Фото: ЕПА

Македонија во старите книги, патописи, карти, мапи, документи и весници (8)

  • Уште во 1657 година, Жан Тавено останал вчудовиден од сцените што ги затекнал во македонските чаршии. Тој бил фасциниран од тоа како луѓето пијат кафе, создавајќи околу себе аура на мир во зачадените простории. Овој ритуал, кој Тавено го пренел во Франција, бил многу повеќе од обично консумирање пијалак. Тоа бил ќеифот – концепт толку длабок и специфичен за македонскиот човек што останал непреводлив на западните јазици

Историјата на Балканскиот Полуостров, кој во старите мапи и записи честопати со право се нарекува Македонски Полуостров, не е само хроника на војни и граници туку жива река од луѓе, обичаи и непоколеблив идентитет. Низ вековите, Македонија била крстосница каде што западните патници се судирале со еден свет што не го разбирале веднаш, свет што и покрај сите премрежиња успеал да го зачува својот автентичен македонски код.
Уште во 1657 година, Жан Тавено останал вчудовиден од сцените што ги затекнал во македонските чаршии. Тој бил фасциниран од тоа како луѓето пијат кафе, создавајќи околу себе аура на мир во зачадените простории. Овој ритуал, кој Тавено го пренел во Франција, бил многу повеќе од обично консумирање пијалак. Тоа бил ќеифот – концепт толку длабок и специфичен за македонскиот човек што останал непреводлив на западните јазици.
За Европејците, навикнати на брзината на раната индустријализација, способноста на Македонецот да седи со часови пред анот, загледан во далечината со филџан кафе и тутун, првично изгледала како мрзливост. Но, под површината, тие набрзо откриле длабока филозофија на бавното живеење. Македонецот, без разлика на верата, знаел да го запре времето. Тоа било пркос кон тешката историска судбина; начин да се каже дека моментот на мир е посилен од секоја империја што поминувала низ оваа земја.
До XVII век, западната мисла била заробена во класичната филологија, гледајќи ја Македонија исклучиво низ призмата на Античка Грција. Сепак, реалноста на теренот зборувала поинаку. Едвард Браун во 1669 година бил меѓу првите што јасно запишале дека од Будим до Лариса, јазикот на народот е словенски.

Тој му укажал на светот дека Македонија е жива, пулсирачка земја со словенско население, кое со векови го гази истиот овој камен. Иако границите во записите на патописците често биле нејасни, мешајќи ги поимите Бугарија, Србија и Македонија, нивните сведоштва како очевидци се бесценети. Тие биле сведоци на еден народ што бил таму пред појавата на модерните држави и пред агресивните пропаганди на XIX век.
Впрочем, XIX век донесе судир на седум туѓи пропаганди (грчка, бугарска, српска, романска, турска, албанска и католичка), кои се обидуваа да го распарчат македонското ткиво. Парадоксално, токму во нивната желба да се негираат едни со други, тие го открија македонското. Кога ќе се отстрани слојот на политички интерес и идеологија, остануваат чистите факти: Македонија не била празна територија, туку дом на посебен македонски народ со своја култура и јазик.
Како што се развивала науката, така и патописците станувале попрецизни. Франсоа д’Тот уште во 1770 година го навестил она што подоцна многумина ќе го потврдат, дека Македонците се посебен ентитет. Јакоб Филип Фалмерајер во 1841 година направил вистински потрес во науката, тврдејќи дека дури и модерните Грци во својата основа имаат силен словенски супстрат. Кон крајот на XIX и почетокот на XX век, превезот конечно паднал. Имиња како Хенри Остин Лејард, Карл Хрон и Чарлс Елиот јасно и недвосмислено пишувале за Македонците како за засебен народ. Карл Хрон во 1888 година научно го образложил македонскиот идентитет, додека рускиот патник П. А. Ритих во 1901 година со сета своја тежина запишал: „Македонците не се ни Срби, ни Бугари, а уште помалку Грци“.
По 1903 година, светот веќе не можел да замижува пред сквернавењето на Македонија. Автори како Хербер Вивијан, Фредерик Мур и Едмонд Буше д’ Бел почнале да пишуваат за Македонија не како за географски поим туку како за жива национална реалност.
Македонците не се дојденци во сопствената историја. Тие се столбот на овој полуостров, народ што низ „ќеифот“ го зачувал својот дух, а низ вековната борба својот идентитет. Патописите, кога се читаат како целина, ја цртаат линијата на едно постепено, но неизбежно откривање на вистината: додека пропагандите доаѓале и си оделе, македонското постоење само се зацврстувало. Македонија отсекогаш била и останува срцето на Балканот, со народ чии корени се длабоко вкопани во оваа земја уште под сонцето на антиката, па сè до денес.


Кафе-културата во Франција има корени од нашите простори

Дали сте знаеле дека првата искра на кафе-културата во Франција била запалена токму на нашите простори? Во 1657 година, францускиот патописец Жан Тавено останал буквално „заробен“ од магијата на македонските чаршии. Додека светот брзал, тој со часови седел во зачадените анови, фасциниран од еден специфичен ритуал што го нарекувале „шмркање кафе“. Токму Тавено се смета за човекот што за првпат ја пренел оваа навика во Франција, инспириран од она што го видел тука.
Она што најмногу ги збунувало западните посетители бил концептот на „ќеиф“. За индустриска Европа, каде што времето веќе одамна станало пари, овој збор бил вистинска енигма. Тие гледале како Македонецот – без оглед дали е христијанин или муслиман – со часови седи пред анот, со еден единствен филџан кафе, малку тутун и поглед вперен некаде во далечината.
На почетокот, Европејците тоа го дијагностицирале како „мрзливост“. Но, како што поминувало времето, сфатиле дека се работи за нешто многу подлабоко.
Отпор кон стресот: способност да се исклучиш од хаосот. Длабока филозофија: умешност да се живее во „сега и овде“. Мир среде немир: внатрешна спокојност и покрај тешката историска судбина што постојано му висела над глава на овој народ.
Аромата на силното црно кафе и чадот од тутунот станале заштитен знак на Македонија во мемоарите на патописците. Тоа не било само пауза од работа – тоа било манифест на слободата. Дури и кога околностите биле тешки, правото на свој „ќеиф“ и свој мир останало недопирливо. Денес, кога зборуваме за „slow living“ (бавно живеење) како за нов модерен тренд, треба да се сетиме дека Македонците го усовршиле тој концепт уште пред половина милениум. Тоа е симбол на свет што знае дека најскапоцените моменти не се оние во кои трчаме, туку оние во кои знаеме да застанеме. Можеби и затоа нашите предци опстанале со векови окупирани од туѓи сили, но дали тоа „бавно живеење“ во 21 век се претвори во мрзливоста за која во почетокот пишувале патописците, допрва треба да дознаеме…, а одговорот зависи од сите нас. Н.Р.

М-р Никола Ристевски

продолжува