Македонското револуционерно движење од крајот на 19 и почетокот на 20 век и Илинденското востание како негов највисок дострел се вбројуваат меѓу најобработуваните теми во македонската и бугарската историографија, но и пошироко. Во многубројните трудови посветени на Илинденското востание се обработени разни аспекти, но тоа не значи дека темата е исцрпена или, пак, дека е даден конечен одговор на многу отворени прашања. Иако основните постулати којзнае по кој пат се преповторени и уште на толку начини различно интерпретирани, самиот факт што оваа тема предизвикува голем интерес доволно говори за нејзината актуелност, но и дека има уште многу за истражување, анализирање и толкување. Преку овој прилог кон оваа широка тема не претендираме кон нејзино сестрано разгледување или некаква ревизија на напишаното, ниту пак во панергична форма да ги воспеваме херојството и саможртвата, туку пред сè да се задржиме на некои аспекти како дошло до одлуката за Илинденското востание и на неговите крајни ефекти, но и да укажеме на некои наметнати стереотипи, кои се издигнати на ниво на парадигма и сѐ уште се провлекуваат како такви

ИЛИНДЕНСКОТО ВОСТАНИЕ (3)

Треба да нагласиме дека во овој период задгранични претставници биле: Туше Делииванов и Димитар Стефанов, кои биле под влијание на Делчев, поради што е невозможно тој да не бил во тек со настаните. Од друга страна, од преписката помеѓу ЦК и ЗП од тоа време евидентно е дека Гарванов се интересирал за ставот на бугарската влада во врска со врховистичката провокација, па дури предлагал испраќање специјална делегација до бугарскиот премиер Стојан Данев. Меѓутоа, задграничните претставници во врска со тоа одговориле дека бугарската влада, барем за нив, нема јасно определен став и дека ниту премиерот Данев ниту кој било друг нема да ги отворат картите пред кој било пратеник од Организацијата, од едноставна причина што не сакале да слушаат за неа. Несомнено бугарската влада не сакала да ги отвора картите пред луѓето што биле во конфликт со ВМК на Михајловски и Цончев, зад чија провокација стоел кнезот. Меѓутоа, оваа состојба радикално се променила откако за задгранични претставници биле именувани Христо Матов и Христо Татарчев. Христо Матов веднаш по пристигањето во Софија, пред Ефтим Спространов изјавил дека три четвртини од подготовките во Македонија биле завршени и дека останувала „само последната четвртина, т.е. самото востание“. Матов и Татарчев, сметајќи ја дотогашната принципиелна борба на ТМОРО против врховизмот како политика на самоизолирање, веднаш по пристигнувањето во Софија започнале преговори за помирување со ВМК.
Во тоа имале поддршка од Гарванов, кој инсистирал на помирување по секоја цена, со максимални отстапки од страна на Организацијата, а доколку и тоа не даде резултати, тогаш да тргнат во дефинитивна пресметка со нив. Во меѓувреме, како поткрепа на веќе созреаната атмосфера за востание, дошло и драматичното писмо од Христо Чернопеев и Крсто Асенов од 20 ноември (ст. стил) 1902, кои под притисок на аферите и масовните приведувања во Струмичко побарале веднаш да се прогласи востание. Веднаш потоа, на 29 ноември 1902 година, Гарванов од името на ЦК до задграничните претставници пишува: „Ќе треба да се распоредат сите наши горски сили и уште од сега да навлезат во земјата, да се стокми побрзо динамит и повеќе пушки, та напролет дај боже да си ја испробаме среќата“.

Христо Чернопеев и Јане Сандански

Повик до сите офицери Македонци да ја напуштат службата во бугарската армија

Во средината на декември 1902 година, Христо Татарчев ги известил бугарскиот премиер С. Данев и кнезот Фердинанд дека акциите за претстојната пролет се „неминовни“. Во меѓувреме, на 10/23 декември 1902 година, Цончев упатил повик до сите офицери Македонци и Одринци да ја напуштат службата во бугарската армија за да може да учествуваат во претстојното востание. Останува отворено прашањето дали споменатиов повик од Цончев претставува своевиден притисок врз ТМОРО за прифаќање на неговите услови во преговорите или, пак, притисок во договор со трета страна за изнудување на солунското решение за востание. Во секој случај овој повик се нашол во рацете на Гарванов за време на конгресот, при што го искористил како плашило за притисок врз делегатите. Како и да е, очигледно е дека веќе кон крајот на ноември прашањето за востание за ЦК на чело со Гарванов и за задграничните претставници (Матов и Татарчев) било решено. На Гарванов не му останувало друго освен да ја легализира одлуката преку конгрес.
Прашањето за свикување конгрес не е уредено во ниеден од дотогашните акти на Организацијата. Овој момент намерно го истакнуваме зашто во мемоарската литература, а под нејзино влијание и во историографијата, Солунскиот конгрес од 1903 година најчесто е квалификуван како незаконски и нелегитимен, но останува фактот дека тоа прашање не е регулирано во актите на Организацијата. Очигледно И. Гарванов го искористил статутарниот вакуум за свикување конгрес и, со исклучок на поединци, повикал делегати по своја мера. На 24 декември 1902/6 јануари 1903 година, Иван Гарванов испратил окружно писмо до раководителите на окружните и некои од околиските комитети, како и до задграничното претставништво, со образложение за неиздржливата положба (особено во југозападна Македонија) и повикал делегати за конгрес, кој бил закажан за 2/15 јануари 1903 година. Еднонеделниот период од испраќањето на окружното до денот на одржувањето на конгресот не бил случаен. Во тој временски теснец, физички не било изводливо да се извршат опстојни анализи по окрузите. Од друга страна, некои делегати што биле лично поканети немале време да пристигнат, па затоа го игнорирале конгресот. Впрочем, Гарванов тоа и го посакувал.
Гоце Делчев, кој во тоа време се наоѓал во Софија и кој бил поканет на конгресот, одбил да замине за Солун, истакнувајќи дека прашањето било наметнато од битолчани. Преку окружниот комитет во Одрин лично бил поканет и Михаил Герџиков, но тој одбил да замине за Солун, но затоа пак од таму бил испратен Велко Думев, кој добил инструкции да истакне дека во Одринско не биле подготвени. Серскиот револуционерен округ по добивањето на окружното од ЦК, го информирал Јане Сандански и организирал советување на кое се изјасниле против иницијативата на ЦК и во таа смисла му биле дадени инструкции на единствениот делегат од округот – Лазар Димитров. Слични консултации биле извршени и во Скопје, при што тамошниот делегат Димитар Ганчев добил инструкции да инсистира за одложување на дејствата, барем за една година.
Претседателот на Битолскиот окружен комитет, Анастас Лозанчев, кој бил повикан лично од И. Гарванов, при заминувањето за Солун не се консултирал со никој од војводите и легалните раководители. За разлика од овие окрузи, каде што биле организирани некакви советувања, во Струмичкиот и Солунскиот округ не биле спроведени никакви консултации.

Туше Делииванов

На Солунскиот јануарски конгрес учествувале вкупно 17 делегати

Во поглед на застапеност на делегатите по окрузи, од Серскиот, Битолскиот и Одринскиот округ имало по еден делегат, од Солунскиот четворица, а од Струмичкиот и Скопскиот по двајца. Покрај тоа, на конгресот се нашле Тодор Лазаров и Христо Поп Коцев, двајцата штотуку излезени од затвор, кои не претставувале ниеден округ, ниту институција, па затоа во протоколот од конгресот се претставени како „заслужни дејци по народното дело“. Интересно, на конгресот се нашол и еден делегат од Цариград. Се разбира, тука биле и претставниците на ЦК (Иван Гарванов, Спас Мартинов и Димитар Мирчев). На Солунскиот јануарски конгрес учествувале вкупно 17 делегати.
Македонската историографија е единствена во констатацијата дека, со исклучок на неколку поединци, на конгресот присуствувале второстепени и третостепени личности, при што некои имиња едвај би биле забележани во историјата доколку не бил овој конгрес. Токму поради начинот на свикувањето на конгресот, изборот на делегатите и нивната несразмерност по окрузи, мнозина современици подоцна го довеле во прашање легитимитетот на конгресот. Меѓутоа, на Гарванов не му бил важен легитимитетот на конгресот, туку му бил потребен конгрес што ќе обезбеди легитимитет на одлука за востание. Независно од сите забелешки во поглед на манипулациите при свикувањето на конгресот, останува фактот дека тоа прашање не било регулирано со актите на Организацијата, па, оттука, Гарванов на перфиден начин го искористил овој статутарен вакуум.
Конгресот започнал со работа на 2/15 јануари 1903 година, при што претседател на конгресот бил Иван Гарванов, а секретар Димитар Мирчев. Според протоколот од конгресот, поставувањето на прашањето за востание било мотивирано со: сложената положба во земјата (Македонија) по т.н. Горноџумајско востание; опасноста од нови врховистички обиди за провоцирање востание; опасноста од опустошување и деморализирање нови региони; желбата на некои региони за едно општо советување; и најпосле од „интересот и расположението на европската дипломатија кон нашето народно дело“.
Во прилог на овие наводи, Гарванов пред делегатите го презентирал повикот за востание што бил лиферуван во декември од страна на ВМК, што ги вознемирило сите. За поткрепа на тезата за „поволната“ меѓународна ситуација, Гарванов истакнал дека францускиот конзул во Истанбул наводно се искажал во смисла, доколку во Македонија избие едно движење, таа сигурно ќе добие некакви правдини. Нема сомнение дека оптимистичките тонови за „поволната“ меѓународна ситуација доаѓале од османлиската декемвриска иницијатива за реформи во Македонија и активирањето на дипломатијата во таа смисла. Меѓутоа, Гарванов свесно го избегнал предупредувањето од рускиот министер за надворешни работи, грофот Ламсдорф, до задграничните претставници (Матов и Татарчев), Организацијата да не презема ништо во смисла за востание за да им даде шанси на планираните реформи. Аргументите од Гарванов имаат реална подлога и делумна оправданост.

Автор: проф. д-р Ванчо Ѓорѓиев

(Продолжува)