На Сирма може да се гледа како на претставничка не само на индивидуалниот хероизам и бунтовничка од ајдутско време туку и како на претставничка на борбениот женски дух во секое време. Таа е неконвенционална (носи машка облека), силна е (натфрла со камен дури седумдесет ајдути), прецизна е (не ѝ затреперува раката во најважниот момент) и има храброст да предводи дружина составена исклучиво од мажи. Името на Сирма Војвода останува да се движи некаде помеѓу митот и реалноста, меѓу вистинската историска и посакуваната романтичарска личност. А важно е да се спомене дека приказните го градат чувството за заедништво
Во македонската историја се познати голем број настани и револуционери што оставиле силен белег во борбите за ослободување на Македонија. Меѓутоа, она што не е доволно познато е дека во тие борби се вклучиле и повеќе Македонки, кои со своите дела и постапки исто така дале свој придонес во револуционерното дело. Околу нив се плетеле приказни, се граделе митови и легенди, а нивните биографии личат на вистински романи, кои како да се произлезени од најголемите фантазии на писателите. Овие жени се бореле гради во гради со непријателот, шиеле востанички знамиња, извршувале курирски задачи, пренесувале оружје и муниција, ги криеле и ги лекувале македoнските револуционери. Нивниот револуционерен ангажман бил прераскажуван од современиците, а меѓу народот биле познати како „комитките“.
Авторот д-р Славчо Ковилоски е универзитетски професор.
Името на Сирма Војвода постојано се провлекува низ македонската историја, книжевност и фолклор, уште од средината и втората половина на XIX век, сѐ до денес. Воопшто, таа е најпознатата и најопеана македонска ајдутка, војвотка, предводничка на вооружена чета. Интересот за Сирма Војвода, започнат уште од времето на Миладиновци, не се изгубил ни во текот на годините по нејзината смрт. По Миладиновци белешки за неа оставиле Кузман Шапкарев, Георги Трајчев и уште неколкумина македонски хроничари, кои се повикувале на претходниците и ги парафразирале постојните информации. Во оваа пригода важно е да се напомене дека нема зачувано фотографија од Сирма и сите цртежи на кои таа се појавува се од подоцнежен период и се плод на авторските имагинации.
Димитрија Миладинов првпат изнесува историски сведоштва за физичкото постоење на Сирма, презентирајќи ни податоци за нејзиното родно место, за просторот каде што ајдукувала, за оружјето што го носела, односно за нејзиното ајдутство, за нејзиниот приватен живот, како и за последните години проживеани во Прилеп. Иако скуден, овој запис на најстариот од браќата Миладиновци ни овозможува поглед кон животниот пат на Сирма, уште тогаш зачинет со романтичарски елементи. Според него, роденото име на прочуената војвотка било Сирма Крстева, а родена била во мијачкото село Тресонче. Во оваа пригода треба да истакнеме дека годината на нејзиното раѓање е определена според записот на Д. Миладинов дека неа на осумдесетгодишна возраст ја видел во Прилеп. Познато е дека есента 1856 година станал учител во Прилеп. Ете тука, тој активно се зафатил, меѓу другото, и со собирање народни умотворби. Тука, во 1856 година и ја сретнал прочуената Сирма, која му раскажала за својот живот и за која, за жал, Димитрија го оставил краткиот запис. „В одајата је под перница држеше кубурите полни, и сабји, обесени на ѕидот, висеха над неа“, забележал тој.
Значи, врз основа на информацијата дека тогаш Сирма имала осумдесет години, определена е 1776 година, како време на нејзиното раѓање. Подоцна се омажила за некој Мијак во Крушево, а живеела во Прилеп, каде што и починала. За нејзината смрт дознаваме од еден краток запис на Кузман Шапкарев, оставен како забелешка во неговата „Автобиографија“. Таа гласи: „Неа ја убија прилепските Турци во 1864 година кога одеше од градот кон Варош“. Записот ни овозможува да го потенцираме значењето на Сирма Војвода, која и на повозрасни години не била заборавена од Турците, но исто така нѐ доведува во ситуација повторно да се вратиме на прифатената година на нејзиното раѓање. Доколку таа е точна, тогаш можеме само да заклучиме дека во 1864 година, кога имала 88 години, била сѐ уште здрава и силна за пеш да го помине растојанието од Прилеп до Варош, кое не е толку мало.
Времето во кое живеела и дејствувалa Сирма Војвода било време кога ајдутството зазело масовни размери. Причините за тоа ги наоѓаме во опаѓањето на тимарско-спахискиот систем во османлиската држава, анархијата и честите војни што ги воделе Османлиите, поради општата општествено-стопанска криза, засилената експлоатација на селаните и граѓаните со дополнителни даноци итн. Ајдутите најчесто биле активни во периодот од Ѓурѓовден до Митровден, значи од пролет до есен. Најчесто напаѓале ненадејно, од заседи во длабоките планински места.
Бидејќи песната што Димитрија ја слушнал потекнувала од селото Гари, исто така од Дебарско, можеме да заклучиме дека таа веќе била идентификувана како хероина на овој крај. Облечена во машка облека, преправена како маж, Сирма со својата дружина од седумдесетина сејмени, како што се пее во песната, била активна во пределите на планинските краишта на Бабин Трап, Стогово, Барбара, Крчин, односно на поширокиот потег од Бистра, до јужните падини на Шар Планина, до Кичевско на југ и Дебарско на исток.
Воочлив е восхитот на запишувачот Миладинов за нејзината физичка сила бидејќи „на еден ден истрча растојање од осумнадесет часа“, најпрво: „од Крушово појде в Прилеп и се врати назад; и од Крушово појде в Кичево“. Треба да земеме предвид дека белешката на Димитрија се базирала врз сопствените искази на Сирма и дека секако доколку навистина се случило, тоа би претставувало своевиден подвиг, невозможен и за голем број мажи. Сепак, веруваме дека Миладинов без предубедување го прифатил овој нејзин исказ. Во ширењето на легендата за Сирма Војвода придонел и прилепчанецот Георги Трајчев. Во една пригода тој ја презел оваа информација за Сирма, но додека кај Миладиновци тој подвиг се случил само еднаш, кај Трајчев станало: „секој ден по 18 часа била на нозе“, што е голема разлика.
Последниот дел од записот на Димитрија се однесува на нејзиното мажење за некој Мијак од Крушево, за кого се знае дека се викал Велко Спиров и дека бил бајрактар во нејзината чета. Ова ни покажува, наспроти тврдењата дека за неа дознале дека е жена дури откако ѝ се скинале „петлиците од грăдите“, дека сепак некои од четата знаеле за нејзиниот пол.
Веруваме дека оттаму се и привлечноста и подоцнежниот брак со бајрактарот на четата Велко Спиров. Што се однесува, пак, до прашањето на нејзината преселба и живот во Прилеп, него го доведуваме во врска со значењето на овој град во средината на XIX век, на полето на културата и просветата, но уште повеќе поради неговото значење како еден од најголемите панаѓурски центри во европскиот дел на османлиската држава, каде што престојувале голем број нејзини сограѓани од Мијачијата. Се разбира, голема улога во изборот на градот каде што живеела по ајдукувањето имала револуционерната традиција на Прилеп.
Народната песна за Сирма Војвода има повеќе варијанти. Сепак, сите тие имаа една заедничка карактеристика, а тоа е невообичаената слика за ајдутскиот период во Македонија, имено „мома војвода да бидит“ на седумдесет сејмени. Како што може да се види, ништо не е подарено, ниту пак доделено без причина. Ваквата ситуација се случила благодарение на машката облека што ја носела Сирма, но пред сѐ на нејзината храброст, прецизност и сила.
Истакнувајќи го нејзиното војводство, отвораме проблематика поврзана и со прашањето за полот и родот. Во тоа време не било вообичаено жените да одат во планина како дел од ајдутски дружини. Некои од таквите дружини и не сакале да примат жена во своите редови. Според Александар Матковски, турските документи покажуваат дека „жената-ајдутка била само исклучок“. Иако се евидентирани по еден или два случаи за ајдутки, почнувајќи од XVII век, сепак нивниот број останал речиси незабележителен во однос на ајдутите. Оттука, и подвигот на Сирма како војвотка на машка чета е уште поголем.
Во такви услови, високи планини, опасности од османлиска војска и качачки банди, воопшто не било лесно да се биде член, а уште помалку да се биде водач на ајдутска дружина. Токму затоа високо ги вреднуваме физичките и психичките особини со кои се карактеризирала Сирма, што впрочем го истакнува и Димитрија Миладинов. Оттаму, сметаме дека на Сирма може да се гледа како на претставничка не само на индивидуалниот хероизам и бунтовничка од ајдутско време туку и како на претставничка на борбениот женски дух во секое време. Таа е неконвенционална (носи машка облека), силна е (натфрла со камен дури седумдесет ајдути), прецизна е (не ѝ затреперува раката во најважниот момент) и има храброст да предводи дружина составена исклучиво од мажи. Името на Сирма Војвода останува да се движи некаде помеѓу митот и реалноста, меѓу вистинската историска и посакуваната романтичарска личност. А важно е да се спомене дека приказните го градат чувството за заедништво.
Д-р Славчо Ковилоски
(продолжува)