Фото: Илустрација: Никола Ристевски, „Нова Македонија“

ФЕЉТОН „ОД МИТРОВДЕН ДО ЃУРЃОВДЕН“ (19)

Интелектуалниот ангажман на Ѓорѓија Пулевски во рамките на македонскиот 19 век претставува пионерски обид за воспоставување сеопфатна национална парадигма, каде што етнографското мапирање служи како основа за политичко и културно осамостојување. Во тој контекст, неговата анализа на специфичните регионални групи не е само обичен опис на народните обичаи туку и стратешко дефинирање на македонскиот идентитетски континуитет. Преку карактеристичниот спој на народното предание и вербата во античкиот супстрат, Пулевски настојува да го докаже автохтонизмот на македонскиот народ, врзувајќи го неговиот опстој за конкретни топоними и историски личности како војводата Пчина.
Пчинците, пак, се дефинираат преку нивната врзаност за реката Пчиња, од која го добиваат своето име. Овој пример јасно ја покажува врската меѓу географијата и етничкиот идентитет. Пулевски ја истакнува и поврзаност на Пчинците со античкиот период, преку фигурата на војводата Пчина и времето на Александар Македонски. Нивната распространетост опфаќа широк простор – од Куманово, Скопје и Кратово до Крива Паланка и Овче Поле. Тоа ги позиционира како значаен фактор во североисточниот и централниот дел на Македонија. Пчинците кај Пулевски добиваат посебно место како дел од македонскиот народ чие име е запечатено во историјата преку ликот на војводата Пчина, кој бил со Александар:
„Заре по пчинсконо име имат и војвода Пчина во историјава, за уште от Велики-Александрово војевање, като ги водил Пчина Пчинците.“
Ова не е само етимолошко објаснување за реката Пчиња туку директно тврдење за воена организација што опстојала од времето на Александар, а нивната суштина останала македонска и староседелска. Пулевски ги смета за нераскинлив дел од „сите македонски сојеви“, кои ја сочинуваат автохтоната маса на народот. Заедно, тие се Македонци староседелци. Тие не се само „племиња“ и „родовски заедници“, туку органски делови на еден народ, кој, како што вели Пулевски, не треба да се „надува со простота“, туку преку учење на сопствената историја и јазик да го обнови сјајот на своето „Велико Александрово“ минато. Нивната свест за продолжување на ова минато е најсилниот бедем против сите надворешни негирања. Најверојатно станува збор за дел од античките пеонски Агријани, кои биле едни од најверните на Александар во неговата фаланга.

Во тој контекст, Пулевски ја проширува својата анализа и кон „македонските граѓани“. Тој ги дефинира како мешавина од различни словенски и други христијански народности, кои сепак се издигнуваат како македонски благородници. Меѓутоа, неговиот став кон нив е критички. Тој укажува дека тие не ја согледуваат својата одговорност за лошата состојба на христијанското население во Македонија. Причината за тоа ја гледа во нивната несоодветна поврзаност со народот во внатрешноста, што довело до губење на доброто име. Оваа критика, како што забележува Блаже Ристовски, треба да се разбере во контекст на времето, кога верските пропаганди, поттикнати од османлискиот систем, почнуваат да добиваат национално-политички карактер. Народот се разделува на спротивставени групи, што ја ослабува неговата внатрешна кохезија. Пулевски, преку оваа критика, всушност упатува повик за обнова на единството и за поправка на колективниот идентитет. Тој смета дека македонските граѓани треба активно да работат на подобрување на своето име и на својата улога во општеството. Пулевски со горчина забележува дека македонските граѓани се „маши за сите лошотии што се наносат на христијансконо насељеније македонско“. Причината за тоа, според него, е нивното оддалечување од сопствениот корен. Пулевски апелира граѓаните „да си поправат името си“, што значи враќање кон заедницата со народот што ја задржал свеста за потеклото и не потклекнал под пропагандите, односно враќање кон изворното македонско староседелство.
Анализата на Мијаците, Брсјаците и Пчинците и другите од македонскиот сој во делото на Пулевски претставува рана форма на етнографска и национална мисла, во која се препознава стремежот за систематизација на македонскиот народ како целина. Овие групи, и покрај своите разлики, се поврзани преку заеднички историски, културен и идентитетски континуитет. Истовремено, критиката кон македонските граѓани ги открива сложеноста на општествените процеси во 19 век и потребата од национално и културно освестување. Во таа смисла, делото на Пулевски не е само опис туку и програма – повик за обединување, просветување и зачувување на историскиот континуитет на македонскиот народ. Согледувањата на Пулевски и неговата остра критика кон тогашното граѓанство ја разоткриваат неговата двојна улога: тој е истовремено и чувар на народната меморија и социјален реформатор. Преку поврзувањето на локалните идентитети во еден „македонски сој“, тој создава идеолошка рамка што треба да послужи како заштита од деструктивните пропаганди и социјалната отуѓеност. Неговиот апел за „поправање на името“ и враќање кон сопствените корени не е само романтичарски копнеж по минатото туку и прагматичен повик за национално единство и морална обнова. Проучувањето на овие сегменти од неговото творештво потврдува дека за Пулевски, македонскиот идентитет не е статична категорија, туку жив, динамичен процес, кој бара постојано учење, самосвест и непоколеблива верност кон сопственото староседелско потекло. Домородни, автохтони, ендопи…

М-р Никола Ристевски

(продолжува)