Скриените белези од стариот манастир

Мистична Македонија: Музеј под отворено небо

Фељтон на „Нова Македонија“ според документарните серии и филмови на продукцијата „Аристон“ и книгата „Mystical Macedonia: An Open Air Museum“, објавена на „Амазон“ од Никола Ристевски, магистер по маркетинг-менаџмент, публицист и продуцент

Возвишението Ѓуриште е идеална локација за археолошки, духовен, рурален и пејзажен туризам и располага со непроценливо културно наследство и огромни природни ресурси. Селата што се наоѓаат во овој регион допрва треба да заживеат и да се развиваат. Количествата на вода што се наоѓаат под Ѓуриште се толку големи, што старите Овчеполци знаеле да речат дека „ако се отвори Ѓуриште, Овче Поле пак ќе стане езеро“.
Ѓуришкиот манастир со црквата посветена на рождеството на Пресвета Богородица во последната деценија беше реновиран со помош на повеќе добри луѓе што придонесоа за старата црква да биде заштитена, да се направи нов фрескопис, но и да се подобрат условите во манастирските конаци. Сите што некогаш биле на Ѓуриште, го знаат стариот манастир.
Повозрасните добро го паметат и стариот чувар – дедо Варадин, кој, според некои кажувања, прво бил монах на Света Гора, по што се вратил во родниот крај, за до крајот на животот да го варди Ѓуришкиот манастир. За време на реновирањето, при изградбата на новата порта, сегашниот чувар – дедо Дане успеал да спаси два камени блока со многу стари натписи. За среќа, иако старецот не умее да го прочита напишаното, има доволно свест и совест за да го сфати значењето на старите писма, што придонело да останат овие натписи. Наместо да бидат искршени, камените блокови внимателно се зачувани за некои „подобри времиња“. Истражувајќи го минатото на мојот роден крај – големото Овче Поле, најдов неколку стари записи за манастирот во Ѓуриште, меѓу кои и запис во кој се фотографирани, запишани и објаснети натписите врз камените блокови.
Во Гласникот на Скопското научно друштво од 1936 година е содржан и текстот „Записи кај Ѓуришкиот манастир“, во кој се опишани овие камени блокови. Од текстот, кој бил објавен во 1936 година, дознаваме дека овие камени блокови тогаш биле вградени над и до главната капија на Ѓуришкиот манастир, но и дека натписот на нив означува „Во лето 1595 се изгради дворот…“. Овој натпис се сретнува уште во еден текст од истата година.

Фото: „Нова Македонија“

Во близина на манастирот се наоѓа и старата чешма со мистични симболи, какви што има и на Орашка чешма во Преод, на чешмата во Бабина Дрма и на други локации низ Ѓуриште и целото Овче Поле. Постојат повеќе сведоштва за подземни премини и тунели што се наоѓаат под Ѓуриште. Спомените на локалното население за подземните патишта и големото езеро под ридот, преданието за овчарчето што си го изгубило кавалот некаде меѓу Бареш и Ѕурилово, записите за старата школа за превод и препис на книги, легендите за змијата дебела како човечка нога и за некаков змеј од Ѓуриште, претпоставките за постоењето на средновековниот град Коритос во месноста Коритиште на ова возвишение, старите дрвја нарекувани по вистински случки од минатото, големите камени крстови и старите чешми, одекнуваат во етерот уште од дамнешни времиња до ден-денес. Чистиот воздух, дивата природа, билките и плодовите од Ѓуриште се предизвик за сите посетители на ова возвишение во Овче Поле. Во ѕидовите на новите конаци можат да се забележат вѕидани блокови на кои има претставено коњаник, но и камила, што потсетува на „камилишката падина“, на која карваните со камилите одморале во овие краишта. Името на селото Преод во подножјето на Ѓуриште исто така потсетува на старите премини што минувале низ овој дел на Овчеполската Котлина.
На Ѓуриште уште од пониска надморска височина може да се забележи густа борова шума, која е садена во втората половина на минатиот век. На возвишението се наоѓаат и многуте дабови шуми, кои се споменати и во старите книги и чуваат спомени за славното минато на овчеполската земја.
И покрај честите еколошки акции, на ридот се забележливи повеќе места со расфрлан отпад, за што е потребна итна интервенција, но и активности за организација и издигање на свеста на населението. Изградбата и обновувањето на конаците во манастирот, реновирањето на црквата и активната промоција на регионот во изминатите години придонесоа за сѐ поголема афирмација на овој крај, што се потврдува и со зачестените посети на луѓе во сите периоди од годината.
Денес домаќин на Ѓуришкиот манастир е дедо Дане, човек што живее во конаците на манастирот, ги прогнозира временските услови според старите народни верувања, собира диви билки и плодови, свири на кавал, изработува фигури од дрво, ги пречекува посетителите, се грижи за црквата и го чува Ѓуриште.
Благодарност до сите луѓе што им помагаат на овчеполските цркви и со своето дејствување ја чуваат верата наша рисјанска. Се надевам дека нашето културно наследство конечно ќе ги добие потребното внимание и грижа, затоа што некој овде пред векови ни оставил големи работи што ние денес можеме да ги прочитаме.
Текстот е посветен на дедо Варадин и дедо Дане.

продолжува

М-р Никола Ристевски

(Авторот е долгогодишен истражувач на македонските природни ресурси и културно наследство)