Сава Михајлов, Јане Сандански и Крсто Асенов

Македонското револуционерно движење од крајот на 19 и почетокот на 20 век и Илинденското востание како негов највисок дострел се вбројуваат меѓу најобработуваните теми во македонската и во бугарската историографија, но и пошироко. Во многубројните трудови посветени на Илинденското востание се обработени разни аспекти, но тоа не значи дека темата е исцрпена или, пак, дека е даден конечен одговор на многу отворени прашања. Иако основните постулати којзнае по кој пат се преповторени и уште на толку начини различно интерпретирани, самиот факт што оваа тема предизвикува голем интерес доволно говори за нејзината актуелност, но и дека има уште многу за истражување, анализирање и толкување. Преку овој прилог кон оваа широка тема не претендираме кон нејзино сестрано разгледување или некаква ревизија на напишаното, ниту пак во панегирична форма да ги воспеваме херојството и саможртвата, туку, пред сè, да се задржиме на некои аспекти како дошло до одлуката за Илинденското востание и на неговите крајни ефекти, но и да укажеме на некои наметнати стереотипи, кои се издигнати на ниво на парадигма и сѐ уште се провлекуваат како такви

ИЛИНДЕНСКОТО ВОСТАНИЕ (4)

Врховистичката закана била факт. Образложението за „поволната“ меѓународна ситуација во конкретниот момент има поткрепа во иницијатива за реформи во Македонија. Од сегашна дистанција, аргументот за „поволната“ меѓународна ситуација можеби нема полна оправданост, но во актуелниот момент тоа изгледало поинаку. Третиот аргумент за неиздржливоста на положбата во некои региони навистина стои, особено ако се имаат предвид севкупните настани од 1902 година и особено барањата на некои раководители (од Битолско и Струмичко) за прогласување востание поради неподносливиот терор и масовните разоружувачки акции што ги спроведувала власта. На забелешките од некои делегати дека нивните региони не биле доволно вооружени, Гарванов не само што ветил дека ќе бидат обезбедени дополнителни количества оружје туку ветил и поддршка од Бугарија, која наводно ќе ѝ објавела војна на Османлиската Империја, доколку востанието издржи барем две седмици.
Тоа го поткрепил со една дописна картичка од бугарскиот воен министер Стефан Паприков, која била адресирана до Борис Сарафов. Во таа смисла настапил и битолскиот делегат Анастас Лозанчев, кој такви ветувања имал од страна на Неделко Колушев (секретар во бугарското трговско агентство во Солун). Аргументите на Гарванов и иницијативата на Лозанчев без многу двоумење биле прифатени од повеќето делегати. Како единствена опозиција на Конгресот истапил серскиот делегат Лазар Димитров, меѓутоа и тој на крајот го прифатил мнението на другите и го потпишал протоколот. Скопскиот делегат Д. Ганчев гласал „за“ само затоа што така гласале другите. На тој начин на 3/16 јануари 1903 година едногласно била изгласана одлука за востание, без да биде прецизиран терминот за негово прогласување. Следниот ден, по кратка дискусија, конгресот решил востанието да биде „повсемесно и стратегиско“. Според ова е евидентно дека конгресистите воопшто не ја разбирале воената тактика. Според некои од учесниците на Конгресот во Солун, меѓу другото, било решено окружните комитети да одржат конгреси за да се произнесат по одлуката за востание, но во протоколот од конгресот нема ниту збор за тоа. Од друга страна, останува фактот дека подоцна такви конгреси се одржале во Битолскиот, Одринскиот и во Серскиот револуционерен округ.
За разлика од Конгресот во Солун, прашањето за востание поопстојно било разгледувано на повеќедневните советувања во Софија, кои биле организирани од страна на Задграничното претставништво по добивањето на иницијалното Окружно од ЦК. На овие советувања учествувале: Христо Татарчев, Христо Матов, Гоце Делчев, Ѓорче Петров, Пере Тошев, Борис Сарафов, Иван Хаџи Николов, Славчо Ковачев, Михаил Герџиков, Сава Михајлов, Кирил Прличев, Туше Делииванов, Димитар Стефанов, Христо Силјанов, Никола Наумов и други. Тие во расправата пошле од информацијата на Гарванов, според која, по врховистичката провокација, османлискиот терор во Македонија станал толку неподнослив, особено во Битолско, каде што можело избувне востание.

На советувањето по прашањето за востание се оформиле две гледишта. Малцинската група, предводена од Матов и Татарчев, безрезервно ја застапувала иницијативата од ЦК за општо востание. Мнозинството предводено од Ѓорче Петров и Гоце Делчев, зад кое застанале сите што учествувале во дотогашната борба против врховизмот, застапувале поинакво гледиште, кое во основа не било против востание, ниту пак за општо востание, какво што заговарал ЦК. Настрана од двете гледишта останал Пере Тошев, под изговор дека не бил доволно запознаен со работите.
Овде ќе потенцираме дека мнозина автори, кои ја застапуваат тезата за предвремено востание, без да ги земаат предвид сите околности и аргументи, врз основа на селективни информации од мемоарската литература конструираат заклучоци дека на советувањето во Софија, всушност, постоеле две остро спротивставени групации при што малцинската била „за“, а мнозинската категорично „против“ востание. Всушност, полемиката на советувањата во Софија во основа била околу карактерот на дејствата. Притоа повеќето учесници признавале дека подготовките не биле доволни, но истовремено поради сложеноста на ситуацијата требало да се промени начинот на дејствување и да се преземе акција. Ѓ. Петров, со поддршка на Г. Делчев, предлагал да се промени дотогашната тактика: од пасивно подготвителна да се помине кон поголема активност со дејства што постепено ќе водат кон востание.
На тој начин да се дојде до „перманентно“ востание, без негово формално објавување. М. Герџиков предлагал иницијатива со терористички акции против османлиските институции и европскиот капитал. Кон овие идеи клонел и Г. Делчев, кој претпочитал борба со најголема економија на силите, бидејќи не бил сигурен откако ќе ги предизвикаат Турците дека ќе предизвикаат и вмешување на европската дипломатија. Истовремено М. Герџиков и В. Антонов инсистирале на дефинитивно расчистување со врховистите и ликвидација на генерал Цончев. За време на советувањата, Делчев се определил за комбинирана примена на четнички дејства со терористички акции. Како човек од акција, Г. Делчев не дочекувајќи го исходот од советувањата, добро обезбеден со експлозивни материјали тргнал со чета за Серскиот округ за на дело да ја демонстрира новата концепција на борбата.

Реално идејата на мнозинството за перманентно востание со терористички акции повторно водела кон востание. Тоа брзо го сфатиле заштитниците на тезата за општо востание. Оттука се дошло до заедничко решение, кое е покриено со терминот „засилени партизански дејствија“. Во таа смисла Ѓ. Петров и Х. Матов требало да го известат ЦК во Солун дека тие не се за општо востание, туку за „партизански дејствија“. Меѓутоа, Конгресот во Солун, не чекајќи го исходот од советувањата во Софија, веќе донел одлука за општо востание. Токму поради тоа, Х. Татарчев, кој бил еден од поддржувачите на идејата за масовно востание, истакнува дека ЦК бидејќи не го дочекал нивното мислење му ја одзел можноста на ЗП да се искаже по толку клучно прашање, поради што многу подоцна конгресот го квалификува како незаконски. Меѓутоа останува фактот дека во актуелниот момент се однесувал поинаку.
Веднаш по конгресот, Гарванов отпатувал во Софија, при што ги информирал учесниците на советувањето дека донесената одлука бил неповратна, бидејќи била разгласена насекаде. Истовремено, И. Гарванов, Х. Матов и Х. Татарчев се сретнале со бугарскиот министер за внатрешни работи Димитар Петков и го запознале со одлуката, а тој, пак, од своја страна им ветил „морална и материјална поткрепа за идното востание“. Со оглед на донесената одлука, кон крајот на јануари четите почнале забрзано да навлегуваат на територијата на Македонија.

Откако прашањето за востание во Македонија било решено однатре, бугарската влада, која врз себе го носела товарот за врховистичката провокација од 1902 година, за да ја избегне секаква одговорноста за претстојните настани во Македонија, но уште повеќе да за да избегне војна со Османлиската Империја, презела повеќе мерки за да се претстави во улога на конструктивен „миротворец“. За таа цел, најпрво на 31.1/13.2 1903 година, Владата донела одлука за административна забрана на ВМК, при што ја конфискувала неговата архива, па дури краткотрајно ги привела Стојан Михајловски и Иван Цончев. Бидејќи овие постапки не биле доволно убедливи пред Османлиската Империја, но и пред големите европски сили, Бугарија била принудена да преземе и други мерки во насока за да ги разубеди водачите на Внатрешната организација да се откажат од намерата за востание.
Во таа смисла на 18.2.1903 година, преку своите претставници во Македонија, било побарано водачите на Организацијата да се откажат од востанието за да им даде шанса на Февруарските реформи, во спротивно им се заканила да не се надеваат на помош од Бугарија. Со содржината на барањето биле запознаени и дипломатските претставници во Софија. Бидејќи ова првично предупредување не предизвикало никаков ефект кај водачите на ТМОРО, по барање од Министерството за надворешни работи на Бугарија, Н. Колушев по две седмици се сретнал А. Лозанчев во Битола и одново побарал да се откажат од востанието и да прекинат со подготовките. Меѓутоа, Колушев тогаш добил одговор дека одлуката за востание била донесена од ЦК во Солун и дека само по негова наредба може да биде отповикана. Притоа постапката на Колушев, но и на бугарската влада, била дочекани со зборовите: „Ние сме Македонци и советите на некаков бугарски министер за нас не вредат ништо“.

Автор: проф. д-р Ванчо Ѓорѓиев

(Продолжува)