М-р Никола Ристевски

Мистична Македонија: Музеј под отворено небо

Фељтон на „Нова Македонија“ според документарните серии и филмови на продукцијата „Аристон“ и книгата „Mystical Macedonia: An Open Air Museum“, објавена на „Амазон“ од Никола Ристевски, магистер по маркетинг-менаџмент, публицист и продуцент

  • Добре дојдовте во Македонија, земја на волшебни предели, богата историја и уникатни знаменитости. Во овој фељтон ќе ви ги претставиме природните ресурси, културното наследство и туристичкиот потенцијал на Република Македонија

Овчеполската земја е регион што ретко може да се забележи во книгите на македонски јазик од последните седум децении. Овчеполската Котлина низ вековите останала да се споменува како „Овче Поле“ – простор што административно се намалувал околу населбата Свети Никола. Во постарите книги и извештаи се забележува зачестена употреба на поимите „Овче Поле“, „Овчеполие“, „овчеполски“ и така натаму. Како одделна овчеполска земја е забележана и во повелбите на владетелите од пред еден милениум, а неколку века претходно се споменува како регион во кој имало стара епископија каде што се обновувале срушените храмови. Записите за „Пробата“ и „Пробатон“, полето на овците, замокот и градот „Невсаполис“ (во некои записи „Евсапол“) сведочат за истото значење на Овче Поле низ вековите до почетокот на минатиот милениум. Во римско, северната природна граница на Овчеполието ги одделувала и двете мериди, а во познатиот период од антиката, тоа било границата меѓу Пеонија и Дарданија. Малкуте достапни податоци и записи за дамнешните времиња, дополнети со материјални движни и недвижни наоди и теренски истражувања, покажуваат дека продолжителноста на културата од раниот неолит до раната антика е период што допрва треба да биде истражен соодветно на векот во кој живееме. Топонимот „Овче Поле/Овчо Поле/Овчеполие“ сведочи за погодноста на теренот за одгледување овци, а тоа се должи на климатските услови и природните карактеристики. Овчеполието зафаќа дел од единствената степа во овој дел на Европа, а уште пред неколку века на најголемите пазари на Балканот, овчеполските овци, јагниња и специфичните млеко и сирење што се произведувале овде биле барани од трговците и купувачите. Борбата на пропагандите во 19 век и почетокот на 20 век и текстовите што се достапни од книги, списанија и весници од тоа време ни покажуваат за вештачките, дури и насилни искривувања на вистината за народот што живеел на овчеполската земја. Описите на говорот на народот од различните делови на Овчеполието и неговите традиции и верувања, постепеното бришење на термините „Овче Поле“ и „Овчеполие“ од описите на регионите во овој дел на светот, пропагандното сместување на наводни граници помеѓу соседните земји баш во Овче Поле, заедно со случувањата на овие простори за време на Балканските војни, ни покажуваат за значењето на големото Овчеполие – старото бојно поле, плодородниот регион што е еден од ретките во светот со потенцијал за самоиздржливост.

Фото: „Нова Македонија“

Централна и главна населба на Овчеполието со векови е Свети Николе, гратче што се наоѓа врз старата населба Свети Никола, под чиј слој со сигурност постојат остатоци од постари населби, дури и од претходни цивилизации, кои се недоволно познати за современата наука и во овој век. Географската поставеност на Свети Николе во средишниот дел на Овчеполската Котлина, која се наоѓа точно во центарот на целиот полуостров, заедно со климатските услови, културното наследство и природните ресурси на регионот, му овозможуваат потенцијал за иден економски и еколошки развој, во насока што ќе го задржи како главна населба на Овчеполската Котлина, но и ќе го прошири и ќе го зголеми влијанието на овој град врз целиот Овчеполски Регион, кој има свои засебни природни и културни карактеристики. Информациите содржани во оваа книга се однесуваат за периодот од првите познати записи за населба околу црквата „Свети Никола“, па сè до крајот на 20 век. Можете да прочитате и одбрани информации за подалечното минато на Овчеполието, со цел да биде опфатена сликата за неистраженоста на минатите векови и неколкуте цивилизациски слоеви што се наоѓаат под ова тло. Во вековите од минатото, населбата Свети Никола била рушена, се преместувала, пак се воздигнувала, била бомбардирана и палена, па повторно градена, а целата издржливост низ минатото претставува спомен за постариот култ кон Свети Никола во овој регион, но и за уште постарите народни традиции, верувања и сеќавања од векови за кои немаме доволно информации. И пред познатиот запис за метох на црквата „Свети Никола“ од средновековието, овде постоела населба со големо значење и културна важност. Присуството на многу пронајдоци од разни ери и епохи, кои биле откривани уште со дамнешни градежни зафати во и околу Свети Николе, сведочат дека тука некаде постоела огромна населба и од раната антика. Најверојатно е дека на територијата каде што се наоѓа денешно Свети Николе постојат остатоци не само од средновековна и античка населба, затоа што во пониските делови од градот се откриени артефакти и слоеви земја што откриваат живеалишта дури од далечниот неолит. Сведоштвата од старите книги ни овозможуваат појасен увид во минатото, а тоа секогаш може да ни ја олесни сегашноста и да ни даде упатства за иднината. Информациите за житните култури што се одгледувале во Овчеполието, за старите занаети и дуќани, податоците за начинот на живот, исхраната и живеалиштата на луѓето што живееле овде пред векови, се вистинско културно богатство од минатото на нашиот крај. Податоците за старите чешми, извори на жива вода, лековити води, руди и минерали и многу други природни реткости во Овчеполието се вистинско богатство дадено од природата, кое може и треба да се употреби разумно, соодветно на векот во кој живееме. Стратегиската важност и случувањата во и околу големата Овчеполска Котлина во средновековието, кога се користеле истите патни правци од антиката што понекогаш имале само поместена траса, потврдуваат за продолжителноста на важноста на овој регион низ сите познати ери и епохи на човечката цивилизација.

продолжува

М-р Никола Ристевски

(Авторот е долгогодишен истражувач на македонските природни ресурси и културно наследство)