Усното народно творештво е облик на уметничко изразување, кое се изразува преку говорот и претставува најстар начин на практикување на народната книжевност, односно на литературата воопшто. За разлика од писмениот начин на изразување, кој во одреден момент има конечна форма, усната книжевност е подложна на менување во јазикот, метриката и во текстуалниот дел, односно на импровизација. Токму од вештината на импровизирање на народните пејачки, односно од нивниот авторски влог во народните песни зависело и прифаќањето на творбите што понатаму се пренесувале од уста на уста, од колено на колено. Од мноштвото народни поетеси се издвојуваат имињата на: Дафа Цепенкова, Депа Каваева, Дафина од Просеник, Арса Стрезова, Митра Ристова, Парашкева Сирлешчова, Илинка Везенковска, Цвета Мазнеова, Ѓурѓа Котева и Божана Трпанова. Без разлика на околностите, без разлика на местото и името под кое своевремено биле објавувани, преку нивната интерпретација го откриваме големото македонско духовно богатство и ги откриваме и убавината на македонскиот јазик и неговите убави дијалектни форми. Авторот д-р Славчо Ковилоски работи како научен истражувач во Институтот за македонска литература, автор е на повеќе монографии за македонската културна историја од 19 век, добитник е на државната награда за наука „Гоце Делчев“ и повеќе од една деценија работи на истражувања поврзани со појавата и развојот на македонското женско прашање
Духовното и јазичното богатство во творештвото на македонските народни поетеси (8)
Во редот на најистакнатите македонски интерпретаторки на народни умотворби, без сомнение спаѓа и народната поетеса Цвета Мазнеова. Главен извор за животот на Мазнеова се нејзините синови Антон и Христо Поп Стоилови. Според податоците коишто ги запишале тие, можеме да ги извлечеме основните податоци за животните врвици и творечките инспирации на оваа народна пејачка. Така, врз основа на информациите на А. П. Стоилов, дознаваме дека Цвета Мазнеова била родена во 1833 година во селото Логодаж, петнаесетина километри од Горна Џумаја (денес Благоевград), по татко Илкова. Последното споменување на нејзиното име е во 1912 година, што значи дека времето на нејзината смрт треба да го бараме по овој период. Цвета била омажена за свештеникот Стоил Ников од блиското село Лешко, по што го стекнала црковното звање презвитера. Од бракот со Стоил се родиле седум деца, меѓу кои познатите научници Антон и Христо Поп Стоилови, автори на голем број патописи, биографски, фолклористички, лингвистички и критички трудови и записи коишто се однесуваат на горноџумајскиот говор, односно на македонските говори, книжевници, верувања и обичаи. Благодарение на усилбите на семејството, и покрај сите тешкотии, Антон и Христо се стекнале со широка наобразба учејќи најпрво во родното село, а потоа во Дупница, Солун, Софија и во Виена, по што работеле како учители, професори и етнографи во Прилеп, Солун, Битола, Одрин, Цариград, Софија, Пловдив итн.
Се покажало дека нивната мајка Цвета била непресушен извор на песни и приказни, кои уште како мали имале можност да ги слушаат тие, но и целиот горноџумајски крај, бидејќи таа важела за исклучителна пејачка. Во врска со ова, помалиот син Христо го запишал следното: „овие приказни сум ги запишал од мојата многусакана мајка, презвитера Цвета Мазнеова Илкова, уште во 1898 година во моето родно село Лешко (Горноџумајско – Македонија). Од неа сум запишал и многу други разни фолклорни материјали. Тука ѝ ја искажувам својата преголема благодарност бидејќи ми соопштува на драго срце сѐ што ќе ѝ дојде на ум. Мајка ми, на времето, била одлична пејачка во цело горноџумајско“.
Нам во преден план ни се песните што Мазнеова ги пеела. Така, под една песна запишана од А. П. Стоилов се вели: „Слушана од презвитерја Цвета Мазнеова во с. Лешко, м. јули 1891 год. Од таа пејачка на возраст 58 години сум запишал 150 песни“. Овој краток запис ни е доволен да ја извлечеме годината на нејзиното раѓање, но и да дознаеме дека освен приказни, Цвета знаела голем број песни од кои А. П. Стоилов запишал сто и педесет. Најголемиот дел од нив се објавени во двата релативно мали зборници на народни умотворби на Антон, а потоа и на страниците на неколку списанија, меѓу кои „Зборник за народни умотворби, наука и книжнина“, „Лоза“ и други, и тоа во периодот од 1890 до 1912 година.
Забележително е ословувањето на браќата Поп Стоилови, кое постојано го употребувале за нивната мајка. Имено, тие постојано се повикувале на „презвитерја Цвета Мазнеова“, „презвитера Цвета Мазнеова“, „пр. Цвета Мазнеова“, „презвитера Цвета П. Стоилова“ или, пак, „през. Цвета“. Очигледно, титулирањето со презвитера на браќата им значело многу, потенцирајќи го фактот дека потекнуваат од свештеничко семејство.
Најголемиот дел од испеаните песни се јуначки песни, а потоа следуваат битовите песни, песните од политичкиот живот, ороводните песни итн. Што се однесува до метриката, во нејзините пеења доминираат осмерецот и десетерецот, со нагласена нарација, кои најчесто имаат цезура по четвртиот слог и се без припев. При анализата на песните испеани од Мазнеова можеме да извлечеме неколку заклучоци. Најпрво, испеани биле на горноџумајски дијалект, а некои термини што ги употребувала (енишер со значење нов, рушќи со значење остри) биле карактеристични само за Горноџумајско. Понатаму, забележливо е дека во горноџумајскиот, но и во малешевскиот говор на почетокот на зборот х сосема се отфрла, како и во средината кога се наоѓа пред „гласна буква“: рана, леп, убав, кренаа, наместо: храна, хлеб, хубаво, кренаха итн.; акцентот на активниот партицип од женски род еднина секогаш бил на последната самогласка: видéл, останáл, а од женски род еднина на претпоследната самогласка: видéла, останáла итн.; исклучок правеле двосложните партиципи на кои акцентот паѓал на последната самогласка: ошлà, билà итн.
Покрај различните стилски фигури што Мазнеова ги користела (епитети, метафори), интересни се хиперболите („колку са лисје у гора, / Толку арамии в гора“), преку кои го засилувала впечатокот. Очигледно е дека искусната Мазнова знаела да му го задржи вниманието на слушателот и да ја пренесе својата умешност во интерпретирањето на песните.
Ваквата композициска стегнатост на песните ни ја покажува Мазнеова како опитна пејачка, изградена во стилот, можеби и превнимателна во однос на обидите за експериментирање, односно импровизирање на одредени теми и мотиви. Меѓутоа, тоа не треба да го земаме за недостаток, туку едноставно треба да го прифатиме фактот што таа повеќе обрнувала внимание на ритмиката отколку на проширување на поетските и приказничните мотиви.
На сметка на големите заплети (како кај Митра Ристова, на пример) и можностите што народната поезија ги нудела преку големиот број варијанти на еден мотив, интерпретациите на Мазнеова се лесни, певливи, организирани во такт, со креативна инспирација што произлегувала од моментот. Разиграната интерпретација на Цвета Мазнеова во македонскиот и во балканскиот фолклор оставила силен впечаток. Нејзиното име станува синоним за полетност, игривост и возбуда, а употребената терминологија во нејзините творби уште еднаш го потврдува богатството на македонскиот јазик.
продолжува