Автор на фељтонот е д-р Петре Наковски, родум од селото Крчишта, Костурско, егејскиот дел на Македонија, роден на 17.7.1937 – романсиер и преведувач од полски јазик, публицист и дипломат. Тој бил прв македонски амбасадор во Полска. Десет години бил новинар во весникот „Нова Македонија“. Докторирал на Институтот за политички науки на Вроцлавскиот универзитет во Полска. Автор е на голем број прилози од прозната белетристика и публицистиката во периодиката. Автор е и на мемоарско-социолошкиот труд „Македонските деца во Полска“. Прозата му се одликува со сурова фактографија за трагедијата на Македонците во текот на Граѓанската војна од 1946 до 1949 г. во Грција и со смисла за градба на впечатливи ликови, носители на возбудливи животни приказни. Библиографија: „Постела за чемерните“ (1985), „И каменот е земја“ (1988), „Големата удолница“ (2003), „Големата измама“ (2007), „На пат со времето“ (2010). Добитник е на наградите: „Златно перо“, Награда на полските автори и полските одликувања: „Златен медал за заслуги за полската култура“ и „Златен орден на командоријата“
СИМБОЛИКАТА НА ПРЕСПАНСКИОТ ДОГОВОР (ПРЕСПАНСКИ БОЛЕШТИНИ) (2)
Евгенија, обична, проста, неписмена жена и мајка, натерана да копа ровови и да гради бункери, да пренесува ранети и оружје, застана зад говорницата и со болка во гласот, на својот костурски говор, рече:
– Другари и другарки, драги и мили куманданти и борци на ДАГ, големци на партијата. Ве поздрав’вам свите јаска Евгенија, свите шо сте туа и вас шо сте о планин’те на позиција, и вас шо лежите о болниците де си ги лекувате тешките рани и све шо ви е раносано… ве поздрав’вам јаска Евгенија за која веле дека најмногу ранети има носено и гренди и дрва и камења има клавано и ровои има копано… Ми рекое, така ми рекое, јаска од името на такви како јаска да држам тука лаф, на конгресо, де. Му реку јаска: ами јаска се проста сељанка, од де дур де јаска да држа лаф пред големи људје, пред герои на ДАГ… јаска знам да ора, да жнеа, да меса, к`шча да спастра… Така… Деца јаска изроди и издои. Здрави и големи порастее… Големи, златните, да ми се живи и здрави и вашче, да дај Госпу да се живи и здрави…
Евгенија за миг прекина, погледна на црковниот таван и ѝ се пристори дека оттаму со широко отворени очи ја гледа Христос Седржителот и сакаше да се прекрсти, да се помоли, ама ѝ текна дека Вера вчера ѝ имаше речено:
– Немој, ленда, случајно да се прекрстиш зашто ќе ги навредиш сите комунисти…
И наместо молитва, Евгенија ја голтна грутката што ѝ беше застанала в грло и продолжи:
– Здрави и големи порастее на, дур таму горе порастее и о борбата влегое, а помалите, помалите ми ги… велам се најдве о државите, о тие со… ка се веле… а ха, републиките со народна демократија… Истина е… Две години носам ранети, гренди, копам ровои, ама не се сама. Со мене се многу, свите ка и јаска се со окапани рамена и со фултаци на р`ците и на нозите, ненаспиени и недојадени и жедни и раносани и некои останати таму о Бела Вода, на Мали-Мади, на Лунѕер и на Биковик и на друзите боишча, а многу и надвур од Лерин и о самио Лерин… Сполај му на Госпу Бог и на Богородица, ме сочувае жива и здрава и ету јаска се туа пред вас и ви држа лаф. Ами за шчо да ви говора? Подобро ми е ушче енаш да ви реча да сте живи и здрави, а не да ви говора. За говори има други. Тие подобре знае да говоре отколку да носе гренди и ранети, да копе под бумби и топојте кога грме и мурталезте кога бие…
Вера потскокна и со рацете ѝ даде знак да помине на главното. Евгенија го забележа тоа и почна:
– Па јаска помногу сакам да ме опитвате или подобро јаска да опитвам. Ама прво тоа да ви кажам. Два дена, Вера, другарката шо седи таму о првио ренд, два дена, мене простата, ме учеше како да држам лаф. Ми рече прво и прво и најсетне да го поздравам најголемио, најумнио и нај… – тука Евгенија заборави што беше тоа трето нај… За миг прекинува, размислува, се измачува и не може тоа нај што некако несакана испари ли од нејзината глава… Што беше? Вера даде знак, скоро викна:
– Син, син…
– Така, ету, ми текна… и најголемио син, така де, син, најголем син кој нѐ води од бој до бој за да се биеме… – а Вера од долу избројува на прсти – и од победа до победа и за тоо да ни е здрав и жив и умен за да нѐ води од бој до бој и до…
– Да живее другарот Захаријадис! – силен и продорен глас, некаде од средината на црквата го прекина говорот на Евгенија.
– Захаријадис, Захаријадис, Захаријадис! – грмна црквата, сите застанаа на нозе, долго ракоплескаа и го извикуваа името на најнајсинот.
Евгенија првпат слуша толку громко викање. Се созеде и, кога потстивнаа викањата и ракоплескањата, таа продолжи:
– Да ни е жив и здрав и тој и другите да се живи и здрави. Јаска од туа добро го пуља. Си седи тој мирничко о првио ренд… и ме пули право о очите. И јаска од туа го пуља право о очите и право ќе го опитам…и… и сакам да го опитам, другаро Захаријади. Да го опитам за многу нешча шо ми греде о умо кога на носилка, на черга или на шинел ги носам осакатените момчиња и чупки, некои ми умирве о р`ци, ме моле кога се жедни и гладни, кога не може да оде зашчо му се замрзнати или раносани нозите, тогаш секогаш си веља: каму ли еден ден да го сретнам и да го видам, па да го опитам тој прочуен, умен, храбар, како шо се вели, мил и сакан Захаријади, и да го опитам не само за мене, ами и за многу мајки, шо не се туа, шо се од`нде синорите и шо се по планињето и шо терат пред себе товарена стока да носи горе високо о планињето – ридјето вода и леб и куршуми и бумби преугоре и преудолу ранети и шо закопве уморени и умбрени и шо плаче и шо моле шо си откорнве косма кога шепнешкум одоколу ги поплатва новинта дека му загина чендото, да го опитам: зошчо, бре Захаријади, зошчо ние и дење и ношја да си имме голема страв за чендата, за дома, за берикето, за добитоко, за блиските и најсаканите. Пред нас и зад нас, бре Захаријади, само црнина пулиме, само страв, само трепет ни го стегва срцето, само лошото врти окол нас. Да не реку нешчо лошо? А ти, Веро, оттаму, од долу, не ми покажвај з`мби и доста мрдај со р`ци. Шо ме учеше јаска забораи… жими кресто златен… Остај ме сега да си кажа јаска од срце… болка да излеја, да ми олесни зашчо така ми рекоа и жените… ми рекоа тие, Евгенијо, да не се будалиш кога ќе зборваш пред сите таму на конгресо, туку прао, напрао да кажиш и да опиташ… Све од нас и за нас… И, ету, јаска, туа на конгресо, ка шо ми рекое жените – мајки и вдовици, сакам да кажам све шо се насобра туа о душата и о гр`ндите и о срцето, а не о умо, заш немам ум за да умам ка шо уме големците… од срце и од душа и од болка и од горчина и од чемер истеква мојо лаф… Да не реку нешчо лошо? Ако веља лошо, речите, јаска ќе си зам`лкна и ќе си седна таму долу… реку нешчо лошо?…
Евгенија прекина. Замолкна црквата. Чемрее во вчудовиденост и страв, чиниш уплав ја фати..
– Шо барам, бре Захаријади? – како со нож се пресече тишината, нејзиниот глас небаре грмна во црквата.
– Деците и чупите ги растеме за стопани и стопанки, за зетои и невести, ги учеме нас да нѐ одмене кога ќе си остариме, а вие ни ги собрате, аскери од ними сторите, ги учите да уморве, рофја да ве умори!… Така рече Господ севишен? Така ли? Чупите наши осакатени лежат по болници… некои се без нога, без рака… како ли ќе поведат невестинско оро. А ние за невести ги готвеме… За невести, бре Захаријади, за невести… А сега чупите и деците прерано ни пораснае по планинте и ти, бре Захаријади, и вие, бре, кумандантите шо сте туа, се гордеете со тоо шо тие се аскери, како шо велите – борци, а ние умирваме од страв… лоши новини секој ден не поплатве… Борци, велите, ги направите, нели, шо знае да уморве… Така вели Господ? Така ли? Чупите наши осакатени, бре, Захаријади, како дете – прваче ќе држе, како вода на стар татко и свекор ќе му даде, како по вода на чезма ќе оде? Како стомна ќе држе, како ќе месе, како ќе ткае… На патерици се потпирве, такви виду о Елбасан и таму по другите болници…
Долу, во првиот ред, Вера лудува. Искривува образи, шири очи, покажува со дланки, крши прсти…
– Доста, шепоти таа – доста, кучко, замолкни, пукни, пукни да дај Господ, да онемеш… леле, шо ми стори, леле шо требаше тебе да те изберам, онеми, кучко… – Се заканува таа. А Евгенија само за миг прекина. Одврза црна шамија, се растури врз рамената долгата веќе посивена плетенка. Избриша чело и образи, тешко голтна плунка и со ист глас продолжи да прашува.
– Ами, бре, Захаријади, за тоо ли ги собрате дечките наши за да ги врните па? Па тие дури ниту тонѕина не пораснае, а ги собрате… лошото да ве собери!
Вера потскокна, та придушено викна
– Доста! Слези долу!…
– Не, не Веро, не се тоа душмански лафои… Некни Доновица си го виде сино, одвај наполнети петнаесет годинки… А вие ги собрате дечките и ги врнате туа о Преспа за аскери да и прајте… А што ни велете? Зошчо, бре, Захаријади? Та нели ти ни рече све за победата да дајме, така ни рече. Пошчукаме и дадоме све. Рече свите на оружје и свите сне на нога. Така сториме како шо рече. И празни и пусти ни се селата, о к`шчите наши пајаци пајажини плете… Зошчо, бре, Захаријади? Нели ти рече: дајте за борбата све шо имате. И ние све дадоме. Нели ти рече: на Вичо непријателот да не помини. И ние прајме све за да не помини. Цели ридје и планини изораме, од туа до таму ги прекопаме, гл`мбоко о ними се пикнаме. Ровои и бункери со татуи р`ци ископаме и подигнаме. Нели ти така рече, бре Захаријади, и така направиме. Бункер до бункер, ров до ров, на, до таму, дупки гл`мбоки глас да не се слушне. Кој нашите ќе ги извади оттаму? Не душман – непријател, ами врапче не можи да прелета. Нели ти рече така, та ние така сториме. И чрнина не покри. Види да видиш, бре, Захаријади, дали ќе видиш жена насмеена, жена радосна, жена о бело… О чрно облечени сне свите. Ношја, ка в`лчици, по месечина си ги доиме малечките скриени о шумата и по трапишчата. А потоа чекор по чекор со гренди и камења на рамо – преугоре на Лунѕер, на Бела Вода, на Чука, на Лисец и друзите ридои… На мајките од мака му секна млекото, ама не и чекоро…
И си имме, другар Захаријади, голем страв. Страв – дали денес или утре нема да нѐ поплати и нова чрна новина. Само чрни новини слушаме и чрнина катаден падинва над нас. Реку нешчо лошо? Речите дали реку лошо? Ми рекое говор да држам. Ама јаска не знам говор да држам. Јаска си прикажвам од душа, бре, Захаријади… И ни велите сега дека победата е блиску? Блиску, ама за кого? Кој ќе ја тргни чрнината од нас? Велите победата е блиску, ама додека таа ќе дојди, ќе остани ли некој утре за да родва, за да подигне к`шча од пепел, за да распали огнишче? Огнишчата ни Евгенија прекрсти дланки, преплете прсти, ги стави на угаснае, бре, Захаријади… Шо беме не сне и шо сакаме да сне нема да сне…
Eвгенија прекрсти раце на говорницата, навали чело врз нив и се расплака гласно. Молк во црквата. Се чини дека и ангелите и светците од векови замолкнати, вчудовидени и понижени, поглед заковаа пред себе…
– Шо повеќе да реча, бре Захаријади… Све сториме и сакаме да знаеме зошчо толку лошо нѐ најде? Чрнината, бре Захарјади, ни претежна и ја чекаме победата шо секој ден ни ја ветувате и ни ја носите, а таа пустата победа шо толку е блиска шо сѐ помноту ченда ни зева и о сѐ потешка чрнина нѐ облеква, шо селата до под темел доизгорее… Блиска е, велиш, победата… Ама за кого е блиска? За нас? Дури и темелите од к`шчите ни ги нема, толку се израмнети од тие клети душмани… Блиску е велиш победата, ама кога ќе стигне ќе има ли некој да се радва, да гради, да ора, да сее, да родва, да пее, а? Опитвам: А???! Опитвам… И ми греди да плача… да заплача не само за мене, ами за свите мајки, за свите вдовици, за свите раносани и осакатени… Да заплача, заш туа, туа, таа ги допре градите – туа ме боли… ме стега… ме гуши… Шо ушче да реча? Па да му реча на кумандантите да ни ги чуве чендата и од туа да му реча на чендата кои се горе на позиција: имате многу поклонатие од вашче мајки кои ве проколнве и ве моле: чувајте се деца… да се чувате мили… Госпу Бог и Богородица златна нека ве чуве… Толку од мене…
Автор: Петре Наковски
(продолжува)