Македонки што пишуваат и се борат за женските права во 19 и 20 век (3)
Во минатото честопати знаеше да се каже дека во македонската литература од 19 век недостигаат авторки, кои со својот книжевен ангажман оставиле сведоштво за своето постоење и сведоштво за присуството на македонските жени на ова поле. Денес со задоволство можеме да го потврдиме присуството барем на пет-шест македонски авторки што објавиле најмалку барем еден текст на страниците на тогашната периодика.
Соочувајќи се со фактот дека единствените што можеле да состават некаков писмен книжевен текст биле учителките, нашето внимание се концентрираше на поголемите образовни центри во Македонија во 19 век, како Солун, Битола, Прилеп, Охрид, Струга и уште неколку места од кои би можеле да произлезат авторски текстови. Како своевиден исклучок се наметна градот Воден, релативно помал во однос на претходно наброените, од каде што успеавме да пронајдеме дури две авторки: Евтимица Јанчева и, предметот на нашиот интерес, Марија Зрнева.
Ненасловениот текст на Зрнева е објавен на страниците на весникот „Новини“, број 92 од 1898 година. Самата таа е потпишана како: М. Хр. Зрнева. Потпишувањето со иницијал на местото на нејзиното име во голема мера го оневозможи и го отежна дешифрирањето на нејзиниот вистински идентитет. Сепак, позадлабочените истражувања ни открија дека била од градот Воден, дека била родена околу 1880 година, дека присуството на фамилијата Зрневи во Воден е регистрирано во неколку историски извори, дека образованието го стекнала во основно училиште во родниот град, дека незавршената гимназија не ѝ претставувала пречка за стекнување солидно образование и дека, всушност, самата таа била учителка, на што ни укажува и претплатата на списанието за деца и младинци „Македонска звезда“ од 1909 година, под редакторство на штипјанецот Петар Завоев.
Истражувајќи ги обемните томови на тогашната периодика имавме можност уште еднаш да се сретнеме со нејзиното име, овој пат малку порано, на страниците на весникот „Вести“, од 1907 година, во рубриката „Преписки“, каде што се наоѓа следниов запис упатен до Воденската црковно-училишна општина: „Понатаму, листот (весникот – б.м.) за г-ца Марија Зрнева ќе биде за претседателот на општината“. На овој начин, ние веќе ги дознаваме целосното име и презиме на авторката на првиот регистриран македонски текст од жена, од раскажувачки карактер, Марија Зрнева. Нејзиното средно презиме, кратенката „Хр.“, вообичаено се однесувало на името на нејзиниот татко, најверојатно Христо, а оттаму и Христова. Присуството на Марија Зрнева на страниците на печатот го регистрираме во временска рамка од цели 11 години, поради што можеме да го потврдиме нејзиниот интерес кон пишаниот збор.
Текстот што за нашите потреби го именувавме како „Пожар во Воден“ се однесува токму на големиот пожар што го зафатил Ново Маало во градот Воден, при што изгореле осум куќи, а 10 семејства останале без покрив над главата. Со чувство својствено на книжевник, Зрнева го опишала предвечерјето на настанот. Еве што запишала таа на почетокот: „Беше во ноќта, околу 5 часот (по турски). Улиците на градот веќе беа стивнале од дневниот шум, мир и тишина царуваа насекаде, кога наеднаш се слушнаа неколку истрели од пушки. Пред малку мртвите улици бргу оживеаја. Камбаните почнаа да бијат. Внатре, за неколку минути, улиците се преполнија со народ, кој се растрча кон местото од каде што идеа жалните викотници: ‘Оган! Оган!’“.
Ваквиот начин на раскажување на ужасниот настан продолжува и понатаму. Всушност, се чини дека Зрнева како да ги искористила пламените јазици за да ги покаже своите творечки капацитети. Текстот е исполнет со наративни елементи, а јазикот на опишување на настанот е лесен, разговорлив, исполнет со повеќе реторички прашања: „Што да се прави?“, „Што да се прави сега?“, „Кој ќе се осмели да влезе во пламнатата куќа да спаси едно бедно детенце?“, „Кој ќе биде толку великодушен да заборави на себе за сличните?“.
Ако ги погледнеме елементите од кои е составен текстот на Зрнева, во него ги наоѓаме најосновните структурни елементи на книжевниот раскажувачки текст: време и простор, опис и дејство, тематска ролја и ликови, наратор и фокализација. Затоа значењето на оваа објава од Марија Зрнева можеме да го согледаме преку акцентирање на неколку моменти: тоа е првиот регистриран расказ од македонска жена објавен во дневниот печат, потоа со него може да се апострофира појавата на женското раскажувачко творештво, а Марија Зрнева ја означуваме како првата регистрирана македонска раскажувачка, односно авторка на расказ, засега единствен таков во македонската литература.
Славчо Ковилоски
продолжува