Сребра Апостолова

„И каурките станале комитки“, се ширел гласот за Сребра Апостолова и Донка Ушлинова. Чинот на безмилосното убиство на Суљов извршен од двете жени силно ги возбудил духовите во Крушевско, Битолско, Преспанско и во поширокиот реон на Западна Македонија. Бидејќи дотогаш такво нешто не се случило и било невозможно ниту да се замисли, Сребра и Донка во очите на македонските револуционери и во очите на македонското и турското население ја покажале силата на македонската жена. Легендата за нив продолжила да живее, а со нивните имиња биле заплашувани сите злосторници и насилници што вршеле терор врз недолжното население

Жени во македонското револуционерно движење од предилинденскиот и илинденскиот период (7)

Во македонската историја се познати голем број настани и револуционери што оставиле силен белег во борбите за ослободување на Македонија. Меѓутоа, она што не е доволно познато е дека во тие борби се вклучиле и повеќе Македонки, кои со своите дела и постапки исто така дале свој придонес во револуционерното дело. Околу нив се плетеле приказни, се граделе митови и легенди, а нивните биографии личат на вистински романи, кои како да се произлезени од најголемите фантазии на писателите. Овие жени се бореле гради во гради со непријателот, шиеле востанички знамиња, извршувале курирски задачи, пренесувале оружје и муниција,
ги криеле и ги лекувале македoнските револуционери. Нивниот револуционерен ангажман бил прераскажуван од современиците, а меѓу народот биле познати како „комитките“. Авторот д-р Славчо Ковилоски е универзитетски професор.

Од селото Лера, Битолско, потекнуваат две македонски револуционерки, чии судбини се испреплетуваат и кои уште своевремено се сметале за легендарни хероини. Едната е Донка Ушлинова, а другата е Сребра Апостолова (Ушлиновска).
Сребра Апостолова е родена во семејството на Димо и Петрана Домазетови. Во македонската револуционерна организација влегува во 1901 година, кога била посветена од локалниот револуционер Темелко Спасов. Била мажена за духовитиот, но предан член на Организацијата, Апостол Илиев, од истото село.
Нејзината легендарност започнала со решението таа, нејзиниот сопруг и нејзината јатрва Донка Ушлинова да го убијат познатиот злосторник Џелал (некаде се сретнува и Џелеб) Реџо Суљов од Лера, поради неговото насилство врз селото и целата негова околија. Настанот се случил во август 1902 година. Неговото убиство се случило со благослов на мајката на Сребра, Петрана, и тоа во нивната куќа, каде што насилникот беше отседнал со цел да ги земе двете девојки и да ги направи анами. Кога вечерта Суљов дошол во куќата на Петрана, таа го пречекала со сите почести, а тој донел мноштво подароци. Во меѓувреме, Сребра, Донка и Апостол подготвиле една здраво јаже, тесла и пиралка (тешка дрвена летва со која се перело). Прва го пречекала Сребра. Таа мошне умешно, со низа ласкања успеала да му ја оттргне пушката на Суљов. Двете жени успеале да го седнат гостинот со грбот свртен кон вратата од каде што за кратко време се појавил Апостол. Тој околу вратот на Суљов му префрлил јаже и го турнал долу на подот. Веднаш скокнала Сребра, која со пиралката го удирала по нозете и му ги скршила колената. Донка, пак, со теслата удирала по рацете. Конечно, откако насилникот почнал да моли за својот живот, тројцата почнале да го колнат, му застанале на вратот и му ја пресекле главата. Понатаму следувал чин, чиј опис на ова место ни се чини дека е несоодветен за опишување.

Значи, во внимателно испланираната акција, Суљов бил „обезружен и сосечен“. Откако го убиле Суљов и му го зеле оружјето, ноќта тројцата заминале во илегалност во блиските планини. Оттука му испратиле писмо на битолскиот валија во кое навеле дека тие го извршиле погубувањето и го предупредиле да не се бараат други виновници за да не се измачува населението од страна на властите. Навистина, затворените селани поради овој случај биле ослободени, освен Петрана, која била осудена на 10 години затвор и жестоко измачувана од османлиските власти. Таа, заедно со малолетните деца Христо и Трајан, одлежала еден период во битолскиот затвор. За време на Младотурската револуција (1908) тие биле амнестирани и ослободени. Набрзо по ослободувањето, веќе следната година Петрана починала. Христо и Трајан по затворот и смртта на мајка им се прибрале кај нивната сестра Сребра во Варна, каде што живееле во голема сиромаштија.
По убиството на насилникот, Сребра, заедно со сопругот и јатрвата стапиле во контакт со реонскиот војвода Славејко Арсов. Арсов им дал комитски (четнички) облеки и ги примил во својата чета. Нивната приказна ја разбрале и реонскиот раководител на селото Смилево, Георги Чуранов, потоа војводата Тома Давидов и реонскиот војвода Ѓорѓи Сугарев, кои потоа нашироко го прераскажувале настанот. Сугарев дури ги примил и како четници во својата чета. „Тоа беше една смела акција, која по својот карактер и генијален начин на исполнување ги стресна властите“, ќе запише Христо Настев.
Во друг текст посветен на овој настан, Настев ќе запише: „Како типичен и смел револуционерен акт, кој по својот карактер и начин на извршување, со активно лично учество на две млади, едвај 19-годишни жени-селанки, се создава и првата терористичка акција на В.М.О.Р. Организација во Битолскиот револуционерен округ, поради што заслужува да се знае…“.
Подоцна со сопругот се преселиле во Варна, каде што во сиромаштија ги растеле нивните четири деца: две ќерки и два сина. По Првата светска војна станала член на Илинденската организација и на друштвото „Илинден“. Апостолова починала на 31 јануари 1942 година. Опелото се извршило на 1 февруари во катедралната црка „Успение на Пресвета Богородица“ во Софија, а за неа зборувал претседателот на „Илинден“, Христо Настев. За неа, тој истакнал: „Сребра со простодушниот пронижувачки поглед, со завидна телесна сила, која покажуваше ретка бодрост и вродена скромност на селска срамежливост, го криеше во себе и своето кораво, но будно национално срце што силно чука“. Описот продолжува и понатаму, при што се додава: „Секогаш резервирана и скромна до наивност во односите, таа не се жалеше од никакви незгоди и недостатоци во својата нова положба. Таа не ја покажуваше, инаку, тагата за мајка си, која беше измачувана и осудена за истата афера и воедно со двете братчиња беа во затвор, а во отсуство на татко ѝ, куќата и целиот имот им беше оставен на пропаѓање“.
„И каурките станале комитки“, се ширел гласот за Сребра Апостолова и Донка Ушлинова. Чинот на безмилосното убиство на Суљов извршен од двете жени силно ги возбудил духовите во Крушевско, Битолско, Преспанско и во поширокиот реон на Западна Македонија. Бидејќи дотогаш такво нешто не се случило и било невозможно ниту да се замисли, Сребра и Донка во очите на македонските револуционери и во очите на македонското и турското население ја покажале силата на македонската жена. Легендата за нив продолжила да живее, а со нивните имиња биле заплашувани сите злосторници и насилници што вршеле терор врз недолжното население.
„И каурките станале комити, беше станало легенда, која со уште поголеми детали и украсувања се ширеше и се предаваше од уста на уста, од село во село и од град во град…“.

Д-р Славчо Ковилоски