најраната младост. Како што вели Фројд, детето е татко на човекот, односно како ќе се формираме во детството, такви ќе бидеме и кога ќе станеме возрасни. Раното детство на Ален е сместено во дисфункционално семејство, во кое неговите родители се развеле кога тој имал само четири години, така што наредните десеттина години живеел во хранителско семејство и во католички интернат. Поради лошо однесување, бил вратен кај мајка му, која во меѓувреме повторно се омажила за локален месар. Напуштајќи го основното училиште, тој го изучил месарскиот занает кај својот очув.
На 17 години решил да стане професионален војник, но бидејќи бил малолетен, неговите родители морале да дадат согласност. Како што изјавил подоцна во едно интервју, тоа го направиле без никакво противење, како едвај да чекале да им се тргне од пред очи и да замине некаде, од каде што, можеби, никогаш нема да се врати жив. Со француската војска заминал во Индокина, а според сведочењата на некои воени другари, поради младоста никогаш не учествувал во воени операции, но кога тие се враќале од нив, тој секогаш се пријавувал како доброволец за да ги мачи и убива заробените Виетконговци, при што вештините научени од месарскиот занает доаѓале до целосен израз во садистичкото изживување и егзекутирање на затворениците.
По војната, околу 1955-1956 година, кога едвај имал дваесет години, се вратил во Париз, каде што живеел како бездомник, спиел на клупи во парк и, како што пишува Душан Савковиќ во документаристичкиот роман „Прегратката на Париз“, претставувал евтино месо за богатите американски каубои, кои во тие години како туристи масовно го посетувале Париз.
Без пари и без школо, единствениот адут да успее во животот му била неговата ангелска убавина, која не останала незабележана и од корзиканската мафија, која управувала со париското подземје. Тогаш, веројатно, е направен и „договорот со ѓаволот“, сличен на оној на сицилијанската мафија со Френк Синатра, Корзиканците да застанат зад него, да го лансираат во филмскиот свет, а тој за возврат да им дава процент од заработеното. Иако без завршено основно образование, набрзо ги завршил престижните школи за глума и напредни курсеви по англиски јазик. Шефот на корзиканската мафија Франсоа Маркантони му станал кариерен ментор.
Фатална средба во Белград
Судбоносен момент во неговиот живот е доаѓањето во Белград во 1962 година, каде што требало да се снима филмот „Марко Поло“. Според една верзија, 27-годишниот Ален во ресторанот „Загреб“ (денес „Руски цар“) на Кнез Михајлова ги забележал 20-годишниот Милош Милошевиќ и група белградски мангупи, при што изразил желба да се дружи со нив додека е во Белград, така што влегол во ресторанот и се понудил да им плати пијалок. Според друга верзија, која е многу пореална, оваа белградска група на мангупи секоја вечер одела во дискотеката во хотелот „Мажестик“, при што во еден момент дошло до туркање со обезбедувањето на Ален Делон. За да ја смири ситуацијата, Ален ги повикал да седнат во неговото сепаре и ги почестил со пијалак.
Како што сведочи еден од присутните во документарецот што може да се гледа на Јутјуб, по затворањето на дискотеката, Ален Делон го поканил целото друштво во неговиот стан, кој му бил изнајмен на Врачар. На оваа белградска екипа ѝ се придружиле и тогаш најубавите млади белграѓанки, така што сите заедно завршиле на забава кај Ален Делон.
Според присетувањето на споменатиот сведок, Ален не покажал никаков интерес за флертот што му го праќале цела ноќ занесните белграѓанки, туку бил фасциниран и фокусиран само на Милош Милошевиќ. Како што сведочи присутниот гостин, набргу видел „колку е часот“ и му рекол на Милош да си одат бидејќи тоа сè повеќе личело на „педер-бал“. Меѓутоа, на Милош таквата забава му била занимлива, така што на пријателот му одговорил: „Ако ти е досадно, оди си, а јас ќе останам“. Следниот ден кога се виделе, според сведочењето на пријателот на Милош, тој бил полн со еуфорија и му рекол дека ќе се сели заедно со Ален Делон од Белград во Венеција, каде што ќе продолжи снимањето на филмот „Марко Поло“, а тој ќе настапува како негов дублер.
– Педер, ете на тоа ми личеше Ален Делон, а и Милош со него – децидно изјавува во камера овој сведок на фаталната средба меѓу Ален и Милош во документарецот, во кој за себе кажува дека по стари денови работи како белградски таксист.
Контакт со Стевица Марковиќ
Иако проектот „Марко Поло“ пропаднал, тоа не било причина Милош да се врати од Венеција во Белград, туку продолжил во Париз заедно со својот новостекнат пријател Ален. Таму живеел во неговата куќа, работел како дублер, а Ален му плаќал часови за глума и ветувал дека преку неговите контакти ќе му обезбеди улоги во неговите наредни филмови.
Сè на сè, нивната идила траела следните месеци, сè додека еден ден Милош не се појавил во куќата на Ален со својата девојка. Ја претставил како Французинка со мароканско потекло, чие име било Франсин Канвас. Дали поради љубомора или нешто друго, но првите зборови на Ален биле: „Што ќе ти е оваа курва!?“.
Два месеца по оваа средба, Ален Делон се оженил со фаталната Франсин Канвас, а таа го сменила името во Натали и го додала презимето на својот сопруг Делон. Кум на венчавката им бил никој друг туку Франсоа Маркантони.
Тие денови Милош добил писмо од неговиот добар пријател од Белград, 25-годишниот Стевица Марковиќ, дека е во затвор во Белгија и дека го моли ако може некако да му помогне да излезе на слобода. Милош му се обратил на Ален Делон за помош, а овој решил да плати добар адвокат, но и да ги придвижи своите контакти, за пријателот на неговиот пријател да биде ослободен. Наскоро Стевица е ослободен и се враќа во Белград, каде што не може да прифати да живее. За тоа имал две причини: неговата мајка, која во 1948 година работела како сметководителка во хотелот „Мажестик“ (каде што 14 години подоцна судбината ќе сака да ги поврзе Милош Милошевиќ и Ален Делон), била обвинета дека била симпатизерка на Информбирото и завршила на Голи Оток, каде што и починала. Поради тоа Стевица бил жесток антикомунист и противник на тогашниот режим.
Другата причина зошто сакал да ја напушти Југославија била поради тоа што неговата сестра веќе емигрирала во Париз, каде што ја однело нејзиното момче, ветувајќи ѝ дека ќе работи како моделка во модната индустрија. Набрзо по пристигнувањето во Париз, таа сфатила дека била измамена, затоа што завршила како проститутка на Пигал. Не можејќи да го прифати таквиот живот, решила да се самоубие фрлајќи се под воз во париското метро. За нејзина несреќа – останала жива, но со отсечени нозе, целата неподвижна, со изгубен глас за комуникација и способност самата да се храни. Бидејќи немала пари, за неа се грижело сестринството на Католичката црква во еден санаториум во близината на Париз. Чувствувајќи братска обврска кон својата сестра, Стевица почнал да планира да емигрира во Париз за да биде поблиску до неа.
Во тоа време таквата операција не била премногу комплицирана – доволно било само да се качите на возот Белград-Париз и кога ќе пристигнете на железничката станица во Париз да го искинете југословенскиот пасош и да се пријавите во париската полиција како политички емигрант од Србија. Тие години француските власти без проблеми им издавале политички статус на Србите што ќе се декларирале како антикомунисти и симпатизери на кралот Петар, иако единствениот контакт со кралот, кој тогаш живеел во Париз, на Стевица и неговиот најблизок париски пријател Урош Милиќевиќ им бил кога се обиделе да упаднат во неговиот стан и да ги украдат уметничките слики. За нивна жал, како што пишува Савковиќ во „Прегратката на Париз“, вечерта кога влегле, Кралот заедно со сликите веќе бил преселен во САД, а ним им останало само да гледаат во небојадисаните делови од ѕидовите каде што претходно биле закачени скапоцените слики.
Ненад Живановски-Столиќ
продолжува