Фото: Илустрација: Никола Ристевски, „Нова Македонија“

Македонија во старите книги, патописи, карти, мапи, документи и весници (13)

м-р Никола Ристевски

Градот Кратово, сместен во пазувите на згаснат вулкански кратер, претставува еден од највпечатливите сведоци на македонската историја. Како стратешки важен рударски центар уште од антиката, овој град низ вековите станал крстосница каде што се пресретнувале економската моќ, занаетчиското мајсторство и бунтовниот дух на народот. За неговата специфична архитектура, природна положба и подземно богатство, сведочат голем број патописци, кои, патувајќи низ балканските провинции, останале фасцинирани од неговата уникатност. Записите на личности како Евлија Челеби и Ами Буе не се само обични патокази туку претставуваат драгоцени историски документи што го конзервираат сјајот на средновековното и преродбенско Кратово, нудејќи ни увид во времето кога овој град бил економски и културен столб на регионот.

Евлија Челеби за Кратово

Кратово е град низ кој поминале многу трговци, кираџии, аргати, чорбаџии, војски и патеписци. Неговата древност и природни богатства ги воодушевувале луѓето уште пред многу години, за што сведочат и старите книги и записи. Познатиот патописец минувал во два наврата во… век. За кратовската околина пишува дека во тоа време околните ридови биле полни со ајдути што си имале војводи и не ги почитувале законите на султанот, а за горите на ридовите и планините, дека биле толку високи, што се издигале до небесата. Во книгата „Путопис – одломци о Југословенским земјама“, објавена во Сараево во 1979 година, го читаме преводот на дел од патописот на Евлија Челеби на српскохрватски јазик. Според оваа книга, Евлија Челеби напишал дека името на градот Кратово доаѓало од „кират“, што на арапски значело карат и „ова“, со значење поле – „…името е искривено од изразот кират-ова“. Во преводот на патописот на Евлија Челебија на бугарски јазик, објавен во „Периодическо списание на Българското книжовно дружество в София“ во 1901 година, читаме дека името Кратово произлегува од „к’р“ со значење гора и „ова“ – поле. Во извадок од книга на Јордан Иванов, подолу ќе можете да го прочитате и неговото толкување на патописот на Челеби, според кое, Кратово доаѓало од „карат“ и „ова“. На современ македонски јазик, Кратово е многу близу до „кратер“. Истражувањата за името на овој древен македонски град заслужуваат одделно издание во печатена форма.

Челеби сведочи дека Кратово во 17 век го воодушевило со големиот амам, храмовите, рудниците и старата ковачница.

„Овде постојат две јавни бањи. На Кратовскиот голем амам му нема рамен во цела Румелија. Тој е удобен и пријатен, сличен на Чекур амам во Цариград, Дефтердар-пашин амам во Дамаск и Абидин-пашин амам во Каиро, направен е од големиот неимар Синан…“

Во тоа време – век, чистото сребро се вадело од седум лежишта на сребрена жица, а рајата, вработена во рудникот за сребро, работела деноноќно и била ослободена од давачките што ги има другото население. Уште постоела и старата ковачница, за која Челеби запишал дека во времето на Мурат Четврти биле ковани диреми и динари, пари во кои имало еден грам чисто сребро во осум примероци. Патописецот успеал да зачува неколку ретки примероци од округли акчиња со натпис „Azze nasruhu, duribe fi Kratova“. Градот Кратово имал осумстотини куќи, градени од тврд материјал на приземје и кат, покриени со црвени ќерамиди и снабдувани од „рајски башти“ и жива вода. Месните првенци поради рудникот биле богати и среќни, пишува Челеби. Сите еснафи од тоа време биле застапени во чаршијата, која имала триста и педесет дуќани, а особено била убава казанџиската чаршија, во која од рудникот на бакар, кој се наоѓа во непосредна близина на Кратово, се изработувале бакарни садови какви што немало ни во Босна и Кастомонија, центрите за обработка на бакар во времето на Евлија Челеби. Кратовските бакарни садови биле обливани со чисто злато, кое било „толку убаво што не можело да се опише“.

Патописот потврдува дека градската тврдина порано се наоѓала „на ридовите“, но била разрушена кога Евренос-бег го освојувал Кратово – „за време на владеењето на Бајазит Јилдирим“, кон крајот на 14 век и првите години од 15 век. Во еден стар манастир на кратовската околина и во тоа време „се чувала старата војводска традиција“, а неколку населби биле познати како места за криење на ајдутите. Челеби запишал дека „старата ковачница била запуштена, а рудникот постојано работел“.
Кратово во патописот на Ами Буе

Во книгата „Recuel d’itineraires dans la Turquie d’Europe“ од д-р Ами Буе се собрани маршрутите од „европска Турција“, кои геологот и патописец ги поминал од 1836 до 1838 година. Низ Кратовскиот Регион поминал неколкупати, Страцин се опишува во патописот од Константинопол до Албанија преку Ќустендил и Скопје, а Кратово е опишано во патописот од Крива Паланка (Егри Паланка) до Албанија, кога се движел преку Кратово, Истиб, Монастир и Елбасан.

„Патот од Егри Паланка до Каратова се спушта по Егридере Су (Крива Река), каде што се излегува од тесната долина и се влегува во долината на Страцин. Малку по Таш Ан, кој се наоѓа на тоа место, тргнавме на југозапад, а потоа на југ преку пусти возвишенија, понекаде покриени со мали гори. Требаше постојано да се качуваме и да слегуваме по патот низ ридовите. Највисоките точки кај Каратова се нарекуваат Вуковица, според г-дин Викенел. Патот од Страцин до Кратово врви по источниот крај на планинскиот венец и по мала патека се минува преку дабови гори кои се многу високо над дното на долината…“

Кога Ами Буе поминувал низ Кратово, гратчето било опколено „само со ерозирани порфирни карпи, сиви или сини и оголени“. Тој забележува дека сите гори што биле во непосредна близина одамна исчезнале поради оловните леарници. Запишал дека Кратово му изгледало дека се наоѓа во отворен кратер, а преку котлината минувале три мали потоци, кои преку летото пресушувале. Во градот се наоѓале високите точки за извлекување на среброто од оловото. Ами Буе забележал дека не само мостовите туку и остатоците од старите згради што ги видел, како и рушевините од храмови, сведочеле дека тој „чуден и неправилно поставен град“ е многу древен. Ја разгледал и околината, но го проучил и населението.

„Тие добри луѓе носат замотани бели крпи на главите. Само тие се единствените кои населуваат долини кои сѐ уште се непознати, затоа што се скриени во горите на опширните планини околу Кратово. Жителите на овој дел од Македонија во случај на востание би образувале едно јадро за напад и одбрана, заштитено од дивите планини кои се пресечени од многубројни долини во сите насоки…до сега тие планини биле главното скривалиште на ајдутите…“

Заедно со дел од народот што живеел во Кратово, Ами Буе го посетил Лесновскиот манастир, во кој тогаш живееле игуменот и десет монаси. Живописната природа и природните реткости на овој регион го воодушевиле и се забележани во неговиот голем Зборник со патописи.

Сублимирајќи ги сведоштвата на егзотичниот Исток претставен преку Челеби и на научниот Запад преку Ами Буе се исцртува портретот на Кратово како град на контрасти и место каде што раскошот на златните бакарни садови и моќните кули се судираат со суровата дисциплина на рударскиот живот и непроодните ајдучки планини. Овие патописи потврдуваат дека Кратово никогаш не било само попатна станица туку дестинација што со својата мистичност и богатство изнудувала почит кај секој посетител. Денес, овие записи служат како потсетник на обврската да се зачува автентичноста на овој „жив музеј“, чии улици, мостови и рударски окна сè уште ги чуваат ехото на минатите времиња и вековната македонска традиција.

Од книгите „За овчеполските работи“ и „Зборник за
Свети Николе“

(продолжува)