Од небесниот комитет на подземна Македонија

ФЕЉТОН: МИСТИЧНА МАКЕДОНИЈА – МУЗЕЈ ПОД ОТВОРЕНО НЕБО

Просторот на Република Македонија, набљудуван низ историјата, претставува еден од најгустите цивилизациски пресеци на европскиот континент. Оваа територија не е само едноставна географска одредница туку сложен културен континуитет, каде што секој почвен слој содржи автентични траги од заедници што активно го обликувале развојот на антиката и средновековието. Фељтонот „Мистична Македонија“ произлегува од неопходноста за промоција на ова наследство, застапувајќи ја тезата дека културното наследство е нераскинливо поврзано со македонскиот идентитет и економски капацитет на државата.
Досегашниот јавен дискурс во голема мера остана фокусиран на манифестните и честопати површни интерпретации на историјата. Притоа, суштинските вредности дефинирани преку длабоката археолошка стратиграфија, специфичните природни ресурси и автентичните локални традиции останаа маргинализирани, туристички и научно недоволно афирмирани и оставени на повремени „проекти“, „иницијативи“ и „планови и програми“. Во ера кога современите технологии нудат софистицирани методи за детекција и анализа, се наметнува императивот за правилна заштита и валоризација на овој „информациски код“. Станува збор за ресурси чија реткост и значење ги надминуваат локалните рамки, позиционирајќи ги како интегрален дел од светското културно и природно наследство. Сепак, за да можеме јасно да го созерцаме потенцијалот на Македонија, треба прво да сме јасни пред самите себе…
„Смени ја формата за да се променат сенките.“
Сè што гледаме се сенки, кои ни се објавуваат во различни густини според одбивањето на светлината од предметот што сакаме да го видиме (мислиме дека го гледаме). Поимањето на светлината сѐ почесто се објавува преку сопствената суета на оној/онаа што се обидува да ја созерца, па, така, човекот ја трансформира во суетлина. Темнината е пределот на непознатото, на неразбирливото, она што и покрај сензациите од петте сетила, сепак не умееме да го видиме. Кога намерата (интенцијата, ниетот) доаѓа од она што навистина е светло – човечката душа, тогаш протокот на информациите е отворен од небо до земја и обратно, па темнината се објавува преку темето и станува теменина. Несвесното дејствува преку потсвесни и канали што се наоѓаат на фреквенции повисоки од нашата овоземска свест, па влијае врз она што колективно го разбираме како свесно, без разлика дали умееме да разбереме, сакаме да поверуваме, дозволуваме да е така, и слични профани човечки желби и посакувања. И самиот збор окултно носи значење на скриено и тајно, па, така, информациите што ни доаѓаат од окултните области на нашиот интерес, со себе носат светлина што понекогаш умее и да го проретчи мракот што ни е наметнат поради колективната игнорантна состојба на свест во која сме заробени.

Населението на Република Македонија бројно е многу помало од населението во речиси сите земји на овој континент. Периодот на независна Република Македонија е време што за повеќето е младо, во однос на старите држави во овој дел од светот. Што ѝ сторија на историјата, па светот заборави на вистината, а искривената сторија стана вистинитост што манипулира со колективната свест? Доколку погледнеме во пописните книги, тапу дефтерите и преостанатите извори на информации за населението на територијата на денешна Република Македонија во последните векови, ќе разбереме дека пред векови, некои култури се произведувале во многу поголемо количество отколку денес, и покрај тоа што тогаш имало помалку народ, а денес имаме современи технологии со кои можеме да работиме – нормално, ако можеме да си ги дозволиме. Не ни требаат обемни научни истражувања за да сфатиме дека постојат, туку за да научиме како да ги зачуваме и употребиме во полза на нас и нашите потомци огромните природни ресурси и благодати што ги имаме на нашата територија. Сите обиди за негирање, поинакво претставување, бришење, менување и какво било лажно манифестирање на историјата ќе останат како спомен за нарачаните стории за нашето минато доколку овозможиме барем дел од она што се крие под земјата да ја види светлината на денот. Живееме на земја под која има таков слој на цивилизации што дури е опасно да се зборува и пишува за дел од нив, камоли да се истражува на начините што денешната наука ги има определено како правилни. Можеби и треба да „дојде вистинскиот ден и ѕвездите да се наредат“, „да се почека додека би било сигурно за какви било активности за откривање на древната подземна Македонија“, „виша сила да реши и некои од нив да почнат да се отвораат сами“, или, пак, треба само со чист ум и ниет да започнеме да веруваме на она што ни е дадено, па да пристапиме кон древноста од состојба во која од минатото би учеле како да се справиме со сегашноста и на кои начини да си обезбедиме достоинствена и мирна иднина.
Озрачени од телевизорите и паметните телефони, станавме толку паметни што забораваме на зраците што живот даваат, па симболите што ни се проектираат од таму го потиснаа влијанието на симболите на природата. Симболите се јазикот на природата. Превезот, мајата, илузијата, ни оневозможуваат да ѕирнеме подлабоко во нивното знаење. Луѓето што ја љубат природата понекогаш и добиваат увиди во мистичната друга страна, но профаните, и покрај трите очи, остануваат ќори, а четвртото – окото на душата им се затвара пред убавината на постоењето. Затоа игнорирањето не е благослов. Она што навистина ни требало, отсекогаш ни било и сѐ уште ни е пред очите. Можеби понекогаш треба и да ни се бодне во очи, за да ни се избистри погледот. Оти вака, само зјапаме без да ѕиркаме и упорно ги менуваме местата на светлината и темнината. Симболите ја имаат моќта да ја откриваат и прикриваат вистината. Секој знак има повеќеслојно значење, а некои симболи објавуваат толку многу нешта, само за да го скријат она што навистина го носат со себе. Така, симболите се езотерични и егзотерични истовремено, а некаде помеѓу е окултното, тајното, скриеното. Дали ќе им поверуваме на знаците што ни се објавуваат и ќе ги разграничиме суетлината и теменината, зависи од самите нас.

Колку ли луѓе живееле на овие простори во илјадниците години пред нас? Колку гробови има под тлото што го газиме? Какви градови, храмови, бунари имале нашите предци? Што е тоа што оневозможува да се отворат цивилизациските слоеви под нас и да почнеме да живееме вистински во сегашноста, а за тоа да ни помогне богатото минато? Човечката ДНК во себе ги носи спомените од минатото. Етерот се згуснува до такви нивоа, што неизбежно е влијанието на вештите вештачки вибрации, но и вишите силни манифестации на колективниот разум. Дали бевме доволно послушни пред природата и ќе бидеме ли умни доколку ни се укаже можност да ѕирнеме во подземното езеро, огромната река Таен Рај, пештерите, тунелите, древните храмови, градови, бунари, ризниците, прастарите патишта…, а гробовите да не ги сквернавиме и да ги зачуваме во чест и спомен на сите оние што битисувале на овие простори.
(од книгата „Имагинариум – Имагинариумот на Доктор СонЅе“)
Прашањето за заштита и промоција на македонското наследство е прашање на стратешка одговорност. Богатите цивилизациски слоеви и природните ресурси што ги поседуваме не се само остатоци од минатото туку и потенцијал што може да ја трансформира културната и економската слика на земјата. За да се оствари тој потенцијал, потребен е свесен и институционален пристап што ќе ги обедини научните факти со современите потреби за туристичка и културна промоција. Вистинското значење на Македонија на европската мапа лежи во нејзината способност да го интегрира древното знаење во функционална иднина. Само преку почитување, соодветно истражување и разумна употреба на културното наследство можеме да изградиме достоинствен пат за новите генерации Македонци…

м-р Никола Ристевски

(продолжува)