Усното народно творештво е облик на уметничко изразување, кое се изразува преку говорот и претставува најстар начин на практикување на народната книжевност, односно на литературата воопшто. За разлика од писмениот начин на изразување, кој во одреден момент има конечна форма, усната книжевност е подложна на менување во јазикот, метриката и во текстуалниот дел, односно на импровизација. Токму од вештината на импровизирање на народните пејачки, односно од нивниот авторски влог во народните песни зависело и прифаќањето на творбите што понатаму се пренесувале од уста на уста, од колено на колено. Од мноштвото народни поетеси се издвојуваат имињата на: Дафа Цепенкова, Депа Каваева, Дафина од Просеник, Арса Стрезова, Митра Ристова, Парашкева Сирлешчова, Илинка Везенковска, Цвета Мазнаеова, Ѓурѓа Котева и Божана Трпанова. Без разлика на околностите, без разлика на местото и името под кое своевремено биле објавувани, преку нивната интерпретација го откриваме големото македонско духовно богатство и ги откриваме и убавината на македонскиот јазик и неговите убави дијалектни форми. Авторот д-р Славчо Ковилоски работи како научен истражувач во Институтот за македонска литература, автор е на повеќе монографии за македонската културна историја од 19 век, добитник е на државната награда за наука „Гоце Делчев“ и повеќе од една деценија работи на истражувања поврзани со појавата и развојот на македонското женско прашање
Една од најдаровитите интерпретаторки на народно творештво била Парашкева Костадин Сирлешчова (Банско, 1823 -?), позната уште и како баба Парашкева или Парешка. Таа, заедно со ќерката Елена Молерова, била главната информаторка на браќата Димитар и Костадин Молерови од Банско. Всушност, на браќата Молерови, Парашкева им била баба, а Елена Молерова им била мајка. Користејќи го фактот што двете биле песнарии и надарени со исклучителен слух, во периодот од 1898 до 1900 година, од нив двајцата браќа запишале богат фолклорен материјал, составен од песни, приказни, различни свадбени и погребни обичаи, обичаи за Велигден, за Митровден, повеќе записи за народната медицина, домот, облеката, детски игри, демонологијата, народната метеорологија итн. Собраните материјали во посебен зборник биле објавени дури по повеќе од половина век, во 1955 година. Притоа, може да се забележи дека на Парашкева и Елена отпаѓаат повеќе од 90 отсто од материјалите, од вкупно објавените 487 песни и 85 приказни, што претставува извонредно значаен податок, пред сѐ, поради памтењето, знаењето и умешноста во интерпретирањето на народните умотворби. Од Парашкева учела нејзината ќерка Елена. За време на запишувањето на фолклорните материјали во 1898 година, Парашкева имала 75 години, со што можеме да го дознаеме времето на нејзиното раѓање: 1823 година. Починала на 85-годишна возраст, во април 1908 година.
Во зборникот особено се чувствува креативниот дух на Парашкева. Родена како Парашкева Тодева, во големата и позната фамилија Тодеви од Банско, од татко Костадин и мајка Милана. Целиот живот го поминала во родниот град. Таткото Костадин, или познат уште и како Ласко, бил трговец, додека за мајката Милана е забележано дека била „мајка на народниот водач Кир-Благо (Тодев)“. Станува збор за братот на Парашкева, Благо Тодев (1820-1862), познат во народните песни како водач на ајдутска чета што разбила и уништила една турска банда во Пиринско. Малку подоцна Благо бил фатен од властите и жестоко измачуван, но бил ослободен со голем откуп. Поради разнишаното здравје, набрзо починал, по што бил закопан во дворот на црквата „Света Троица“. Покрај Благо, Парашкева имала уште еден брат, Никола Тодев, за кого се знае дека го наследил трговскиот занает од татка си, создавајќи трговски претставништва во Сер, Kавала и Виена. Некое време ја извршувал и функцијата пратеник во Отоманскиот парламент.
Позната е една случка што оставила силен белег во душата на Парашкева, а се однесува на крџалиски напад на куќата на нејзината мајка Милана. Настанот се случил по смртта на татко ѝ Ласко во Серез, а во отсуство на нејзините браќа Благо и Никола, кои склучувале некакви трговски зделки далеку од Банско. Разбојниците успеале да влезат во куќата на Милана, но сестрите на Парашкева, 13-годишната Ката и поголемата Сандра, успеале да се скријат. Ката се скрила на таванот, по што скокнала на блиското буниште. Оттука се упатила кај својата сестра Парашкева, која веќе била мажена за Костадин Сирлешчов. Штом разбрал за неволјата, Костадин собрал поголема група луѓе вооружени со пушки и сабји и се упатиле кон куќата на Милана. Слушајќи го доаѓањето на разлутените бансаклии, разбојниците ја удриле Милана силно по вратот со јатаган и избегале. Таа преживеала, но разбојниците иако биле откриени и фатени, набрзо биле пуштени на слобода.
Иако била неписмена, таа имала исклучителен поетски усет, за што со воодушевување пишувале нејзините внуци, браќата Димитар и Костадин. Покрај песни и приказни, Парашкева знаела многу гатанки, пословици и легенди, но од особено значење биле нејзините сведоштва за секојдневниот живот и развојот на родното место Банско. Во нејзиниот репертоар, според класификацијата на Молерови, влегувале: митски и легендарни песни, јуначки, арамиски, историски, трудови, љубовни, семејни и разни други песни. Од нив, најмногу се пронаоѓала во љубовните и семејните песни, кои се и најмногубројни. За разлика од писмениот начин на изразување, кој во одреден момент има конечна форма, усната книжевност е подложна на менување во јазикот, метриката и во текстуалниот дел, односно на импровизација. Во овој сегмент, Сирлешчова била еден од врвните мајстори на зборот.
Ова нѐ доведува до јазикот на баба Парашкева Сирлешчова. Така, Божидар Видоески утврдува дека банскиот говор е дел од разлошкиот говор, кој припаѓа на поголемата група серско-драмски говори, со свои специфики. Во таа смисла, од исклучително значење е речничкиот материјал на банскиот говор т.е. лексичките дијалектизми на баба Парашкева (фонетски, зборообразувачки, семантички дијалектизми и друго). Исто така, песните и преданијата раскажани од нејзина страна претставуваат и основа за истражување на фонетиката и фонологијата, морфологијата и синтаксата на банскиот говор, за кој впрочем е изработена и посебна монографија.
Како особен куриозитет ќе го забележиме стравот на баба Парашкева од споменувањето змејови и самовили. Имено, во 1898 година таа не довршила две песни, иако го знаела нивниот крај. Станува збор за песните: „Свекрва маѓосница“ и „Бездетна добива дете (II)“. На крајот од песните, Молерови оставиле белешки дека „никако не ѝ е пријатно да зборува за змејови и самовили, бидејќи, кој ги спомнува, при него налетуваат“. Нејзиното објаснување за овие суштества било: „змејовите се како ѓаволи“, па и тие не требало да се споменуваат.
Во однос на музикалноста на баба Парашкева и нејзиното чувство за метрика, пак, ќе наведеме неколку примери што ги забележале и браќата Молерови. Тие известуваат дека во еден случај, нејзините внуци неправилно запишале неколку стихови: „Нèда вòда наливàла, / наливàла и разливàла, / над водàта се огледàла“, при што првиот стих содржи 8 слога со цезура, која го дели на ритмични делови – 4:4. Такви треба да бидат и другите стихови, но вториот содржел 9 слога со цезура 4:5, а третиот со цезура 5:4. Таа веднаш интервенирала со зборовите: „Така не може да се дели, не може да се пее, туку треба така: Нèда вòда наливàла, (4:4) / наливàла, разливàла, (4:4) / над водà се огледàла (4:4)“. Во друга пригода, пак, забележувајќи нерамномерност на стиховите во бројот на слоговите, Парашкева ја препеала песната, и тоа со употреба на рима.
Парашкева Сирлешчова е необична македонска жена од XIX век, која ги знаела адетите и семејните истории не само на својата туку и на повеќе фамилии од родниот крај, а се повикувала и се потчинувала на обичајното право. Таа поседувала исклучителен поетски талент, својствен само за духовно богатите личности во кои мимесата играла значајна улога. Естетизирањето на стиховите, примената на очудувањето и важноста на звукот и мелодијата во нејзиното поетско творештво покажуваат дека и во затворените патријархални заедници можеле да виреат поетски души.
Славчо Ковилоски
продолжува