Жени од Прилеп на почетокот на 20 век

Усното народно творештво е облик на уметничко изразување, кое се изразува преку говорот и претставува најстар начин на практикување на народната книжевност, односно на литературата воопшто. За разлика од писмениот начин на изразување, кој во одреден момент има конечна форма, усната книжевност е подложна на менување во јазикот, метриката и во текстуалниот дел, односно на импровизација. Токму од вештината на импровизирање на народните пејачки, односно од нивниот авторски влог во народните песни зависело и прифаќањето на творбите што понатаму се пренесувале од уста на уста, од колено на колено. Од мноштвото народни поетеси се издвојуваат имињата на: Дафа Цепенкова, Депа Каваева, Дафина од Просеник, Арса Стрезова, Митра Ристова, Парашкева Сирлешчова, Илинка Везенковска, Цвета Мазнаеова, Ѓурѓа Котева и Божана Трпанова. Без разлика на околностите, без разлика на местото и името под кое своевремено биле објавувани, преку нивната интерпретација го откриваме големото македонско духовно богатство и ги откриваме и убавината на македонскиот јазик и неговите убави дијалектни форми. Авторот д-р Славчо Ковилоски работи како научен истражувач во Институтот за македонска литература, автор е на повеќе монографии за македонската културна историја од 19 век, добитник е на државната награда за наука „Гоце Делчев“ и повеќе од една деценија работи на истражувања поврзани со појавата и развојот на македонското женско прашање

Духовното и јазичното богатство во творештвото на македонските народни поетеси (9)

Постојат повеќе регистрирани интерпретаторки на народни умотворби од Прилеп, родниот град на Марко Цепенков, кои поради својот однос кон народното творештво оставиле белег во македонскиот фолклор. Покрај сестрите на Цепенков, Дафа и Зоица, за кои е познато дека биле жени со исклучителни дарби за памтење и пеење, постојат уште две исклучителни поетеси и раскажувачки на кои треба да се обрне внимание.
Првата од нив е Ѓурѓа Котева, која била главниот информатор на Миладиновци од овој град. Во „Предговорот“ на нивниот „Зборник“ има една кратка белешка за неа: „Така и сите почти прилепски (песни – б.м.) една стара жена ги каза“. Според категоризацијата на Миладиновци, нејзините песни најмногу се застапени во старите песни, потоа во свадбарските, лазарските, жетварските, а најмалку во самовилските песни. Нејзиниот квалитет како пејачка особено дошол до израз во старите песни. Според Гане Тодоровски, песната „Ми киниса Свети Петар“ е „една од најубавите во Зборникот на Миладиновци“. Понатаму, Тодоровски додава дека таа е „показ на редок и мајсторски остварен и низ идеја и низ јазична развиореност мотив на моралниот пад кај луѓето“. Инаку, содржината на песната се однесува на желбата на мајката на Свети Петар да дојде во рајот, и покрај сите нејзини лошотилаци. Единствено заложбата на Свети Петар придонела да ѝ се укаже можност да замине во рајот, но повторно, моралниот пад излегува на површина и таа пропаднала во пеколот.
Од другите песни на Котева, кои се одликуваат со поголем уметнички квалитет, ќе ги наведеме песните: „Оро ми играле триста самовили“, „Ангелина и морска самовила“, „Шетал Марко низ гора зелена“, „Јана и Петре“, „Цуцулина и тресопатка“ и „Јана и Ѓуро трговче“. Како главни особини на овие песни ќе ја истакнеме нивната должина, која најчесто изнесувала од 30 до 50 стиха, што укажува на фактот дека Котева не протежирала долги песни; потоа поривот за излегување надвор од познатите шеми на пеење; поетскиот јазик, кој на моменти добива наративна форма, за да му го задржи вниманието на слушателот; како и честото повторување на одредени стихови. Иако малку се знае за нејзиниот живот, според квалитетот на испеаните песни Ѓурѓа Котева спаѓа во групата најистакнати македонски народни пејачки.

Втората интерпретаторка на народни умотворби е Божана (Божа) Трпанова. Неа ја сретнуваме како една од пејачките што му испеала голем број песни на Кузман Шапкарев. Иако се скудни податоците за нејзиниот живот, со сигурност можеме да потврдиме дека за време на запишувањето на песните веќе била во повозрасни години, па затоа Шапкарев ја именувал како „баба“. Исто така, можеме да потврдиме дека кон крајот на животот живеела во бугарскиот град Самоков, каде што Шапкарев ги слушал и ги запишувал нејзините песни испеани „на прилепски говор“.
За разлика од Дафа Цепенкова и Арса Стрезова, кај кои сретнуваме голем број убави љубовни песни и песни со религиозна содржина, интересот на Божана Трпанова бил за песни од митологијата, епиката и историјата, кои наедно биле и најубавите песни што се наоѓале на нејзиниот репертоар. Мошне впечатливи се песните од „Зборникот“ на Шапкарев: „Морска ламја поголтва Марковото дете, а Марко ја распрва и изважда детето си“, „Ѓуро темничарче“, „За разорението на гр. Негош през 1820 год.“ и „Марко Крале и Будински паша“. Како што може да се забележи од насловите на песните, тие се запишани на источните бугарски наречја, додека, пак, содржината на песните е на родниот говор на пејачката – прилепскиот говор.
Во врска со начинот на интерпретација, многу интересна е песната „Богдан Лутица, сестра му Мариа и Харватин војвода или Сестринско коварство или братино отм’штение“. Таа е најдолгата песна што Трпанова му ја испеала на Шапкарев, со 107 стиха, но е недовршена. По последниот стих: „И си појде дома при мајка си!“. Шапкарев оставил белешка: „Но натаму пејачката, кога не можеше да ја продолжи песната во стихови, продолжи да ми ја раскажува во проза и ја доврши како приказна“. Не е наведено зошто Трпанова не можела да ја доврши песната. Можеби како пејачка не била на нивото од, да речеме, Дафина од Просеник. Како една од причините за тоа можеме да ја сметаме и возраста на пејачката, која поради годините веќе не била во состојба подолгите песни да ги интерпретира целосно.

Менувањето на жанрот, од песна во приказна, придонесува за комплетно нов впечаток на восприемање на исказот, иако содржински не се менува ништо. Раскажувањето продолжува на прилепски говор, со повремена употреба на бугарски зборови, за чија употреба сметаме дека е под влијание на околината во која се наоѓала и живеела Трпанова (Самоков, Бугарија) или, пак, дека тоа е редакторска интервенција? Притоа, забележливи се неколку епитети, кои барем малку го поетизираат начинот на интерпретирање: „руса глава“, „рамна рудина“, „сабја кулаклија“, „дробен синджир“ и слично. Како главни карактеристики во пеењето на Божана Трпанова можеме да ги издвоиме: потенцирањето на именките од областа на топографијата и хидрографијата, интересот кон минатото и историските настани и епските песни во кои главна улога имал Крале Марко.
Ѓурѓа Котева и Божана Трпанова потекнуваат од крај во кој многу се негувала народната песнопојна традиција. Благодарение на нив биле зачувани голем број народни песни, приказни и други народни умотворби. Тие се јавуваат како чувари на традицијата, на фолклорот, на мајчиниот јазик и воопшто на народниот дух кај Македонците. Токму затоа, сметаме дека од исклучителна важност е нивните имиња да се споменуваат и да се повторуваат, бидејќи ако ги заборавиме, неповратно ќе изгубиме и дел од јазикот, историјата и, конечно, идентитетот.

Славчо Ковилоски

продолжува